Фокус – Интервју со Талат Џафери
Сагата со Зврлевски, како што деновиве кажа некој, конечно дојде до својот крај, а најновиот број на Фокус донесува интервју со претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој за по одморите најавува нов пристап кон блокадите во Собранието. „По природа сум доста трпелив и можам да го ислушам сето она што е во рамки на дебатата. Оставив одредено време и граѓаните да гледаат и да сфатат дека оваа работа не води никаде“, вели покрај другото првиот собраниски спикер во интервјуто за неделникот.
Во друг текст, Фокус го анализира „циркусот во Собранието, што деновиве се одвиваше пред очите на јавноста“ и што го претскажува она што многумина го очекуваа од ВМРО-ДПМНЕ – да блокира голем број собраниски процедури. Фокус поставува и неколку прашања: Дали оваа тактика, освен за смената на обвинителот Марко Зврлевски ќе стане практика и за понатамошните одлуки што ќе се носат во Собранието? И ќе биде ли парламентот повторно блокиран со бескрајни реплики, цитирање поезија и злоупотреба на Деловникот? Консултираните аналитичари и експерти во Фокус сметаат дека итно се потребни допрецизирање и автентично толкување на Деловникот на Собранието за да се избегнат натамошните блокади.
Капитал – 10 препораки за поддршка на извозните компании
Во својата главна тема, најновото издание на Капитал ги пренесува 10-те препораки кои како мерки може да ги примени државата со што ќе им помогне на домашните извозни компании, затоа што „целата државна политика во изминативе години беше фокусирана на економски развој базиран исклучиво на странските инвестиции, додека домашните извозни компании како да беа ставени настрана од тие развојни политики“, пишува неделникот. Од консултираните менаџери на видни македонски компании Капитал ги сублимира следниве мерки: како прво, подобрување на патната и железничката инфраструктура, потоа гасификација на индустриските објекти, создавање модел и методологија за субвенционирање на производството за извоз, па поддршка од МБПР во делот на осигурување на побарувањата, потоа субвенции за промоција и настап на саеми во странство, даночни ослободувања за нови технологии, склучување договори за користење на европски фондови за набавка на нова опрема и технологија, мерки за стимулирање на партнерство меѓу странски инвеститори и домашните компании, потпишување договори за слободна трговија со што повеќе земји, како и договори за ослободување од двојно оданочување и поголема ефикасност на царинските испостави. Капитал потсетува и на ветувањата на вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, дека Владата ќе ги поддржи сите компании кои сакаат да извезуваат и да се шират во странство, затоа што „преку извозот или со купување фабрика во други држави, компаниите го купуваат и пазарот“.