Достапни линкови

Македонија на прагот на политичка криза


Деловник на Собрание на Македонија
Деловник на Собрание на Македонија

Маратонски собраниски седници без суштинска дебата, реплики и контрареплики на опозицијата и тензична атмосфера, е секојдневната слика во Собранието. Политичките аналитичари сметаат дека ова е во функција на забавување на промените.

Опозициската блокада на промените во Собранието не значи нова политичка криза, или во најмала рака е рано за да се зборува за такво нешто, велат аналитичарите. Тие велат дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ тешко дека може да доведе до нова политичка криза, затоа што во основа пратениците ги користат деловничките права.

Според аналитичарот Алајдин Демири, опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжува со блокади само со намален капацитет, затоа што повеќе ги нема министерските позиции и таканаречените бранители на улицата, сега само Парламентот им останува за блокирање и забавување на суштествените промени.

„Сега овој намален капацитет останува само во Парламентот, тука проблемот може да се одолговлечи до бескрајност. Прашањето е дали новата власт има нерви и трпение да ги остави тие да се изглупираат и да ја истераат својата работа до крај или да се обидaт да најдат начин да се справат со тоа. Тие нашле едно демократско делување – ќе се правиме глупи, ама тоа не е демократија. Јас мислам дека власта треба под итно да го промени правилникот за работа за да ѝ се најде лек на оваа лудорија“, вели Демири.

Тој објаснува дека е потребна измена на Деловникот во делот на ограничен дискусии, во делот на реплики и прекинување на бесмислените контрареплики. Ваквото однесување на опозицијата е во функција ништо да не се смени до локалните избори, смета Демири.

Од друга страна, пак, професор Никола Дујовски вели дека оваа опозиција ги користи можностите од Деловникот, а власта не брза да го разреши Јавниот обвинител. Тој објаснува дека односот на власта е сосема поинаков позитивен пристап кој овозможува да се дискутира и опозицијата слободно да ги користи деловничките права, но во најмала рака значи само закочување на работата на институциите.

„Тоа е начинот на кој пратениците од опозицијата ќе се обидуваат да ги спречат промените во општеството, меѓутоа од таквото однесување најмногу ќе изгубат тие. Граѓаните секој ден гледаат што се случува и на сите ни е јасно дека не станува збор за заштита на некој врвен обвинител, туку за заштита на човекот кој што го брани криминалот во општеството. Затоа што токму тие ќе бидат сериозно засегнати од промените во јавното обвинителство и во судството“, објаснува Дујовски.

Однесувањето на опозицијата е во рамки на Деловникот, сите можности кои им ги нуди ги искористија, направија 10 пратенички групи, бараат чести паузи, и во оваа ситуација е тешко да се изнајде решение, затоа што тие ги користат правата од Деловникот, се додека не созреат условите, односно додека не се исцрпи таа дискусија, вели Дујовски.

„Можеби е сè уште рано, а можеби се созреани условите да размислуваме за предвремени парламентарни избори. Во улога кога ВМРО-ДПМНЕ ќе биде ослабнато дополнително, нема да имаат можност да ги прават ваквите работи, можеби тоа е едно од решенијата“, вели тој.

Демири вели дека во секоја ситуација странската помош е добредојдена, но нашето искуство покажува дека во вакви ситуации не е одлучувачка, затоа што опозицијата што ќе науми тоа ќе направи.

„Кога тие решиле така, одат, нема што да прават странците, тие повторно ќе прават тоа што наумиле. Сето ова е за ништо да не се смени“, вели Демири.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG