Фокус - Деструктивна Партија за Мафијашко Незаконско Единство
„Деструктивна Партија за Мафијашко Незаконско Единство“ – носи наслов уводникот во најновиот Фокус, за кој авторката на текстот објаснува дека на ова ја потсетува кратенката ДПМНЕ поради „разните керефеки од деструктивен маштаб во парламентот во битката за Зврлевски“. Па додава дека сега партијата се прославила со уште еден рекорд за Гинис, повеќе куриозитет, затоа што „нема со кого да се натпреварува на тоа поле. Нема ни сто дена од новата влада, а таа бомбардира со интерпелации“. Фокус им честита на сите министри што, покрај Николовски, Царовска, Димитров и на крај Тевдовски, ќе се закитат со интерпелација од ДПМНЕ. „Да те прогласат груевци за несалам, тоа е сигурен знак дека си на вистинскиот европски пат“, заклучува авторката на воведната колумна во Фокус.
Капитал – Најголеми предизвици на човештвото во наредните децении
Од двобројот на Капитал – за најголемите предизвици со кои ќе се соочи човештвото во следните неколку децении, неделникот го пренесува реномираниот интернет портал БиБиСи фјучер (BBC Future) кој го претставува својот поглед во овој аспект од иднината, имајќи предвид до што би можеле да доведат тенденциите што ги гледаме денес. Па на прво место ја става генетската модификација на луѓе со промена на нивната ДНК, со цел болестите како ракот да станат минато. Следува населението што е сè повозрасно, градови потопени од морињата, уште поголемата еволуција на социјалните мрежи, намалувањето на ресурсите, засилувањето на интелектот, доминацијата на вештачката интелигенција во нашите животи... БиБиСи фјучер предвидува и нови геополитички тензии, независно од тоа дали се зборува за непредвидливата Северна Кореја, за тешката положба на сириските бегалци или за процесот на напуштање на ЕУ од страна на Велика Британија.