Достапни линкови

Расправа за интерпелaциите најбрзо по две недели


Бранејќи го јавниот обвинител Марко Зврлевски, ВМРО-ДПМНЕ вели дека во предизборниот период не може да се разрешуваат функционери. Во исто време оваа партија поднесе интерпелација за тројца министри во владата и тоа пред истекот на 100 дена на функцијата.

Иако опозицијата во Парламентот предложи интерпелација за работата на тројца министри, со оглед на пропишаните рокови, расправата за одговорноста на министрите за труд и социјална политика, надворешни работи и земјоделство и шумарство, против кои е покренат тој процес, може да се очекува најрано за еден месец.

Според деловникот, оној функционер за кого е поднесена интерпелацијата има право од поднесувањето на интерпелацијата за 15 дена да изготви свој одговор кој исто така ќе им биде поделен на пратениците.

А потоа може да биде закажана седница во нормален рок, обично од две недели за разгледување на интерпелацијата“, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

Тој објаснува дека поради поднесените интерпелации не се одложуваат други седници. Седниците на кои се расправа за разрешување траат еден ден.

Експертите коментираат дека е невообичаено да се поднесуваат барања за разрешувања на министри во првите 100 дена од работата на Владата, а ваквите постапки им ги припишуваат исклучиво на локалните избори кои се распишани во октомври. Според нив, всушност пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и не бараат некоја одговорност, туку клучно им е да ги одолговлекуваат и блокираат седниците во Парламентот.

„ВМРО-ДПМНЕ во овој период истапува нервозно, сакајќи да се прикаже како силна опозиција. Покренување интерпелација кога уште не се истечени 100 дена воопшто не е етично. Треба да почекаат актуелната влада да испорача резултати и на тие резултати ако имаат поинакви мислења, тогаш да ги изложат во Собрание. Сега не е на место една ваква офанзива која повеќе ја попречува работата на Собранието, но и на сите институции, отколку што помага јавноста и граѓаните да добијат алтернативни опции за актуелните прашања“, вели аналитичарот Насер Зибери.

Инаку, до поднесувањето на интерпелациите доаѓа во ситуација кога седницата на чиј дневен ред е разрешувањето на Зврлевски е започната на почетокот на минатиот месец и сè уште трае.

Зибери коментира дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со нивните постапки за одолговлекување на дискусијата имаат намера по секоја цена да ги блокираат реформите.

„Очигледно е дека е во интерес да не се разреши Зврлевски и сигурно да не им се остави можност простор и услови на актуелното парламентарно мнозинство да се покаже пред граѓаните зашто некои мерки кои ги презедоа во овој краток период како што е укинување на екстерното тестирање и низа други меки како постигнувањето договор со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ го доживува како удар за нивните политики кои не дадоа резултат“, вели Зибери.

ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, ги предлага интерпелциите затоа што се уверени дека се потпишуваат штетни договори и не се решаваат проблемите како што е справувањето со пожарите. Особено им пречи договорот што Македонија го потпиша со Бугарија, и тоа што еден од министрите не ги консултирал граѓаните и општините за Стратегијата за бегалци.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG