Достапни линкови

Без независен Јавен обвинител нема независно судство


Собранието расправа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски
Собранието расправа за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски

Јавниот обвинител има широки овластувања кои може да бидат злоупотребени ,велат правните експерти и додаваат дека без независно обинителство нема реформи во судството.

Реформите во правосудството во Македонија мора да го решат прашањето на создавање јавно обвинителство независно од политичкото влијание зашто без тоа се заканува опасност реформите да влезат во ќорсокак, велат правните експерти. Изразувајќи остри критики на сметка на актуелниот обвинител Марко Зврлевски, тие велат дека политички независното и непристрасно правосудство го вклучува и обвинителството.

Поранешната судијка во европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска вели дека јавниот обвинител може многу да ја попречува работата на судството зашто целосно учествува во изведување на истрагите и оти тука може да преземе чекори кои може да ја кочат работата

„Понатаму во делот на притворите, исто така во делот на предлозите во делот на времето кога треба да се чека одговор на неговите барања и после понатаму во текот на целокупната постапка. Прво во делот на она што значи оформување на обвинителен акт, предлог и понатаму во текот на судската постапка. Дадени се можности и на обвинителот како на странка да остварува свои права и тие можности не се однесуваат на злоупотреба на тие права, но ние за жал се соочивме со и со тој проблем“, вели Николовска.

Професор Мерсин Максути вели дека Обвинителството со години наназад доживеа многу измени, но дека не се успеа да се направи квалитетен реизибор на судии и обвинители. Честите реизбори на судии создаваа нови притисоци, вели тој, додавајќи дека главниот проблем е што политиката не успеа да се воздржи судството да го земе под свое влијание.

„Најголемата пречка е во избирањето на обвинителите и на судиите. Политиката да престане да има влијание врз нивните именувања и да видиме каде е одговорноста. Потребни се првенствено реформи и во Судскиот совет и во Советот на Јавните обвинители и овие институции да носат одговорност за именувањата и разрешувањата што ги прават и кон судиите и кон јавните обвинители“, вели Максути.

Николовска нагласува дека е важно актуелниот обвинител итно да биде разрешен за да може понатаму да се води постапка околу евентуално именување и избор на друг обвинител.

„Кој непречено ќе се однесува и ќе овозможува да се тераат работите коишто се прво во текот на истрагата, а понатаму и во текот на судењето. Ние за жал се соочивме со една голема пасивност од страна на овој обвинител што е нешто недозволиво“, вели Николовска.

Максути наведува дека иако во судството има многу проблеми, тоа не смее да ги спречи и забави реформите во правосудството. Според него, клучот на промените во правосудството е оспособување на Обвинителството да биде гарант на самостојност и независност на судиите.

„ЈО беше целосно под диктат на политичкото влијание. Јавниот обвинител е избран врз политичка база и мора да се смени. Еднаш засекогаш во Македонија треба да престане тоа политиката да влијае врз судството, а реформите треба да опфатат широк обем на институции“, вели Максути.

Тој заклучува дека неопходно е на јавните обвинители да им се овозможи да работат независно и да се бираат на независен начин.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG