Достапни линкови

Без слободно судство нема враќање на украдените пари


Мерката конфискација е неоправдано запоставена во судската практика. Досега само на еден политичар му е одземен имот. Владата ќе подготвува нова стратегија, а познавачите велат дека на тој начин ќе се врати довербата во институциите.

Досега му е конфискуван имот само на еден политичар, на Љубе Бошкоски. Запленет или замрзнат имот имало и во други случи за спорна приватизација и во случаи во кои обвинети биле лекари, поранешен градоначалник, разузнавач, но многу големи случаи останале без разрешница. Познавачите проблемот го лоцираат во тоа што оваа мерка е неправедно запоставена во судската практика.

Владата ќе подготвува стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот. Со оглед на тоа што оваа стратегија е дел од агендата на Планот 3-6-9, Владата ги задолжи министерствата за правда и за финансии (Управа за јавни приходи, Царинска управа, Управа за финансиска полиција; Управа за финансиско разузнавање), да достават номинации за членови на работна група за изготвување на стратегијата, соопшти владината служба за информирање.

Сега е моментот државата преку институционални механизми да го врати имотот кој е украден. На тој начин ќе се врати и довербата во институциите, вели професор Беса Кадриу. Таа објаснува дека и судството има голем улога во целиот процес.

„Пред сè треба да се ослободат од политичкото влијание, за да не дејствуваат под политички околности и истовремено да имаат можност да ги преземат одредените мерки, вклучително и конфискувањето на имотот“, вели Кадриу.

Со конфискација се одзема имот, пари, хартии од вредност, депозити, предмети кои сторителот ги стекнал со кривично дело. Ако не е можна нивната конфискација, тогаш од сторителот може да се одземе и друг имот кој одговара на вредноста на прибавениот имот со кривично дело или на штетата што треба да се исплати. Конфискацијата се применува и кон трето лице, за кое е остварен таков имот, како и кон лице на кое е пренесен имотот без соодветен противнадомест.

Досега во неколку случаи им е запленет или замрзнат имот на осомничени за криминал. Па така им е запленет имот на осудените во случајот Бачило, виновните за приватизацијата на ЕМО, Славија, Бисерка, ОХИС, Народна банка, дел од имотот на Агроплод. Од политичарите, одземен му беше имот единствено на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, кој беше осуден за злоупотреба на службената должност. Понатаму, одземен му е имот и на поранешниот разузнавач Слободан Богоески, на адвокати, лекари, поранешни градоначалници. Но и многу крупни случаи остана без разрешница, како ТАТ, Телеком, случајот со Методија Смиленски за Експорт Импорт Банка...

Од случаите на СЈО - замрзнат имотот само на Кочан

Темата конфискација на имот стана актуелна со случаите на СЈО, а беше употребувана и во предизборниот период на парламентарните избори. Специјалната обвинителка Катица Јанева по стапувањето на функцијата најави дека ќе се обиде да ги врати во државата парите за кои постои сомнение дека се украдени. Уште тогаш аналитичарите изразија поделени ставови околу реалните шанси за вакво нешто. СЈО побара замрзнување на имот во случајот Транспортер во кој е обвинет битолскиот градоначалник Владимир Талески, во случајот Талир со имотот на ВМРО-ДПМНЕ, во случајот Триста, за набавка на полициски возила, но судот им ги одби барањата. Единствено по барање на СЈО е замрзнат имотот на компанијата Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот Труст на СЈО.

Криминалот не се исплатува?

Академик Владо Камбовски и м-р Бобан Мисоски во заедничкото образложение за кривично – правните аспекти на конфискацијата на имотот, меѓу другото наведуваат дека доследната примена на ова мерка го чинат реално предупредувањето дека „криминалот не се исплатува“. Во нивното образложение се наведува дека причините за неприменување на мерката конфискација може да се лоцираат во недоволно конзистентните законски решенија и од друга страна во избегнувањето на судовите да се впуштаат во постапката на утврдување на имотната корист поради слабата подготовка на тој дел од обвиненијата.

Имотната корист ја утврдува по службена должност судот кој утврдил дека обвинетиот сторил кривично дело. Потоа Агенцијата за управување со одземен имот управува, менаџира со конфискуваниот имот, имотна корист и одземените предмети во кривична и прекршочна постапка. Агенцијата го чува имотот, а потоа го продава по пат на електронска лицитација, а парите од продажбата одат во буџетот на Република Македонија.

Конфискација е неоправдано запоставена

Се конфискува имот кој сторителот го стекнал во определен разумен рок пред сторување на делото, но најдолго пет години пред неговото извршување. Јавниот обвинител е должен да докаже дека некој имот е противправно стекнат, па тој е должен да собира докази, да предлага привремени мерки, да бара од судијата да се блокираат банкарски сметки, следење на банкарски трансакции, платен промет. Конфискацијата се спроведува во рок од 30 дена од правосилноста на судската одлука.

Познавачите на оваа проблематика велат дека мерката конфискација е неоправдано запоставена во судската практика, а бројот на изречени конфискации е незначителен во однос на процесуираните случаи за прибавен имот и имотна корист со кривично дело.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG