Да беше во индиска серија, јавниот обвинител Марко Зврлевски веројатно ќе беше сменет дури по мажењето на „Малечката невеста“, што би рекле некои пратеници од опозицијата кои трпението на народот го поистоветија со гледањето индиски серии.
„Колешке Дафина, нашите граѓани сакаат да гледаат индиски, шпански и турски серии, па не им е проблем да не следат и нас“, рече пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе од две недели, пратениците од опозицијата, со бесконечни меѓусебни реплики и контрареплики, често на тема што нема врска со јавниот обвинител, па дури и со читање поезија ја одолговлекуваат седницата. Тие сметаат дека е противзаконски Зврлевски да биде разрешен по распишувањето на локалните избори. Владејачкото мнозинство се откажа од дебатите во парламентот за да ја забрза процедурата. Опозицијата, пак е уверена дека граѓаните се кондиционо спремни за маратонска седница, па пратеникот Димитар Стевананџија ја искористи собраниската говорница за да ги покаже своите рецитаторски вештини.
„О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик -
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик“, рече Стевананџија.
Сепак, овој професор по македонски јазик од Прилеп заборави еден стих од една од најубавите песни на Блаже Конески. Меѓу третиот и четвртиот стих има уште еден: „во очиве зошто навира река“.
Пратеникот Крсто Јовановски очигледно мисли дека реплицирањето е задолжително.
„Бидејќи треба да кажам некаква реплика која се однесува на колешката Стојановска, јас ќе морам да ја прозвам“, рече Јовановски.
Останатите пратеници, во репликите, се согласуваат меѓу себе.
„Благодарам, во право сте колега, еве и јас сакам да го потврдам тоа што вие го кажувате“.
„Колега Иван Иванов, имавте извонредна дискусија. Уште еднаш се обидовте стручно да објасните.“
„Почитувана Пемова, во вашето излагање навистина бевте и јасна и прецизна и децидна.“
„Благодарам, во право сте колешке.“
„Колешке Дамчевска-Илиевска, јас наполно се согласувам со колегата Стоиљковиќ.“
„Се согласувам со вашата констатација“, се само дел од репликите кои може да се чујат на седницата.
Со бескрајните дискусии, пратениците трошат пари, а тоа ги чини македонските граѓани илјадници евра дневно.
Претседателот на Собранието Талат Џафери се обидува да ја забрза седницата, но пратениците од опозицијата го потсетуваат дека токму тој молчеше и рецитираше поезија кога сакаше да го спречи донесувањето на Законот за бранители.