Достапни линкови

Се вжештуваат коментарите во пресрет на изборите


Претстојните избори, избирачкиот список, судењето на напаѓачот на Шеќеринска, претресите во канцеларијата и во домот на судијата Панчевски предизвикаa најмногу коментари од нашите фанови.

Како што се приближува 15 октомври, така се вжештуваат страстите, и кај партиите, ама и кај оние што ги читаат и потоа пишуваат свои коментари на ФБ страницата на нашево радио.

„На овој список се и оние за кои чаушот направи нови лични карти, а кои се добро распоредени низ целиот список“, и „Кај ти се фантомите?“, прашува Оливер Дерковски, а Кирил-Кико Пејовски се прашува кој список е подобар, „оној за парламентарните, малку зачистен, или овој за локалните, повторно проширен. За претседателските сигурно ќе се појави трет список со друг број на избирачи. Тврдам дека Македонија нема милион и осумстотини илјади и кусур гласачи, нема ни толку население заедно со неполнолетните“. На Емил Бојковиќ ништо друго не му е важно, освен слободата, вели, а Бардур Мимидиновски прашува: „А оние од Пустец, на список ли се?“

Фановите на РСЕ на Фејсбук ја коментираат и изјавата на „кубачот“ на Шеќеринска за време на крвавите настани во Собранието на 27 април, чиешто судење почна пред некој ден. И во овие постови преовладува говор на омраза и недолични зборови, а за многумина, како и за Владо Спасовски, на пример, „на човекот му следува боречка пензија, единствена грешка му е што не ја докрајчи!“ Блаже Најдовски, пак, потсетува дека „боречка пензија им даде Грујо и на оние од Хашките случаи... и амнестија“, а Блажо Најдовски напишал: „Срамота е стар човек да лаже, или толку од храброста?“ За Кирил Василев, „човекот ја бранеше Македонија од насилниците СДС и останатите што ги прекршија сите закони во Македонија“. Николче Мишевски прашува што барал во Собранието „или мислеше на бањи ќе ве носат?“ – и така во недоглед, ред вулгарности, ред омраза, ред совети...

По претресите во канцеларијата и во домот на судијата Панчевски, осомничен од СЈО дека оддавал службени тајни на надворешни лица, Мимо за Станковска во својот пост ја напаѓа специјалната обвинителка Катица Јанева дека „немате поим што барате“, а Кирил-Кико Пејовски ѝ реплицира на Мимоза: „Значи, некој ќе го јаде, ќе лежи. Точно знаат што бараат и се упатиле на право место“. Мимоза Станковска пак постирала: „Едно евро за Вицето...“, а Пејовски ѝ објаснува: „И тој да одговара ако е крив, а не судиите да се разболуваат кога ќе им дојде бившиот или сегашниот премиер. Е, тука е разликата помеѓу тебе и мене, неселективност, секој по заслуга, ама тука треба да бидеме обединети, а не да се однесуваме навивачки“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG