Локални избори, но не обични
Ова не се само обични локални избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој на митингот во Струмица рече дека одлуката на граѓаните нема да биде обична одлука или даден глас.
„Граѓаните на 15 октомври ќе одлучат по која насока ќе се движи државата. Дали, како вртоглаво ќе паѓа, или ќе започне нова ера“, рече Груевски.
Тој од родниот град на премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните, како што рече, да му ја дадат на овој човек лекцијата која што ја заслужува.
„Изгледа нема лице и храброст да научи, но ајде ние да го научиме, тој само парадира секојдневно и го менува лицето како секој ден да е карневал во Струмица“, рече Груевски.
Мерцедесот од 600 илјади евра, за кој граѓаните дознаа од прислушуваните материјали, повторно стана актуелен. Тогаш опозициската СДСМ велеше дека власта тие пари требало да ги потроши за народот. Откако дојдоа на власт соопштија дека нема да го продаваат, туку ќе служи за превоз на странски делегации. Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на централниот митинг на партијата во Скопје, кој се одржа синоќа пред зградата на владата, рече дека ќе го продадат мерцедесот и со тие пари ќе купат амбулантни возила.
Тој за кандидатите и советниците од СДСМ и коалицијата вели тоа е тимот кој ќе донесе живот за сите.
„Зад нив стојам јас, стои целата централна власт и парламентарното мнозинство. Со овој тим на 15 октомври ги заокружуваме промените кои носат живот во Македонија за сите“, рече Заев.
Зеленилото дојде на ред
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов ги повика граѓаните на изборите да го зададат, како што рече, последниот удар врз режимот и врз Груевски.
„Скопје го враќаме на граѓаните. Десет години сме жртви на урбаното и коруптивното владеење на ДПМНЕ. Груевски преку Коце Трајановски правеше буквално што сака со нашиот град“, рече Шилегов, додавајќи дека нема да има поделби.
Гасификацијата, подобрување на инфраструктурата, справување со урбаната мафија и повеќе зеленило, беа дел од темите за кои се зборуваше на митингот.
И кандидатот за градоначалник на Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, ветува повеќе зеленило и паркови, иако за време на своето владеење стана познат како градоначалник кој не е пријателски настроен кон зеленилото во градот.
„Реконструкцијата на постоечките и подигнувањето на нови зелени површини и паркови во Скопје е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ за наредните четири години’, изјави денеска кандидатот за градоначалник Коце Трајановски.
„Помогни да ти помогнам“
Од коалициониот партнер во владата, ДУИ решија да ги поддржат кандидатите на СДСМ во општини каде што не можат да победат како Скопје, Куманово, Битола, Прилеп…, а за возврат ќе добијат поддршка на кандидатите во Чаир,Тетово, Гостивар и Кичево.
„Како може да видите, станува збор за партнерство врз принципот – помогни да ти помогнам“, рече Ахмети од Преспа.
Ахмети е загрижен за, како што вели, поделбата на гласовите на Албанците, и упатува апел да не се делат.
Набљудувачите нотираат изолирани инциденти
Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, кој го опфаќа периодот од 13 до 29 септември, се наведува дека кампањата почнала мирно, со изолирани инциденти, кои се изборно мотивирани. Во извештајот стои и дека некои партии почнале со кампањата предвреме.
Од невладината МОСТ, исто така забележуваат дека првиот дел од кампањата помина релаксирано, но забележани се случаи на злоупотреба на јавни ресурси, притисоци, уцени, уништување на штабови, физичка пресметка.
Тепачка, обид за силување, демолирани штабови
Минатата недела во тепачка беше повреден градоначалникот на Шуто Оризари, кој се кандидираше и за нов мандат. МВР поднесе прекршочни пријави за градоначалникот Елвис Бајрам, и за уште седум луѓе за учество во тепачка. Полицијата не го води како предизборен инцидент, случајот во Кичево, како последица на кој почина носител на советничка листа. Последен од изборните инциденти е обидот за силување кандидатка за советничка. МВР се уште ги истражува случаите за демолираните и уништени партиски штабови.
За глас повеќе не се штедат пари
Најмногу пари во првите 10 дена од кампањата потрошиле од ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат финансиските извештаи доставени до ДИК, кои се однесуваат на првите десет дена од кампањата. Освен најголеми приходи, имаат и најголеми расходи. Владејчката СДСМ ги троши парите од чланарина. ДУИ има само приходи од членарина и сметката им е отидена во минус. Беса, освен од чланарина, пријавила и приходи од донатори, но и тие потрошиле малку повеќе од што собрале. Левица води кампања со скромни 2000 евра.