Минатата година биле забележани 44 инциденти од омраза, според годишниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права, со што се забележува намалување на инцидентите од таков вид споредбено со минатите години. Најголем број од инцидентите, односно 21, биле предизвикани од насилство на млади лица со различна етничка припадност, а по нив следат инцидентите предизвикани од разбојништво врз бегалците. Имало 174 сторители и 125 жртви. Најголем број од нив биле забележани во Скопје, потоа во Гевгелија, Куманово и Прилеп, како и во Битола. Поголемиот дел од инцидентите биле поврзани со два настани. Првиот кога на бегалците кои се наоѓале во Гевгелија им било оневозможено слободно да се движат, а вториот по фудбалскиот натпревар меѓу Шкупи и Вардар.
Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет вели дека според нивните податоци за 25 инциденти досега биле пронајдени сторителите, при што биле покренати 14 кривични пријави и четири прекршочни. Според него, во последните две години биле завршени 32 случаи. Пет од нив со конечна пресуда, а 27 биле одбиени од обвинителството, при што во моментот има четири тековни случаи.
„Според тоа, заклучоците се дека Република Македонија не собира податоци за злосторства сторени од омраза. Бројот на инциденти помеѓу етнички Албанци и Македонци е значително опаднат во споредба со 2013 и 2014 година. Жртвите веќе не сакаат нивното име да биде спомнувано, а не сакаат ни публицитет, ниту да се обратат до државните институции плашејќи се од реперкусии што води до намалено пријавување и недостаток на јавна доверба во системот. Многу малку напори се вложуваат во превентивни мерки, вклучувајќи едукација за човекови права и подигнување на свеста, особено кај младите“, вели Стојановски.
Тој додава дека во извештајот за 2015 година не се забележани инциденти од омраза врз ЛГБТИ заедницата затоа што жртвите се обесхрабрени да ги пријавуваат оти се покажало дека државата не ги решава таквите случаи.
„Тие порано доаѓаа да пријавуваат и кај нас, меѓутоа сега и тој број е намален и велат дека не гледаат причина зошто да пријават, ниту во полиција, затоа што во полиција им се смеат кога ќе пријават што значи доаѓа до двојна виктимизација, односно еднаш биле жртви поради својата сексуална ориентација и нападнати, а вториот пат уште еднаш поради односот на полицијата“, вели Стојановски.
Според него, намалувањето на бројката на инциденти во 2015 за разлика од 2014 и 2013 година се должи и на тоа што минатата година не била изборна година и токму поради тоа тој вината за разгорување на страстите ја гледа кај политичките партии.
„Оттука ние сметаме дека политичките партии во борбата за освојување на гласови и од македонска и од албанска страна намерно инспирираат и иницираат вакви кривични дела од омраза за потоа да можат да се прикажат како заштитници на својот народ условно кажано, односно на својата етничка заедница. Вака тие добиваат дополнителни поени односно гласови за време на изборите“, вели тој.
Но, како што истакнува Стојановски, од февруари и март оваа година, откако беше распуштено Собранието и првично закажани избори за јуни има повторно тренд на зголемување на инцидентите од омраза. Тој порачува и дека досега никогаш немало осуда од политичките партии и од државата за таквите инциденти.