Достапни линкови

„Помеѓу соништа и летови“ на Начевски - приказна без почеток, но со среќен крај


Горан Начевски - опера во еден чин „Помеѓу соништа и летови“
Горан Начевски - опера во еден чин „Помеѓу соништа и летови“

На малата сцена на Македонската опера и балет, овој петок, на 30 март, во рамките на фестивалот Денови на македонска музика, ќе се случи праизведбата на камерната опера „Помеѓу соништа и летови“ од Горан Начовски. Станува збор, како што вели авторот, за „автобиографска емотивна приказна во која секој може да ја пронајде својата верзија“.

По нецели четири години од победата на анонимниот Конкурс за откуп на музички композиции на Министерството за култура во 2014 година, првенчето на композиторот Горан Начовски, камерната опера во еден чин „Помеѓу соништа и летови“, чиј поднаслов е „сценска лирска фантазија“, ќе осамне на сцената на Македонската опера и балет. Праизведбата е закажана за петок, 30 март, во 20 часот, а трите улоги во оваа едночинка ги играат Александра Лазаревска Василевски – како ѕвездата, Дејан Стоев - таткото и Невен Сиљановски – патникот. Диригент е Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јакимовска, концерт мајстор Јане Бакевски, а хор мајстор Јасмина Ѓорѓеска. Во изведбата на операта учествуваат хорот и оркестарот на МОБ, балетската двојка Христина Ангеловска и Агим Бафтии, а тука е и Дуа Махмути во улога на детето. Кореограф е Маја Каревски.

Во пресрет на овој чин Начевски знае да каже дека, како оперски уметник – баритон солист којшто настапувал и на сцената на МОБ, отсекогаш била негова желба да напише едно такво дело. И дека еве сега му е чест и задоволство тоа да ја доживее својата праизведба. Појаснува дека во „Помеѓу соништа и летови“ се работи за автобиографски мотиви, или пориви „или можеби една точка од неговиот живот којашто го инспирирала за либретото“. Дека цели 11 години студирал во Прага, на Прашката музичка академија, и со тоа добар дел од животот му поминал во летови, во трансфери, по аеродромските чекални, во автобус... Во тој период го изгубил и својот татко. Затоа и во делото му дал една од улогите. Таткото се појавува на сцената и патникот му ги поставува прашањата на кои никогаш и не ги добил одговорите.

„Можеби е тоа потсвеста. Можеби се тоа реторички прашања на коишто сакам да дадам одговори јас што би сакал да ги чујам. Ете тоа е тоа што е можно во операта. Во операта се* е можно и оние желби кои можеби никогаш не се остварливи во реалниот живот, на сцена, во едно вакво дело, во музиката, волшебно се можни и остварливи“, вели Начевски.

Од таму, не случајно во пропратниот текст за премиерата ќе напише: Секој од нас е патник. Патниците чекорат напред, или се враќаат назад. Чекаат. Се надеваат. Копнеат. Љубат. Плачат. Се плашат. Сонуваат, барајќи ја својата среќа. Со преполни или празни куфери. Понекогаш нема куфери. Само патникот,сам, со својата ѕвезда која му го осветлува патот. Патникот, ѕвездата и тишината. Приказна без почеток во која е возможно да се сретнеме со оние луѓе, со кои гледањето во нивните очи, прегратката и разговорот со нив посакуваме да траат вечно, бесконечно. Во чекалната, обоена со најубави бои и со најубавиот поглед кон градот, морето, цвеќињата, птиците, бродовите и авионите...

„Сите ние посакуваме да имаме една ѕвезда која ќе ни го осветлува патот. Можеби некој од нас и не е свесен дека ја има, но секој човек ја има таа своја ѕвезда водилка. Тоа може да биде мајка, сопруга, жена, среќа. Тоа е симбол на совршенството на Универзумот. Секој може таа ѕвезда да ја доживее како своја надеж, како својата ултимативна љубов, како светлина која го води низ животот“, смета уметникот.

Начевски и со додавка дека среќниот крај било она што било целта. Дека го „прекршил“ правилото оперите да „мора да имаат трагичен завршеток“ и одбрал неговото дело да има среќен крај.

„Либретото на операта е емотивна приказна во која секој од нас ќе ја пронајде својата верзија. Ова е приказна за моментот кога не сме сигурни што е сон, а што вистина, или за тоа, кој е реалниот, а кој замислениот свет. Приказна без почеток, но со среќен крај, како спротивност од трагичните завршетоци на најголемиот број дела од оперската литература. Мирот и спокојството за мене се еквивалент на среќа“, вели тој.

А, посегањето на фактите од неговата биографија го вели следново. Роден 1978 година во Скопје, Горан Начевски е доктор по композиции и магистер по соло пеење.

Како исклучителен талент, без претходно нижо музичко училиште своевремено бил примен во Средното музичко училиште во Скопје (МБУЦ) кое потоа го завршил и на два оддела: инструментален (соло пеење) и наставно-теоретски. Потоа ги започнал паралелните студии (соло пеење и композиција) на прашкиот Факултет за музичка уметност (Чешка) на кој во 2000 година магистрирал композиција во класата на професор Милан Славицки со највисока оценка. Една година подоцна магистрирал и соло пеење на истиот факултет кај професор Рене Тучак. Во јануари 2006, пак, успешно ја одбранил и докторската дисертација во Прага.

За време на престојот во чешката метропола вниманието на стручната јавност го привлекол со повеќе свои композиции, а за делото „Елегија“ за гудачки оркестар ја добил престижната награда „Гидеон Клајн“ што таму се доделува за музичка композиција.

По враќањето во Македонија, Начевски бил вработен како солист - баритон во МОБ, а настапувал и како концертен пејач со повеќе целовечерни рецитали во организација на најафирмираните домашни фестивали и концертни дирекции. Неговите дела редовно се изведуваат на фестивалот „Денови на македонската музика“, а на него често настапува и како вокален солист, промовирајќи го македонското вокално творештво.

Од своето прво деби како солист во МОБ - Скопје во 2006, за краток период од три години остварил 15 главни улоги, а забележително е неговото гостување во Хрватско народно казалиште - Загреб како Марчело во операта „Боеми“.

Од 2010, Начевски е професор по група предмети од областа на теоријата на музиката со композиција и соло пеење на ФМУ.

Прашан, пак, за натамошните исчекори во однос на пишување на поголеми музичко-сценски дела, Начевски истакнува дека по завршувањето на операта „Помеѓу соништа и летови“ еден период се чувствувал „испразнето“ и му требало одредено време да си даде оддишка, да се одмори и потем наново да им се врати на инспирациите.

„Тие пориви и инспирации внатрешни, мотивите за пишување, едноставно тлеат кај композиторот и кога тогаш избиваат на површина. И можеби кога најмалку планираш, едноставно ти се отвараат празните нотни линии и започнуваш со испишување. Го започнуваш процесот на безусловно создавање на музика. Мојата прва опера е автобиографска, но тоа не значи дека таков ќе биде и натамошниот од. Во светот има и преголем број на теми коишто би можеле да бидат предмет за либрето за едно музичко-сценско дело. За опера, за балет, за ораториум“, вели тој.

Конечно, уметникот не заборава да каже дека секогаш се труди да најде време за да им се посвети на своите студенти, но дека огромна желба му е да се врати на сцена. Да продолжи со вокалната кариера како солист-баритон оти тоа му е најголемиот предизвик.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG