Достапни линкови

КВИН наспроти БИТЛСИ со СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ во Македонска филхармонија


Со идеја класичните теми на легендарните БИТЛСИ и КВИН по прв пат да прозвучат од лимени дувачки инструменти на некоја од домашните сцени, в среда, на 7 февруари, во 20 часот, во камерната сала на Македонската филхармонија, концерт ќе одржи СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ. Со со овој перформанс ансамблот отвора едно ново поглавје во овдешната изведувачка уметност.

„Imagine“, „Hey Jude“, „I Want to Hold Your Hand“, „Yesterday“, „She Loves You“, „Help“, „Bohemian Rhapsody“, „Somebody to Love“ се само некои од планетарните хитови на две од неколкуте најзначајни пројави во историјата на популарната музика – британските рок бендови БИТЛСИ и КВИН. Тоа наедно се само дел од бисерите во заумно стокмената програма со која релативно новиот дувачки ансамбл СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ, в среда, на 7 февруари во 20 часот, во малата сала на Македонска филхармонија, ќе и се претстави на македонската публика. Ова воедно ќе биде прв пат класиците да прозвучат од лимени дувачки инструменти на некоја од домашните сцени, со што нема многу да згрешиме ако кажеме дека со овој перформанс ансамблот отвора едно ново поглавје во овдешната изведувачка уметност.

Инаку зад СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ стојат Александар Илијевски и Вилијам Бараковски - труби, Благоја Василевски - хорна, Никола Ристевски - тромбон и Александар Ниниќ – туба, млади академски музичари кои на педантните проследувачи на ваквите случувања им се познати како редовни членови во националните музички куќи - Македонската филхармонија и Македонската опера и балет. Згора на тоа тие се надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг-Бендот на МРТВ и Биг-Бендот на Здружението на Џез-музичари на Македонија.

Од друга страна, СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ е формиран во 2016 година, но идејата да се создаде ваков тип на состав кај неговите членови тлеела уште од студентските денови.

„По завршувањето на студиите како музичари од различни генерации секој си тргна по својата патека кон некој друг состав или поголем ансамбл. По неколку години пауза се решиме повторно да го обновиме брас-квинтетот како идеја за промовирање на овие инструменти и заживување на ваков вид на музицирање“, вели инструменталистот на туба и во некоја рака гласноговорник на составот Александар Ниниќ.

Притоа огромна била желбата на младите музичари да ги претстават лимените дувачки инструменти во една поинаква улога. Од таму репертоарот на СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ е широк и се движи низ различни стилови – од БИТЛСИ до Бах, од Џон Вилијамс до Сони Компанек.

„Покрај стандардните композиции кои ни беа на еден начин задолжителни во нашите студии, ова е една друга насока, друг правец во кој ние сакаме да се движиме и со попристапни композиции, попристапна музика, да ја привлечеме пошироката публика за да не еден понеобичен начин ги запознае овие инструменти“, појаснува Ниниќ.

Од таму и посегањето по класиците на БИТЛСИ и КВИН. Александар вели дека посебно КВИН на поголемиот дел од нив им е еден од омилените состави. Дека гласот на Фреди Меркјури бил вонсериски и за восхит кај секој музичар.

Дополнува дека случајно налетале на некои аранжмани на нивните хитови што не е воопшто лесна работа, па така во ниту еден момент не се двоумеле да ги „раструбат“.

„Не би рекол дека тоа е музиката со која сме растеле, сепак сме ние малце помлада генерација, меѓутоа БИТЛСИ и КВИН секако е музиката која обележува многу важен дел од нашето детство и нашата младост која сеуште трае“, вели тој.

Притоа, СКОПСКИ БРАС-КВИНТЕТ во иднина имаат намера да се појавуваат во јавноста со репертоар во кој ќе имаат секаков тип на музика, се она што ќе успеат да го најдат како распишани аранжмани за ваков тип на состав што понекогаш се чини дека е „невозможна мисија“. Од таму, не треба да чуди тоа што момците веќе од сега размислуваат и го најавуваат следниот концерт на кој планираат да го претстават својот одбир од популарни филмски теми.

„За следниот концерт би сакале да понудиме изведба на филмски теми затоа што малку е полесно да се дојде до нотен запис за ваков тип на ансамбл. Едноставно лимените инструменти се сржта на секоја филмска тема...да не заборавиме тука се „Војна на ѕвездите“, „Трансформери“, серијалот „Џејмс Бонд“ кадешто главните теми во целата оркестрација се изведени токму на лимените инструменти“, ќе рече Ниниќ.

Конечно, ансамблот по изведбата на претстојниот концерт насловен како „КВИН наспроти БИТЛСИ“ во Македонска филхармонија би сакал веќе готовата програма да ја претстави и во останатите градови од земјата, но дали ваквиот предизвик би го прифатиле останатите културни институции во земјава останува да покаже времето што доаѓа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG