Симфониската свита „На брегот“ и Три танцови епизоди од мјузиклот „Во градот“ ќе бидат изведени на концертот „Бернштајн 100“ со кој Македонската филхармонија, овој четврток, на 29 март, во 20 часот, ќе го одбележи значајниот јубилеј – сто години од раѓањето на еден од највлијателните американски композитори и диригенти, Леонард Бернштајн.
Со оркестарот ќе диригира маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, а истата вечер ќе се случи и македонската премиера на Концертот за виолончело и оркестар од англискиот композитор Вилијам Волтон, во кој како солист ќе настапи еден од најголемите виртуози денес, германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед.
Но, да одиме со ред.
Леонард Бернштајн (1918-1990) е американски композитор, диригент и пијанист. Еден од првите тамошни раководители на оркестри кој постигнал светска слава. Добитник е на повеќе награди „Еми“и се смета за една од највлијателните личности во историјата на американската класична музика. Диригирал со скоро сите големи американски оркестри, а од 1958 до 1969 бил диригент на престижната Њујоршка филхармонија. Создавал дела со изразени карактеристики од американската култура, проткаени со елементи на џезот - симфонии, опери, балети, концерти, камерна и вокална музика, неколку мјузикли. Всушност, светската слава ја стекнал токму со мјузиклот „Во градот“ (1944), но и со „Приказна од западната страна“, и двата снимени и во филмска верзија и прикажувани насекаде низ светот.
Од друга страна Тимоти Редмонд студирал обоа на Кралскиот северен колеџ за музика, а подоцна се усовршувал на мајсторски курсеви по диригирање со Јан Паскал Тортелије, Иља Мусин, Џорџ Хрст и Пјер Булез. Од 2006 година маестро Редмонд е шеф-диригент на Филхармонијата на Кембриџ и диригира со сите водечки британски оркестри, меѓу кои и со Лондонскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, филхармониските оркестри на Би-Би-Си и други.
Диригентот Редмонд со Македонска филхармонија
Во еден период од својот творечки живот престојувал во Франција, Белгија, САД, Финска и други земји кадешто диригирал со оркестри и работел на оперски продукции. Во САД, маестро Редмонд работел и како диригент на подготовките на нова опера базирана на приказната од филмот „Чарли и фабриката за чоколада“, а од неодамна ја збогатува сопствената дискографија снимајќи компакт-диск со француската виолончелистка Офели Гајар за „Наив рекордс“.
Конечно, него наскоро го очекува премиерата на операта „Напудри и го лицето“ од Томас Адес во Англиската национална опера.
И, така полека доаѓаме до е еден од најбараните уметници денес - челистот Николас Алтштед.
Како солист, но и како диригент и уметнички режисер, тој постојано ја освојува публиката изведувајќи дела од периодот на барокот, па се до современите творби. На почетокот од сезоната 2017/2018 година, Алтштед премиерно го изведе новиот Концерт за виолончело на врвниот фински композитор Еса-Пека Салонен на фестивалот во Хелсинки, под диригентство на самиот композитор. Згора на тоа тој е уметник во фокусот на Концертгебау (17/18) и резидентен артист во престижната Елбфилхармонија во Хамбург (18/19), каде настапи со диригентите Кшиштоф Урбански, Хану Линту и Кристоф Ешенбах. Неговите понатамошни ангажмани ги вклучуваат и дебијата со Симфонискиот оркестар на Детроит, со Симфонискиот оркестар Јомиури Нипон во „Сантори хол“, Финскиот радио-симфониски оркестар, Хелсиншката филхармонија, Концертхаус оркестарот во Берлин со маестро Јурај Валчуха, Националниот оркестар на Белгија...и се чини на набројувањата им нема крај.
Награден со Кредит Свис за Млад уметник во 2010, Николас првично беше запаметен од јавноста по неговата врвна изведба на Концертот од Шуман со Виенската филхармонија, под диригентство на Густаво Дудамел на фестивалот во Луцерн. Оттогаш настапувал со оркестри како „Тонхале“ во Цирих, Финскиот радио-симфониски оркестар, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар „Чајковски“, Симфонискиот оркестар во Токио, Мелбурн и Нов Зеланд симфониските оркестри, со диригенти како Сер Роџер Норингтон, Лахав Шани, Владимир Ашкенази, Сер Невил Маринер, Владимир Федосеев, Фабиен Габел, Џовани Антонини, Андреа Маркон, Александар Шели...
Алтштед постојано настапува и како рецитален уметник, соло или заедно со врвните пијанисти Фазил Сај (со кого годинава го објавија албумот ) и Александар Маџар, на турнеи низ Европа, САД и Австралија, но и како камерен музичар. Во 2012 година, беше избран од страна на истакнатиот виолинист Гидон Кремер, да стане негов наследник - нов уметнички директор на Фестивалот на камерна музика во Локенхаус, а во 2014 диригентот Адам Фишер ќе му понуди да ги следи неговите стапки, како уметнички директор на Хајдн филхармонијата. Неговото најново издание со концерти од Карл Филип Емануел Бах издадено за „Хајперион“ ја доби наградата на музичкиот магазин на Би-би-си (2017), а неговите претходни снимки на концертите за виолончело од Хајдн, Шуман, Лигети, Шостакович и Вајнберг се високо оценети од страна на критиката ширум светот.
И, уште нешто Николас Алштед свири на виолончело Џулио Чезаре Џиљи од 1760 година и како своја идеја водилка ја има потребата да изведува премиерни дела од современи композитори.