Достапни линкови

Силјанов солист во „Вокална магија“ и по прв пат со Македонската филхармонија


Милан Силјанов. фото - Мињаш Жугиќ .
Милан Силјанов. фото - Мињаш Жугиќ .

„Вокална магија“ е насловен симфонискиот концерт што Македонската филхармонија ќе го одржи во својот редовен термин, в четврток, на 22 февруари во 20 часот, и на кој како солист ќе настапи Милан Силјанов, бас-баритон од Швајцарија. Оперскиот пејач со македонско потекло ќе изведе избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар „Магичната хорна на момчето“, од славниот австриски композитор Густав Малер.

„Како дете, заедно со мајка ми, секое лето ја посетувавме Македонија и нашето семејство. Тоа ни беше посебна традиција, а летните одмори ми дадоа можност да ја запознаам земјата што повеќе. Дружбата со роднините, пак, ми овозможи и да го подобрам познавањето на јазикот. Секој пат кога доаѓам овде во Македонија, всушност како да се враќам дома“.

Ова во својата изјава за медиумите ќе го рече уметникот Милан Силјанов од Швајцарија во пресрет на својот прв концерт со Македонската филхармонија, закажан за в четврток, на 22 февруари во 20 часот. Тој по мајка е Македонец, по татко Иранец и... како што вели, во неговиот случај „станува збор за микс од ентитети и култури коишто ретко можат да се сретнат на земјината топка“. И, во дополна ќе рече дека со оглед на тоа што е роден во Цирих тој има швајцарски пасош, но дека по потекло е Македонец. И дека се чуствува како Македонец иако сето тоа за него „воопшто не претставува дилема, затоа што неговото срце неуморно чука за двете држави и за двете култури“.

Но, кој е професионално Милан Силјанов кој на споменатиот концерт насловен како „Вокална магија“ ќе го претстави својот избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар „Магичната хорна на момчето“ чиј автор е гигантот Густав Малер?

Милан Силјанов како бас-баритон засега е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а веќе од следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа. Студирал на познатата школа за музика и драма „Гилхол“ во Лондон, на отсекот опера, под менторство на професор Рудолф Пирнеј.

Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло-песна во Лондон (2015), организиран од „Вигмор Хол“, додека во 2014 година Силјанов ги освоил и двете награди – прва награда и награда од публиката на 50. Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија.

Познат е и по своите соработки со светски познатите диригенти како Кирил Петренко, Константинос Карјадис, Инго Мецмахер, Дан Етингер и др.

Особено бележити се неговите изведби на Лепорело во операта „Дон Џовани“ од Моцарт на Фестивалот во Вербие во Швајцарија, каде што му е доделена наградата „Ив Патерно“ за најистакнат уметник во рамките на Академијата, потем Антонио во моцартовата „Свадбата на Фигаро“ и Петер Бесендиндер во „Јованче и Марика“ од Хумпердинк – двете улоги во Операта во Минхен.

За неговата изведба на Арлекин во операта „Љубопитни жени“ на Волф-Ферари, критиката ќе напише: „Милан Силјанов прекрасно и атрактивно го испеа и отелотвори Арлекин...“.

За својот одбир на својот прв концерт со Македонската филхармонија да изведе дел од драматично-хумористичните и романтични песни од култниот австриски композитор, Силјанов со појаснување: „Имам голема страст за романтични песни и композиции од 19. век, особено песни од творци како Шуберт, Шуман и Брамс. Откако почнав да студирам соло-пеење, мојата страст за таков вид на песни растеше од ден за ден. Но, скоро сите песни од тие композитори се за глас и пијано. Малер, пак, од друга страна, ја продолжил традицијата на германските композитори, иако тој почнал да го „меша“ гласот со бесконечната акустична боја на оркестарот. Комбинацијата од глас и оркестар во овој пример, за мене е магична! И со текстовите од „Магичната хорна на момчето“, тој нашол поеми што со метафоричниот јазик симболизираат романтизмот во најчистата форма. И зборот и музиката директно го допираат моето срце. Се надевам дека и публиката ќе ја почувствува магијата од овој титан што се вика Густав Малер!“.

А, по концертот и краткиот во Македонија, Силјанов повторно се враќа во Минхен, каде од неодамна од неодамна ја започна реализацијата на програмата за млади уметници и каде живее со сопругата и пијанистка Грузијката Нино Чокнохелидзе, со која често како дуо ги има на концертните подиуми по Европа.

Згора на тоа, тој летово планира наново да настапи на фестивалот Вербие на кој треба да се појави во улогата на Принц де Бујон во операта „Адриана Лекуврер“ од италијанскиот композитор Франческо Чилеа, каде со оркестарот е планирано да диригира маестро Валери Гергиев од Русија.

Инаку, кога сме веќе кај диригентите да кажеме и тоа дека на концертот „Вокална магија“ со оркестарот ќе раководи маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата оваа вечер е и експресивната Симфонија бр. 6 од прочуениот руски композитор Дмитриј Шостакович, која се смета за една од највлијателните во музичката литература на авторот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG