Достапни линкови

Виртуозот Симовиќ и Македонска филхармонија со концерт „Чајковски и Бетовен“


„Чајковски и Бетовен“ е насловен симфонискиот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи в среда, на 31 јануари, во 20 часот. Солист во виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Чајковски ќе биде еден од најуспешните црногорски и европски инструменталисти Роман Симовиќ, концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, на Марински театар и со Минхенската филхармонија.

По нецела недела од перформансот на српската обоистка Сања Ромиќ во „Моцартовите перипетии“, уште еден и не само регионален туку европски виртуоз ќе се искачи на сцената како солист со Македонската филхармонија. Станува збор за еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, на Марински театар и со Минхенската филхармонија. Тој за домашните љубители на големите класици ќе го изведе еден од најпопуларните концерти за виолина, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од рускиот композитор Петар Илич Чајковски. Со оркестарот ќе диригира нашиот Борјан Цанев, а на оваа симфониска вечер ќе биде изведена и Симфонијата бр. 1 од музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен.

И, по генералната најава посегањето по фактите од биографијата на Роман Симовиќ го вели следново. Тој се издвојува од останатите виолинисти по неговата брилијантна виртуозност со неограничена имагинација. Заедно со неговиот вроден талент за музика, овие квалитети ќе го однесат на светските сцени, настапувајќи со врвни оркестри и диригенти.

Наградите се уште една потврда за неговата исклучителна уметничка физиономија. Бил чествуван на натпревари како Родолфо Липицер, во Италија, швајцарскиот Сион-Вале, Јамполскиот виолинскиот натпревар во Русија, Хенри Виењавски во Полска... кои го сместија меѓу најзначајните виолинисти од неговата генерација.

Од друга страна, како солист, настапувал со врвните ансамбли како што се Лондонски симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист“ од Унгарија, Филхармонијата на Прага ... Засебен дел од неговото портфолио се соработките со диригенти како што се Валери Гергиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреја Носеда, Кристијан Јарви... и други.

Згора на тоа Роман Симовиќ редовно настапува на речиси сите значајни фестивали за класична музика и соработува со врвни уметници како што се Јуџа Ванг, Готје Капусон, Миша Мајски, Шломо Минц, Џулијан Рахлин, со нашиот Симон Трпчески...., а негова пасија е и камерното музицирање. Основач е на реномираниот гудачки квартет „Рубикон“, а како професор постојано одржува мастер-класи во САД, Велика Британија, Јужна Кореја, Црна Гора, Израел...

Инаку, овој виолинист имал поинаков пат од своите колеги кои денес егзистираат на светската музичка сцена.

Роден е во 1981 година во Русија. Неговиот дедо бил Црногорец кој морал своевремено, за време на Информбирото во тогашна Југославција, да емигрира во Советскиот сојуз. Татко му е од Украина, додека неговата мајка е Русинка.

Од таму не чуди што тој со семејството емигрирал од Украина на својата десетгодишна во зраст, во 1991 година, во најлошото време за овие простори. Време на војна, инфлација и на ембарго.

Студирал на Академијата во Цетиње, во Црна Гора, а со стипендијата којашто ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. Вели дека Русија му го сменила животот и дека неговата професорка Марина Јашвили му наметнала нов начин на размислување на свирење на виолина.

Денес Симовиќ е концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, често патува и музицира по светот, и во своите интервјуа знае да каже дека уметникот кој се труди да има убава интернационална кариера ретко има привилегија да живее во својата земја.

„Морав да одберам друг пат. Луѓето да ги запознавам во Лондон, градот кој важи за центар на светот кога станува збор за сериозната музика, за да по некое време почнам да размислувам дека можеби еден ден ќе се приберам во Црна Гора. Дека тоа е мојата база, од која ќе тргнувам на пат и каде ќе се враќам по отсвирените концерти, по напорните турнеи. Понекогаш си помислувам дека би сакал сето ова во мојата кариера да биде поинаку. Меѓутоа не смеам да се жалам. И понатаму свирам како солист со Лондонскиот симфониски оркестар, со оној на Маринскиот театар...со светски познатите диригенти како Папано, Хардинг, Белохвалек, Јарви и многу други. Со Гергиев снимивме албум за издавачката куќа „Марински“, тука е и оној со Лондонскиот филхармониски оркестар за нивната етикета...и така со ред. Што друго човек да посака“, вели Симовиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG