„...Сокол ли сум, бура или бескрајна песна?“ ја раскажува приказната за еволуцијата на композиторскиот јазик. Toa e приказна за фасцинацијата со бескрајните можности на варијацијата и економичноста на израсните средства, на инспирацијата извлечена од тишината, литературата и музичката историја во творештвото на првата македонска композиторка, Јана Андреевска.
Ова, меѓу другото, ќе го забележи музикологот и музички критичар Марко Коловски во инспиративниот и над сè аналитичен текст ( каде во основа се бави со инспирациите за делата и начините на кои тие меѓусебно се поврзани низ времето) печатен на обвивката на компилацијата „...Сокол ли сум, бура или бескрајна песна? “ ( или ако сакате "...am I a falcon, a storm or an unending song?" / Selected works 1987 - 2017 ) на композиторката Јана Андреевска, што како издание на Сојузот на композиторите на Македонија и Музичко-издавачкиот центар од Скопје, а помогнато од МРТ и ФЕЈМС и финансиски подржано од Министерството на култура на Република Македонија, е објавена неодамна.
Компакт дискот, патем посветен на нејзините професори Стела Слејанска, Томислав Зоографски и Илија Пејовски, е прво авторско издание на Андреевска и содржи избор композиции од нејзиниот камерен опус во последните три декади.
На него се поместени композициите „Варијации“ (1987), „Scattered Blues“ (2000) и „Етида“ за препарирано пијано (2000), „....сокол ли сум, бура, или бескрајна песна“ за квартет саксофони (2006), Изборни афинитети за камерен ансамбл (2004), Крај езеро за мешан хор (2002/2010), „Болно лежи малој моме“ за мешан хор (2014), „2.2.4 to 4.4.2“ за четирирачно пијано (2014) и „Мандала“ за осум инструменти (2015).
Всушност станува збор за некои од најуспешните изведби на делата на Андреевска на домашните и странски концертни подиуми низ годиниве наназад, од страна на реномирани македонски и странски изведувачи и ансамбли како пијанистите Ана Гацева, Хајди Елзесер и Ненад Лечиќ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, хоровите „Про Арс“ и Новиот Лондонски камерен хор, „Саксофонквадрат Берлин“, а во едно од делата, „Варијациите за пијано“, како изведувач се јавува и самата авторка.
Говорејќи за објавата Андреевска првично знае да каже дека за да се направи убаво авторско издание потребен е еден поголем корпус од дела. Таа смета дека тие не би требало да бидат само механички собрани на едно место, туку дека неизоставно треба да го содржат моментот да градат една приказна.
„Дали е тоа сега приказна на еден момент во којшто се наоѓа авторот или приказна на подолг временски период каков што е мојот случај сеедно е, меѓутоа треба да има нешто што ќе му дава на целото издание посебен печат“, вели композиторката.
Јана дополнува дека големото чекање веројатно се должи на тоа што таа како авторка „и нема некоја голема продукција и дека нејзе и требало исто така време и дистанца за да може да согледа некои карактеристики на сопственото творештво кога тоа се одвива низ времето“. Да види што е она, и покрај сите разлики, што ги поврзува делата.
„Некако приказната ми се склопи пред некоја година, меѓутоа сè има некоја своја причина ...па така СОКОМ и Музичко-издавачкиот центар од Скопје неколкупати конкурираа пред Министерството за култура, но не добиваа средства за ова издание, та затоа тоа и почека малку за да конечно дојде и до тој момент на негово објавување“, вели таа.
Проследувачите за изборот поместен на објавата ќе напишат дека „во една кондензирана форма го прикажува развојот на композиторскиот јазик на Јана Андреевска во изминатите 30 години творештво, како и заедничките нитки кои го проткајуваат без оглед на стилските или естетките појавности“.
Најпрвин јасно пројавениот интерес кон елементите на џезот, најизразен во првите две композиции од овој избор, понатаму ја добива својата позатскриена манифестација во следните дела во кои постапката на непрестајно варирање и позајмување музички материјал ја води Андреевска до нови инспирации. Тишината и нејзиното исклучително значење во музички контекст е едно од нив и меѓу останатото води до, за оваа композиторка својствената, неексплицитност во евоцирањето на други музички светови, особено оние на познатото западноевропско музичко минато, а сето тоа во спрега со литературните инспирации од делата на Ј. В. Гете и Р. М. Рилке, Цане Андреевски и македонската народна лирика што дава како резултат дела кои пленат истовремено со својата едноставност и експресивност, инвенција и економичност на композиторскиот јазик“.
Појаснувајќи го одбирот Андреевска,пак, истакнува дека секогаш кога пишува музика нејзе најважно и е она што го твори и самата, кога би била слушател, да може да го слуша.
„Никогаш не пишувам музика која лично мене не би ми се допаднала и во која не би наоѓала некаков предизвик ако ништо друго. Не мора да станува збор за допаѓање, меѓутоа музика којашто со нешто би ме интригирала. Тоа ми е секогаш некоја појдовна точка и за тоа се разбира композиторот треба да умее да земе извесна дистанца во однос на своите дела. Тоа не значи дека јас не сум емотивно врзана за моите дела, бидејќи секое од нив одразува одреден момент или одредена фаза од мојот живот.
Во контекст на ова таа дополнува дека нејзе првичната идеја и била да се добие токму претставата на тој широк дијапазон на интереси којшто ја преокупирале како творец.
Почнувајќи од интересите кон џезот коишто се уште не се замрени, преку инспирациите од литературата, моментот на позајмување од себе и од друга музика, навраќање кон музичкото минато...при што сепак особено и било важно изданието да раскаже своја приказна и особено неа да може да ја следи некој којшто не е тесно стручно специјализиран во музиката.
Родена на 27 април 1967 година, Јана Андреевска е првата македонска жена-композитор и еден од меѓународно најизведуваните творци од Македонија. Дипломирала и магистрирала композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Томислав Зографски. Нејзиното образование како композитор вклучува и многубројни семинари во Холандија, Полска, САД и Македонија, кај познати светски композитори и предавачи.
Андреевска денес работи како редовен професор на Одделот за музичка теорија и композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Во својата досегашна кариера одржала бројни предавања и семинари на реномирани универзитети во САД, Словенија, Велика Британија, Белгија и Турција, како и во Македонија. Од 2008 година е уметнички директор на фестивалот „Денови на македонска музика“.
Делата на Андреевска се изведувани на домашните и на европските подиуми од страна на ансамбли и солисти како Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на МРТ, „Алеа“,„КонТемпора“,„Ателас Синфониета - Копенхаген „Московскиот ансамбл за современа музика, „Хоризонте“, „Артворк“; квартетите саксофони „Аксон“, „Саксофонквадрат Берлин“, „4 Саксес“, „Алијаж“; хоровите Collegium Musicum, Новиот Лондонски камерен хор, женскиот хор Калиопе - Франција, камерниот хор „Про Арс; Квартетот Антарја, пијанистите Марсел Вормс, Ана Гацева, Марија Вршкова, Наталија Младеновиќ, Родерик Чедвик, Хајди Елзесер, Жан-Лук Фафшан, Жан-Филип Колар-Невен и Штефан Шлаермахер и многу други.