Достапни линкови

Влатко Стефановски: „Мајчин јазик“ е мојот потпис


Влатко Стефановски.
Влатко Стефановски.

Сниман во само неколку дена во април и мај 2017 и публикуван за Кроација рикордс на крајот на октомври истата година, „Мајчин јазик“ е 35-от албум на кој е забележан творечкиот ракопис на Влатко Стефановски. Станува збор за „мало интимно парче музика“, како што вели авторот, чие прво промотивно концертно претставување треба да се случи на 17 март во Македонската филхармонија.

Влатко Стефановски за „Мајчин јазик“ знае да каже дека го направил како едно „мало интимно парче музика“ затоа што го размислувал, го мечтаел и го подготвувал едно дваесеттина години, но знаел дека треба да дојде моментот за да го сними. Вели дека тој момент дошол кон крајот на април и почетокот на мај минатата година, затоа што тогаш бил во едно посебно расположение. Со малку засилени емоции во себе и дека само влегол во студио и за три-четири дена го снимил овој проект.

„Чудно е тоа – што помалку си амбициозен правиш поуспешни проекти. Идејата ми беше да направам минималистички албум. Да користам минимално технолошки средства – еден човек, една гитара и еден микрофон. И малку фалеше овој албум да го снимам во моно техника затоа што сведоци сме на неверојатна агресија од страна на технологијата. Ние сме под неверојатна пресија од технологијата која секојдневно ни се нуди и се разбира музиката не е имуна на таа технологија и се разбира се повеќе и повеќе слушаме машини отколку луѓе. И токму како одговор на таа една експанзија решив да снимам еден многу интимен албум и така да им се обратам на моите фанови и слушатели на увце. Директно од мојата гитара до нивното увце“, вели Стефановски.

Тој дополнува дека тоа е само орган, инструмент за слушање, а дека најважно е срцето кое е одговорно за восприемање на нашите пораки и нашите емоции.

„Се разбира и она што го свирам на гитара се прстите кои допираат прагови, меѓутоа и тоа е помалку важно од она што имам да го кажам или она чувство што сакам да и го пренесам на мојата слушателска публика“, вели тој

Стефановски појаснува дека потоа прилично неамбициозно решил да им го понуди материјалот на своите пријатели од Кроација рикордс со кои работи веќе 30 години. А, тие разбирливо се воодушевиле од она што го чуле, по што тој ги осмислил насловот и обвивката за изданието.

Истакнува дека кога би требало да го брани она што го именувал како „Мајчин јазик“ прво би рекол дека „постојат работи кои се автентични и кои се наследени и работи кои се стекнати со нашето образование и нашата желба за осознавање на светот“. И дека постојат работи кои се природни и што ги носиме во себе. Затоа имајќи идеја дека снима автентична музика, главно теми од македонската народна музика и негови композиции кои извираат од тој музички јазик, решил да си го следи кодот. Пулсот во вените.

„Го крстив албумот „Мајчин јазик“ затоа што овие теми коишто ги свирам мене ми се мајчин јазик. И јас се обраќам на тој мајчин јазик. Се надевам дека сум го совладал, дека добро и елоквентно музички го зборувам и дека сум освоил некакви такви фрази, скали, песни, текстови, ритмови кои се својствени за ова наше поднебје. Веќе е патетично да се зборува за обработка на македонскиот фолклор...кога ќе го слушнам зборот обработка верувајте се ежам... не го сакам тој збор „го обработувам македонскиот фолклор“...Не го „обработувај“ добар си е и без ти да го обработуваш! Така што ова е само мој ракопис или мој потпис врз таа музика. Толку. Јас не можам многу да и помогнам и се надевам дека не и одмагам“, вели Стефановски.

На насловницата од објавата се решил да ја стави фотографијата од својата мајка актерката Нада Стефановска, што ја нашол во семејниот албум, инаку снимена 1946 година во театарот во Крагуевац. Таа тогаш го толкувала ликот на Маша, во толстојевата драма „Живи мртовци“.

„Играла млада Циганка со гитара во рацете во која се вљубува некој богат гроф кој го следел движењето на караванот. Приказната е феноменална. И, сега многу лесно можам да се поистоветам со тој номадски живот. Практично со таа фотографија. Тука правам некаква рефлексија на сето она што сум го наследил и сето она што ме одредува во животот“, вели тој.

Разглобувајќи ја, пак, суштината на „Мајчин јазик“ Влатко знае да каже дека е прилично горд на овој албум, затоа што во него има многу емоции, а тоа е, како што вели, во музиката најважно. Дека „можете вие во музиката да ги совладате сите скали на овој свет, меѓутоа начинот на кој ќе ги употребите и притоа тонот кој ќе го произведете е вашиот потпис“.

„Како влегувам во некакви години се помалку верувам на вербалното изразување, а се повеќе си верувам на својот занает. Поточно на моето изразување преку музика. Тоа што можам да ви го кажам преку свирење, верувајте не можам да ви го кажам на вербален начин.“

​Инаку, овој „доста неамбициозен албум“, како што упорно потенцира неговиот творец, ќе биде промовиран со многу амбицозни концертни настапи. Првата средба со уметникот и неговиот и наш „Мајчин јазик“ домашната публика ќе ја има на 17 март во Македонската филхармонија, на овој перформанс гости ќе бидат српската пејачка Биља Крстиќ и групата ЉУБОЈНА, по што Стефановски на 2 април го очекуваат во салата на белградскиот „Коларчев универзитет“, девет дена подоцна ќе свири во Виена, а на 17 април ќе се случи промотивниот концерт во салата „Лисински“ во Загреб.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG