Достапни линкови

Стефановски - Верувам дека сум добар амбасадор на македонската музика


Влатко Стефановски. фото:Татјана Ранташа
Влатко Стефановски. фото:Татјана Ранташа

Ова е признание не само за мене туку и за целата фела луѓе кои не се сметаат себе си за официјална култура. Или што доаѓаат од субкултурата, рокенролот, џезот, од авангардна уметност...од не знам каде се не, вели Влатко Стефановски, годинешниот добитник на државната награда „11 Oктомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста.

Влатко Стефановски поодамна не е само регионален гитарски херој. Тој дефинитивно е најангажираниот македонски музичар со интернационална кариера. Еден од ретките кои уште од адолесценскиот БРЕГ, преку мисионерите ЛЕБ И СОЛ, неговото трио ... соработките со виртуози како Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман, Томи Емануел, Стокело Розенберг... се етаблира во надалеку прочуен уметник, пожелуван музички сомисленик и творец кој влегува во тесниот круг на оние кои ја чинат реалната и со ништо неограничена звучна слика за ритмички колоритниот Балкан во глобални рамки.

Токму тој Влатко Стефановски, некогашниот тинејџер од скопската улица „Мексичка“ кој своевремно фанатично се нурнал во откривање на тајните на инструментот, едновремено чествувајќи го македонскиот музички јазик и традиција, е годинешен добитник на на државната награда „11 Oктомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста

Стефановски какви се вашите првични реакции на веста дека сте добитник на високото општествено признание – наградата „11 Oктомври“ ?

Веста за наградата ја добив пред неколку дена и морам да признам дека искрено и се израдував. Се израдував затоа што пред три-четири месеци мојот колега Тони Китановски дојде на идеја да ме предложи за такво нешто. Зад таа идеја застана и државниот универзитет „Гоце Делчев“ од Штип. Посебно ми е драго што еден колега се сетил да ме предложи, затоа што мислам дека е нескромно човек самиот да се пика и да бара награди. Се разбира дека ме израдува веста, затоа што ова е прво големо признание кое го добивам од мојата држава. Иако, да бидам искрен, со надеж дека нема да зазвучи нескромно, доста често помислувам кога настапувам на разни сцени надвор и се прашувам дали луѓето во Македонија се свесни за ефектот што мојата музика и моите настапи го оставаат и впечатокот што го оставаме носејќи ја музиката од Македонија. Верувам дека сум добар амбасадор на таа музика и на таа култура и мислам дека признанието си е на место.

Колку оваа награда, пак, во некоја рака е и признание за современата македонска музичка сцена? За онаа жива пулсирачка (суб)култура. За враќање на вистинските вредности во времево на изместени вредности, на турбоизација на духот.

Ова е признание не само за мене, туку и за целата фела луѓе кои не се сметаат себе си за официјална култура. Или што доаѓаат од субкултурата, рокенролот, џезот, од авангардна уметност...од не знам каде сè не. Меѓутоа интересно е тоа што ако долго време инсистираш на тоа што го правиш, без разлика дал го правиш од подрум на некоја зграда, ако си долго фокусиран на такво нешто и ако тоа вроди со некаков квалитет, тогаш автоматски таа субкултура прераснува во култура. Односно се трансформира во култура. Иако, да бидам искрен, ја знам дека многу луѓе ова го заслужуваат. Многу луѓе кои на прв поглед се маргинализирани, неприметени...или недоволно афирмирани. Има се разбира и професии кои необично ги почитувам и кои мислам дека се први на топ листата за добивање некакви награди и признанија. Тука најмногу мислам на доктори и хирурзи, затоа што нивната работа е многу постресна и многу поодговорна од мојата.

Сепак требаше да помине долго време, по толку изданија и отсвирени концерти, илјадници поминати километри... за конечно некој да се сети да го валоризира вашиот труд како уметник.

Растеглив е поимот што е тоа официјална, а што алтернативна култура. Рокенролот одамна не е алтернативна култура. Тој е етаблиран како нешто популарно, како нешто што едновремено носи и профит и затоа може да се дефинира и како индустрија. Овде не мислам само на РОЛИНГСТОУНС-и, мислам и на некои други помали атракции кои исто така го вртат она тркало што се нарекува популарна култура. Уште во 1960-те години Енди Ворхол се бавеше со тоа популарната култура да ја претвори во уметност. Така што од една страна не мислам дека сум алтернатива. Алтернатива бев можеби во средината на 1970-те години кога почнувавме да вежбаме во гаражи и кога се обидувавме да направиме бенд што ќе свири добра музика. Меѓутоа после сите тие албуми и сите тие настапи и после сите признанија и награди што сум ги добил мислам дека сум одамна етаблирана култура. Мојот пат е интересен и чуден. Мојата кариера е навистина шаренолика со оглед на тоа дека сум соработувал со многу интересни и различни музичари, ансамбли, оркестри...Не се стига баш лесно како алтернативец до Лондонскиот симфониски оркестар. Треба сепак да те забележат, треба малку да имаш и среќа, малку и знаење, а најмногу од сè упорност во тоа што го работиш.

Еве, сега полека го смислувам и тие зборови на благодарност што ќе треба да ги кажам на чинот на додела на наградата и заклучувам дека сум му бескрајно благодарен на моето семејство за сите мои турбуленции. Згора на тоа на сите оние луѓе кои застанале до мене на сцена и кои влегле со мене во студио. Сите заслужуваат кредит од ова признание затоа што јас сето тоа сам не би можел да го направам. Стално делиш сцена со некој. Стално делиш студио со некој. Почнувајќи од тие што свират со тебе, па сè до оние кои снимаат, варат кафиња додека ти свириш или талкаш околу барајќи некое решение...Многу луѓе се заслужни за ова што конечно мене како највисока државна награда ќе ми дојде.

Убавите вести ви доаѓаат некако помеѓу два концертни настапи од регионално „непрекината турнеја“. Која е следната ваша уметничка дестинација и до каде стигнавте со снимањето на новата албумска објава?

Еве утре, на 27 септември, одам за Црна Гора. Таму имам два концерта – едниот е во рамките на „Никшиќ гитар фестивал“. На него гостин ќе ми биде саксафонистот и флејтис Васко Атанасовски, мој добар пријател од Словенија, а следниот ден сум во Кралскиот театар во Цетиње каде ќе одржам акустичен солистички концерт. Инаку, неодамна го завршив снимањето на мојот прв соло албум кој го нареков „Мајчин јазик“. Кога велам „соло албум“ мислам токму на тоа – го снимав без било каква асистенција сам во студиото користејќи само една акустична гитара. Направив еден вид музички самослик – еден микрофон, една гитара и еден човек. Начинот на свирење е навистина оригинален, дел од композициите се познати, но со дел по прв пат влегувам во студио. Влегов во една музичка авантура со многу возбудлив резултат. Кроација рекордс веќе го печати албумот на носачи на звук и во средината на октомври очекувам да се појави на пазарот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG