По две години од од солистичкиот концерт со Македонската филхармонија, Здравко Ангелов, еден од најдобрите домашни кларинетисти, исправен е пред нов предизвик. И овојпат со својот матичен оркестар во рамките на симфонискиот концерт „Made in Macedonia“ каде тој ја има челната позиција како инструменталист и тоа во изведбата на Концертот за кларинет и оркестар бр. 1 од Лудвиг Шпор.
„Последен пат солист со Македонската филхармонија бев пред две години. Свирев исто така атрактивна програма . Концертот за кларинет и оркестар бр. 1 од Лудвиг Шпор е вистински предизвик за секој еден уметник, артист, за да го отсвири. Се работи за романтичен концерт и јас не се сомневам дека публиката, оние наши редовни слушатели и подржувачи, ќе бидат задоволни од она што ние таа ноќ ќе им го понудиме“, вели Ангелов.
Роден 1978 година во Струмица, Здравко Ангелов се смета за еден од најистакнатите македонски кларинетисти. Своето музичко образование го започнал на седумгодишна возраст, а средното го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“. Дипломирал во 2000 година во класата на проф. Иван Кочаров и магистрирал во 2012 година во класата на професор Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Повеќе од 11 години е вработен како прв кларинетист во оркестарот на Македонската филхармонија. Во неговото работно искуство се вбројува и педагошката работа во ДМБУЦ во Скопје, како и двегодишното искуство како надворешен соработник во оркестарот на Македонската опера и балет.
Во текот на својата досегашна музичка кариера, Ангелов се стекнал со бројни признанија и награди, меѓу кои: прва награда во Скопје и трета награда во Хeрцег Нови, Црна Гора во 1989 година, потем и прва награда со камерен состав – трио во 1992 година, а осум години подоцна ја освоил специјалната награда на компанијата „Јамаха“ која е во светот е позната по своите музички инструменти.
Тој настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа, но и како камерен музичар со разни формации, а воедно е постојан член на ансамблот „Консонанс“.
Учесник е на значајни фестивали, како што се „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест“ – Битола“, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, „Номус“, „Бемус“, а концертно настапувал и во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Оман, САД...
Говорејќи за активностите во догледно време кларинетистот знае да каже дека го очекува исклучително интересен период исолнет са настапи не само на матичната сцена со Македонската филхармонија, туку и во земјите од регионот.
„Наскоро ќе треба да го отсвирам солистичкиот концерт во Црна Гора, тука е и перформансот со триото во соседна Бугарија, а со ансамблот за камерна музика „Консонанс“ планираме да ги завршиме преговорите за серијата настапи што ни претстои, но останува да видиме што од сето тоа ќе се оствари, затоа и не би сакал пред време да се истрчувам со одредени информации“, вели тој.
Од друга страна, Здравко Ангелов зад себе има неколку носачи на звук на кои е забележана магијата што со својот инструмент ја донесува на сцена.
„Веќе имам снимено солистички албум со снимки од моите досегашни рецитали. Истото тоа во однос на аусио записите го сторивме и со „Консонанс“, а би сакал во иднина да снимам и неколку концерти со симфониски оркестар. Кога тоа го велам пред се мислам на нашиот оркестар, на Македонската филхармонија и би бил пресреќен кога уште таа желба во некое идно време би ми се остварила“, вели инструменталистот.
Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава со своето музицирање. Настапувал под палката на исклучителни диригенти како што се Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Меер, Емил Табаков и нашите Саша Николовски–Ѓумар и Борјан Цанев.
А, токму маестро Цанев ќе биде диригент на симфониската вечер „Made in Macedonia“ на која на програмата се и делото „Лет“ од австралискиот композитор со македонско потекло, Мајкл Бакрнчев, како и познатата Симфонија бр. 41 или „Јупитер“ од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт.