Достапни линкови

Лумановски - Ние сме директно инспирирани од духот на Њујорк


Исмаил Лумановски и неговиот ЊУЈОРК ЏИПСИ ОЛ СТАРС како од шега ги продадоа билетите за концертите, што, во рамките на актуелната балканска турнеја на која го промовираат вториот албум, треба да се случат на 29 и 30 септември во Центарот за култура во Битола и во МКЦ во Скопје.

Секогаш е голема радост кога ќе излезеш со МУЗИЧАРИШТЕ на подиум, затоа што она што тогаш го споделуваме е моментот на уживање.

Нашата музика е интернационална и блиска до многу различни нации. Сите ја чувствуваат на ист начин. И тоа ме прави многу среќен бидејќи со леснотија може да свириме и во Турција, и во Грција и во Македонија, во Бразил, дури и во Јужна Кореја. Реакциите на луѓето од публиката се безмалку исти. Скоро сите реагираат речиси на исти делови од одредена композиција или фраза.
Исмаил Лумановски, музичар.

Ова ќе го забележи Вера Милошевска за кларинетистот Исмаил Лумановски во интервјуто по илинденскиот концерт на ЉУБОЈНА во Битола.

Исмаил Лумановски, кларинетист.
Исмаил Лумановски, кларинетист.

А, нешто пред тоа, во „Њујорк тајмс“ за нашиот Смајче критичарите ќе напишат дека е „брилијантен и бестрашен млад инструменталист“. И, кога сме веќе кај цитатите, за неговите, пак, ЊУЈОРК ЏИПСИ ОЛ СТАРС, една од формациите со кои талка по светот, во влијателниот магазин „Сонг лајнс“, меѓу другото, ќе биде речено дека „станува збор за одличен млад бенд предводен од огнениот македонски кларинетист Исмаил Лумановски со прекрасниот Тамер Пинарбаси на канон“.

Музиките што се раѓаат во Њујорк се многу специфични и единствено можат да настанат само во тој град. На неговите улици, уште повеќе во тамошните клубови. Ние сме директно инспирирани од духот и спецификите на тој мегалополис.
Исмаил Лумановски, музичар.

И овде на убавите зборови не им е крајот, а Исмаил, откако го чувме со Дуке Бојаџиев и во „Шербет Љубојна“, еве го повторно дома. Овој пат со два концерта на своите ЊУЈОРК ЏИПСИ ОЛ СТАРС, во родната Битола и во Скопје, во рамките на регионалната турнеја која што започна на 18 септември во Истанбул.

Таму Лумановски, Пинарбаси, басистот Андреас Панајотис, тапанарот Енгин Гунајдин и клавијатуристот Џејсон Линднер, настапија на четвртиот Интернационален кларинет фестивал со легендарниот индиски перкусионист Трилок Гурту и Тулуч Тирпан, еден од најпознатите турски џез пијанисти, како гости. Потем патот ги водел до Ескишер и Анталија, па во Грција, во Атина, Волос и во Солун.

„Нашата музика е интернационална и блиска до многу различни нации. Сите ја чувствуваат на ист начин. И тоа ме прави многу среќен бидејќи со леснотија може да свириме и во Турција, и во Грција и во Македонија, во Бразил, дури и во Јужна Кореја. Реакциите на луѓето од публиката се безмалку исти. Скоро сите реагираат речиси на исти делови од одредена композиција или фраза“, вели Исмаил.

Тој дополнува дека тоа веројатно се должи и на фактот што ЊУЈОРК ЏИПСИ ОЛ СТАРС доаѓаат од Големото јаболко и со себе го носат космополитскиот дух и енергијата на тој град.

„Музиките што се раѓаат во Њујорк се многу специфични и единствено можат да настанат само во тој град. На неговите улици, уште повеќе во тамошните клубови. Ние сме директно инспирирани од духот и спецификите на тој мегалополис. Всушност, во нашиот фокус мелодиски ни е Балканот, а светот го покриваме ритмички и хармонски. Во нашите оригинални композиции има многу елементи од она што се нарекува типично балкански ромски стил, но тука терминот е искористен во поширока смисла. Го правиме она што го направија Ромите, тргајќи од Индија и патувајќи до овие наши краишта, па потем и до Западна Европа, Америка, притоа вметнувајќи музички идеи од секој народ. Отворени сме кон светот и едноставно посегаме по сè што ни се допаѓа и го ставаме во таа наша верувам специфична звучна рамка“, вели тој.

Лумановски започнал да го изучува кларинетот кај прочуениот Панде Татарчевски во родната Битола, за да потем дипломира и магистрира на њујоршкиот универзитет „Џулијард“, каде патем добива три стипендии за време на студиите. Полн со животна и творечка енергија, тој денес настапува не само со ЊУЈОРК ЏИПСИ ОЛ СТАРС или тајфата ГРНЕТА, со Дуке Бојаџиев или ЉУБОЈНА, со Македонската филхармонија, туку паралелно работи и на бројни проекти со врвни авторитети. Го има секаде.

„Се трудам да имам информации од различните жанрови на музика. Јас и така пораснав. Од мал бев фокусиран на класичната музика. Таа ми беше најдалечна, најтешката музика со којашто требаше да се соживеам, но потем таа се разви во мене и остана да биде силен дел од мојот изведувачки ракопис. Потем сите други жанрови постепено си дојдоа. И нормално тука се соработките со мнозина виртуози од различни делови на светот, едноставно го збогатија мојот музички јазик“, вели музичарот.

Згора на ова Лумановски е предводник и на неговото Д СИКРЕТ ТРИО со кое музицира по светот, а на 7 ноември како солист ќе настапи со Македонската филхармонија во Линколн центарот.

„После тоа заминувам на турнеја со брас-бендот ИНСПЕКТОР ГАЏЕТ од Сан Франциско. Тоа е многу интересен и специфичен проект за мене. Во него сите музичари се Американци кои свират балканска музика и јас сум им во некоја рака учителот. Енергијата што се добива со тој бенд е несекојдневна. Уникатна. На крајот на месецот одам во Турција каде што креирам нов проект во кој јас ќе бидам солист, а ќе ме придружуваат познати тамошни музичари. Тоа ќе биде специјален проект зад кој сои Турската национална телевизија што значи дека концертот што ќе го одржиме на 30 октомври ќе биде сниман за потребите на овој медиум“, вели Лумановски.

Во текот на оваа балканска турнеја, ЊУЈОРК ЏИПСИ ОЛ СТАРС го објавија и вториот албум, следбеникот на одличното деби издание „Romantech“ од 2011-та. За него водачот на составот знае да каже дека е работен во последниве две години и дека е тоа „навистина специјално издание за нив“.

„На овој албум креиравме и подруг музички јазик. Имаме соработки со многу познати светски имиња и со дузина македонски музичари. Работевме премногу на овој проект и тоа ќе може да се слушне од снимениот материјал“, вели Лумановски.

Инаку, Исмаил не крие дека за да се опстои на светската сцена, да се биде уметник, музичар е потребно многу работа.

„Не е лесно да се живее овој живот. Постојано сме на пат. И не само јас, туку еве и колегата кларинетист Васко Дуковски, па и сите оние македонски музичари кои се обидуваат да изградат име во светот треба да бидат подготвени на многу откажувања. Треба да се работи интензивно и без прекин. Едноставно така и никако поинаку се живее во Њујорк. Градот нè научи на тоа. Така сите работат. Јас сум таму 13 години и навикнав на тој начин на работа. Ако застанам ден, два, три, ако мозокот 100 отсто не ми е фокусиран на работата, почнувам да чувствувам празнина. И тоа е веќе проблем со кој под итно треба да се справам. Јас едноставно морам да бидам присутен. И постојано креативен. Друго нема“, вели Лумановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG