Достапни линкови

Пијаниизмот на Јапонката Сате на фестивалот „Модоарс“


Јапонската пијанистка Асами Сате со два концерта на македонскиот фестивал за современа музика „Модоарс“. Најнапред програмата составена од дела на класиците Рахмањинов, Шопен и Дебиси и народната Сакура-Сакура ја свиреше во концертната сала „Методи Патче“ во Охрид, а в понеделник, на 6 јуни, во 20 часот, ќе настапи во Даут Пашиниот амам во Скопје. Гостинка на концертите е нашата Емилија Потевска Попивода.

Не многу по трите инспиративни перформанси на косовскиот и светски гитарист Петрит Чеку, на фестивалот за современа музика „Модоарс“ ни доаѓа уште едно значајно музичко име – јапонската пијанистка Асами Сате. Таа музицираше во древниот Охрид, а в понеделник од 20 часот, со програма во која се одбрани дела на Рахмањинов, Шопен и Дебиси и јапонската народна песна Сакура-Сакура, ќе се претстави пред љубителите на убавата музика во Скопје.

Ова е мое прво доаѓање во Македонија и токму затоа се решив да ги свирам моите омилени композитори Рахмањинов, Шопен и Дебиси чии композиции се застапени на мојот прв албум објавен минатата година.
Асама Сате, пијанистка

Родена во Точиги, Асама Сате започнала да го изучува пијаното на тригодишна возраст, за да не многу потоа ги добие и првите лекции по композиција. Во текот на школувањето имала можност да работи со врвни музички педагози како Јоко Саито, Нобуко Кондо, а паралелно со студиите на Музичкиот колеџ во Токио, започнала да се усовршува кај прочуените професори уметници Михал Радек во Прага и Виктор Теуфмаер во Виена.

Во 2003 година, Асами Сате победува на Интернационалниот натпревар по пијано во Осака, а по дипломирањето, наредната 2004 добива стипендија од фондацијата „Изука Такеши“ со што и се отвора убава можност да ги продолжи студиите по пијано кај Виктор Росенбаум, на Лонџи сккул оф мјузик во Бостон, САД. Таму младата Јапонка се фокусирала на камерната музика и корепетицијата, будно следена од авторитети како Роберт Мерфелд, Вајман Чин и Брајан Мол, за да набрзо потоа го одржи својот прв рецитал со кој брилијантно дебитирала на американската музичка сцена.

Покрај постојаното усовршување како пијанист, Асами Сате е позната и како признат светски уметнички/музички продуцент. Уште како студент во 2004 година, таа успеала да го привлече вниманието на публиката со нејзината работа на проектот „Светот на Штокхаузен“ кој се реализираше во познатата концерна сала „Сантори“ во Токио, а бележит е и нејзиниот ангажман на музичкиот фестивал во Хот спрингс, каде имала можност да работи две години подоцна. За нејзината успешна работа како музички менаџер зборува и соработката со голем број престижни оркестри и изведувачи, посебно со оние вклучени во културната размена меѓу САД, Европа и Азија.

Во последниве неколку месеци, таа работеше на јапонската турнеја на Берлинската филхармонија, како и на серијата концерти на големиот Даниел Баренбоим на кои беше присутна во двојна улога – како пијанист и диригент.

„Ова е мое прво доаѓање во Македонија и токму затоа се решив да ги свирам моите омилени композитори Рахмањинов, Шопен и Дебиси чии композиции се застапени на мојот прв албум објавен минатата година. Убедена сум дека публиката нив одлично ги познава, а на програмата се најде и една стара јапонска песна – „Сакура – Сакура“ или ако сакате „Цветот на црешата“, која ја од мали ја учат сите јапонци и со која овде кај вас јас како уметник сакам да го донесам духот на традицијата на мојата земја“, вели Асами Сате.

Таа дополнува дека е воодушевена од убавините на Охрид и посебно од македонската музика, од нашите непарни ритми. Затоа и решила гостинка на концертите да и биде нејзината пријателка и пијанистка Емилија Потевска – Попивода.

„Како студентка во Бостон од моите колеги слушав за убавините на Македонија, за Охрид, за езерото, планините... Не ни сонував дека по една декада ќе имам можност да ги видам овде пред мене. Токму и затоа сум почестена што сега сум овде. Инаку, музиката за мене е навистина уникатна. Ќе ги вложам сите сили да се нурнам во мистеријата на вашата ритмика, тоа ќе биде фантастично искуство за мене. Ако бидам задоволна од таквата потрага ќе се обидам за година - две да ја свирам македонската музика за јапонската публика“, вели таа.

Потевска, која од своја страна е потписник на организацијата на фестивалот „Модоарс“, истакнува дека е пресреќна што со два настапи во земјава ја имаме врвната млада јапонска пијанистака и продуцентка Сате и убедена е дека нивната соработка ќе продолжи и во иднина.

„За прв пат свириме заедно пијано со четири раце и се надевам дека концертот од ваков вид ќе можеме да го повториме во неколку градови од Јапонија следната година“, вели таа.

Конечно, последната серија концерти на годинешното издание на фестивалот за современа музика „Модоарс“ е предвидено да се одржи во текот на септември кога во Македонија доаѓа турската пијанистка Лејла Сабит. Гостин на нејзините рецитали ќе биде македонскиот кларинетист Бранко Павловски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG