Достапни линкови

Иванова и совршениот пијанизам на култниот Сакамото


Пијанистката Дуња Иванова, овој четврток, на 24 март, со почеток во 19.30 часот, ќе одржи концерт во Малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Рециталот комплетно му е посветен на култниот јапонски уметник Руичи Сакамото и на него по прв пат во земјава интегрално ќе биде претставен поголемиот дел од неговото солистичко творештво.

По серијата концерти посветени на Филип Глас, Лудовико Еинауди, Збигњев Прајснер и Арво Перт, пијанистката Дуња Иванова се реши да посегне и по творештвото на култниот јапонски и светски уметник Руичи Сакамото. Посветата овојпат ќе биде сторена в четврток, на 24 март, во Малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, а рециталот по прв пат во земјава интегрално ќе претстави дел од солистичкото творештво на овој исклучителен автор и врвен инструменталист.

Едноставно не можев да го одминам неговото творештво кое остава длабока трага во овој и минатиот век. Она што во неговата музика е специфично, а што мене ме привлече е чистиот пијанистички стил што тој го негува во неговите композиции кои едноставно додека ги слушате не ви се потребни слики, не ви е потребно платно.
Дуња Иванова, пијанистка.

„Едноставно не можев да го одминам неговото творештво кое остава длабока трага во овој и минатиот век. Она што во неговата музика е специфично, а што мене ме привлече е чистиот пијанистички стил што тој го негува во неговите композиции кои едноставно додека ги слушате не ви се потребни слики, не ви е потребно платно. Неговата музика зборува и раскажува некаква приказна што сметав дека ќе биде многу привлечна и за пошироката публика и дури за оние кои воопшто не го познаваат како композитор. Оттаму беше голем предизвик да започнам да истражувам во неговото творештво кое е наменето за соло пијано“, вели во пресрет на концертот Иванова.

Пијанистката дополнува дека секој изведувач со секоја изведба дава некаков свој личен печат на музиката, но дека таа искрено додека ја работела оваа музика на Сакамото не нашла ниту една забелешка, ниту една мана во техничка или музичка смисла.

„Неговите композиции се совршено креирани за еден пијанист. Тоа зборува и за неговата посветеност кон изведувачката дејност и за неговиот квалитет како инструменталист. Затоа ни мислам дека било кој би требало да интервенира во музиката на Руичи. Овие дела кои ги свирам се аранжмански покриени и од други автори, но сепак она што е сржта, она што е суштината на неговата музика е едноставно совршено.“

А, за овој концерт таа одбрала програма во која се најпознатите дела на Сакамото, меѓу кои темите од филмовите „Чај во Сахара“, „Бабел“, „Оркански висови“, „Среќен Божиќ, господине Лоренс“ ( во кој се појавува и како актер со Дејвид Боуви како партнер), како и оригинални композиции напишани и документирани на неговите дискографски објави „БТТБ“ и „Свирејќи пијано“.

Роден 1952 година, Руичи Сакамото е музичар, композитор, аранжер, продуцент, автор, пејач, актер и активист кој живее и работи во Токио и Њујорк. Кариерата ја започна во 1970-те години како член на триото ЈЕЛОУ МЕЏИК ОРКЕСТРА - пионери во развојот насинтетичкиот поп, техно и хаус музиката. Неговите експериментални албуми ,,Thousand Knives“ и ,,B-2 Unit“ извршија големо влијание врз развојот на електронската и хип хоп музиката, а тој како автор потпиша убава низа на солистички албуми во соработка со истакнати интернационални артисти како Џил Џонс, Роби Робертсон, Арто Линзи, Винисиуш Кантуарија, Брајан Вилсон, Иги Поп , Дејвид Боуви, Слај Данбар, Бил Лавел, Бутси Колинс. Дејвид Силвијан, Ингрид Чавез, Џон Лури...и други

Со композицијата ,,Merry Christmas, Mr. Lawrence“ (1983)Сакамото дебитираше како филмски композитор и актер, а главната тема адаптирана во синглот ,,Forbidden Colours“ стана интернационален хит.

Автор е на музиката за бројни филмски остварувања меѓу кои и ,,The Last Emperor“(1987), ,,The Sheltering Sky“ (1990), ,,Little Buddha“ (1993), ,,Babel“ (2006) и ,,The Revenant“ (2015).

Добитник е на Academy Award, BAFTA, Grammy, и два Golden Globe Awards.

Дуња Иванова (1985), од своја страна, и припаѓа на генерацијата исклучително образовани и плодни македонски творци. Најнапред магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано, а потем и докторирала на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот ,,Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со солистичка и камерна концертна дејност се претставува во Њујорк (САД), Париз (Франција), Сараево (БиХ), Рагуза (Италија), Приштина (Косово); на фестивалите Скопско и Охридско лето, Денови на Македонската музика, Музика вива и ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Настапувала со оркестарот на Музичката младина на Македонија, во камерни состави и во рамките на балетски претстави.

Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт... генерално на авангардните творци кои се чини дека не се во фокусот на повеќемина репродуктивни уметници кај нас.

„Се додека наоѓам на некаква техничка подршка за овие концерти да ги слушне одреден број на публика тоа е мојата цел. Значи, ова е правецот по кој ќе се движам. Инаку, се надевам дека следен на мојот список за рецитали ќе биде големиот Енио Мориконе. Неговото моќно творештво.“

Иванова со свои трудови од областа на музичката теорија и практика учествувала и на трибините на здружението на педагозите по пијано на Македонија ЕПТА, на конференциите на Институтот за истражување и архивирање музика ИРАМ, на научно-стручни собири на Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип.

Од 2007 година работи како наставник по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј“- Скопје.

Автор е на книгата ,,Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите ,,Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и ,,Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG