Достапни линкови

Флејтистката Сарана Османи со рецитал во КИЦ


Со програма составена од дела на големите композитори како Сент-Сан, Дебиси, Поланк, Пијацола и Даиа, овој вторник, во 20 часот, во Салон 19.19 на Културно информативен центар во Скопје, ќе се претстави флејтиската Сарана Османи со пијано придужба на Верица Шотаровска. Гости на рециталот ќе бидат гитаристот Бекир Сејфула и учениците на Османи од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Младата флејтистка Сарана Османи, по нецели две години од настапот во рамките на циклусот „Доаѓаме“, еве ја повторно со рецитал во КИЦ во Скопје. Овојпат таа, со Верица Шотаровска како пијано-придружба, се реши да понуди програма составена од одбрани дела на големите творци како Сент-Сан, Дебиси, Поланк, Пијацола и албанскиот композитор Даиа. Гости на овој концерт ќе бидат гитаристот Бекир Сејфула и учениците на Османи од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

При подготовката на овој концерт најважно ми беше на публиката да и раскажам нова звучна приказна. Да и подарам многу повеќе колорит отколку на претходните настапи. Да понудам разнообразност. Да им биде поинтересно на посетителите на концертот, на оние кои веќе навикнале да слушаат само флејта и пијано. Едноставно да ги споделам своите емоции со публиката. Конечно да го покажам сето она што сум го работела сиве овие години.
Сарана Османи, флејтистка.

„При подготовката на овој концерт најважно ми беше на публиката да и раскажам нова звучна приказна. Да и подарам многу повеќе колорит отколку на претходните настапи. Да понудам разнообразност. Да им биде поинтересно на посетителите на концертот, на оние кои веќе навикнале да слушаат само флејта и пијано. Едноставно да ги споделам своите емоции со публиката. Конечно да го покажам сето она што сум го работела сиве овие години“, вели Османи во пресрет на својот нов перформанс.

Родена 1988 година во Скопје, Сарана нижо и средно музичко образование завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на професор Р. Џокановска, а дипломирала на Факултетот за музичка уметност на Државниот универзитет во Тетово, во класата на професор Венера Мехметагај Кајтази.

Еве не сега со нова програма, со нови гости, како што е гитарата и нејзините ученички кои што ги спои и направи квартет за да и тие се претстават пред публиката, но конечно и таа да ги понуди своите педагошки способности.
Верица Шотаровска, пијанистка.

Учесник на стручни семинари и мастер класи за флејта и за камерна музика раководени од признати и познати професори како Лаура Левај Аскин, а зад себе има повеќе настапи како солистка и камерен музичар.

Настапувала на манифестации како „Звуците на Чаршијата“ и на „Летната музичка академија“ во Приштина, а наедно Османи е основач и движечка сила на квартетот флејтистки ОДА. Девојките интерпретираат автентична албанска музика, аранжирани за четири инструменти, а на својот репертоар имаат и дела од класичната музичка литература.

Нејзината колешка, пијанистката Верица Шотаровска од најрана возраст е на концертните подиуми. Започнала уште како ученик во ДМБУЦ „Илија Нколовски-Луј“, за да потем се јави и како солист, дел од камерни состави и пијано соработник на многубројни концерти во државата и надвор од неа.

Настапувала со гудачкиот состав АРКО, Македонска филхармонија, Мандолинскиот оркестар и други оркестри, а добитник е на повеќе државни награди и награди на меѓународни натпревари во земјава, во Србија, Бугарија, Франција и во Италија.

„Со Сарана соработуваме од нејзиниот дипломски испит. Таа соработка започна сосема случајно, но набрзо ни стана јасно дека ни е убаво, дека уживаме во изведбата, дека тогаш направивме добар концерт и затоа не се размислувавме околу тоа дека треба да продолжиме заедно. Еве не сега со нова програма, со нови гости, како што е гитарата и нејзините ученички кои што ги спои и направи квартет за да и тие се претстават пред публиката, но конечно и таа да ги понуди своите педагошки способности“, истакнува пијанистката Шотаровска.

Од друга страна, иако на Бекир Сејфула ова му е прва музичка средба со Сарана Османи и тој со својата гитара ќе биде присутен само при изведбата на „Танго 1930“ на Астор Пијацола на овој концерт, сепак нималку не се сомнева дека оваа иницирана соработка ќе продолжи и во иднина.

„Ние музичарите секогаш сме отворени за соработка. Сакаме да ја делиме таа заедничка љубов за музиката и затоа се решаваме за ваквите изведби пред публиката. Се надевам, да не кажам дека сум сигурен, дека и натаму ќе имаме заеднички соработки во овој состав, но и во опкружување со многу други инструменти. Знаете дека има доста дела и дека гитарата може да се комбинира, да се квадрира во разни состави“, истакнува Сејфула, појаснувајќи дека обојпат одбирот паднал на едно доста интересно, енергично дело во кое се силно се чувствува духот на тангото.

Роден во Скопје во 1983 година, Бекир средно музичко училиште завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“, а дипломирал во 2006 година на Музички Факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, насока - гитара. За време на студиите тој учествувал на бројни концерти организирани во нашата земја, а бележит е и неговиот перформанс на минатогодишниот „Скопје гитар фестивал“. Моментално е на постдипломски студии по гитара на Факултетот за уметности на Универзитетот во Приштина, во класата на професор Џевдет Сахатчиу.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG