Поголем број случаи на кражби во верски објекти бележи тетовската полиција. Крадците земале пари и од цркви и од џамии, а карактеристика е тоа што најчесто повеќе прават материјална штета, отколку што наоѓаат банкноти. Од една црква украдени се, на пример, сите електрични кабли.
„Безмалку сите кражби биле извршени со насилно провалување на влезните врати, со кршење прозорски стакла, и со насилно отстранување на кутии за оставање доброволни прилози од верниците во внатрешноста или на оградните ѕидови од џамиски објекти“, истакна Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Кога се краде од верски објект се прави штета и на неговото функционирање, објаснува отец Александар Стојановски, свештеник во тетовско-гостиварска епархија при Македонската православна црква за последиците со кои се соочуваат после кражбите и материјалните оштетувања.
„Црковните храмови немаат производствена дејност, туку целото финансирање е доброволните прилози на луѓето што ги оставаат во касите за икони, од продажба на свеќи и така натаму и од тоа секогаш храмовите ги исплаќаат своите сметки за струја, за вода, за телефон, потоа за платите на клисарите, вработените и сите останатите трошоци за одржување на храмот се главно базирани на тие доброволни прилози“, вели отец Александар.
Од полицијата велат дека дел од крадците се наоѓаат. Советуваат да се преземат превентивни мерки за да се спречат кражбите и оштетувањата.
„СВР Тетово уште еднаш апелира до старешините, односно одговорните на верските објекти, квалитетно да ги заштитат со соодветна опрема, да не оставаат незаклучени врати и отворени прозорци. Доколку забележат сомнително движење нa непознати лица околу објектите веднаш да пријават зошто вешто и мошне досетливо стапуваат на сцената брзо оперираат и уште побрзо ги напуштаат објектите“, рече портпаролот на тетовската полиција.
Свештените лица се надеваат дека ќе преовладее моралната свест кај луѓето кои прават злодела во верските објекти.
„Апостол Павле не почува дека етичките заповеди се исти за сите дури и за еден атеист. Би требало да е етичка заповед да не краде односно да не го оштетува тоа што припаѓа на другиот човек, вели отец Александар.
Покрај пари од црквите се крадат и иконите кои имаат голема вредноста на црниот пазар.