Достапни линкови

Барџиева Трајковска - Ново културно наследство, за сметка на старото


Донка Барџиева Трајковска, универзитетски професор и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.
Донка Барџиева Трајковска, универзитетски професор и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.

Државата се нафатила со еден многу чуден, многу контроверзен, многу спорен проект за создавање на ново културно наследство, за сметка на старото коешто веќе постои, вели Донка Барџиева Трајковска, универзитетски професор и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.

Професорке Барџиева Трајковска, помина речиси една година од вашата изложба на која преку фотографии покажавте каква е состојбата не терен со заштитата на културното наследство. Дали оттогаш има некакви промени?

За жал, веднаш по затворањето на изложбата, кога ги демонтиравме експонатите, првата вест што ја слушнавме беше пожарот во манастирот Трескавец. Тоа е уште една работа што само ја комплетираше сликата за лошата состојба на културното наследство, меѓутоа овојпат во многу драстични размери. Годината ја завршивме исто така со кражба на вредни артефакти од Музејот на Македонија, кои, пак, од друга страна, говорат за тоа како се грижиме и како функционираат институциите во однос на чувањето и презентирањето на она што значат движни артефакти, затоа што исчезнаа многу драгоцени примероци на накит. Мислам дека овие два примери за една сериозна држава би требало да значи дека надлежните институции конечно треба да почнат, во случајов надлежното Министерство за култура, да преземат радикални мерки, односно да преземат чекори, најнапред за сондирање на состојбата во институциите и во однос на примената на законот и на подзаконските акти и конечно уште еднаш да ја проверат состојбата на теренот и врз основа на приоритети, според степенот на загрозеност и на вредност, да изготви листа на објекти коишто би биле од национално значење и би биле финансирани барем во она што значи национална програма. Една година по изложбата состојбата драстично се влошува секојдневно.

Ако може да сумирате од вашето искуство на терен, кој дел од македонското културно наследство е најзагрозен?

Целото културно наследство е во опасност, целото е загрозено. Македонија како држава најмногу е препознатлива по сакралното културно наследство, значи по нашите средновековни византиски цркви, којшто се антологиски дела и се буквално публикувани во сите енциклопедиски изданија каде се третира византиската уметност. Најзагрозени во моментов се токму овие бисери на византиската уметност. Ако се обидуваме да направиме некаква приоритетна листа, прва би била црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, или црквата Свети Климент од 13 век, веднаш потоа црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане, не во помалку лоша состојба е секако Архангел Михаил во Лесново, односно Лесновскиот манастир. Сега во последните години она што нас особено ни го привлекува вниманието и говори за континуирано пропаѓање е ремек делото на византиската уметност од 12 век, тоа е живописот во црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново. Ние во последните две години интензивно ја следиме состојбата на овој објект. Секој ден, секој месец, процесите кои таму веќе се предизвикани во однос на архитектурата го загрозуваат во голема мера и фрескоживописот и тука се неопходни итни мерки.

Ако се направи споредба на парите што Министерството за култура ги одвои во изминатите неколку години за заштитата на културното наследство во однос на оние кои ги даде за изградба на лавовите, толку изнесува годишниот буџет што се издвојува за заштита на културното наследство. Што ни кажува овој факт, како може да го толкуваме?

Дефинитивно станува збор за еден диспаритет којшто се јавува во однос на финансирањето, на изградбата на новите споменици, или тн. спомен обележја, тоа се скулптури на значајни личности. Целиот тој проект Скопје 2014, сето тоа што таму како сума се одвојува, во однос на годишниот буџет за заштита на ниво на држава кој минатата година беше некаде околу 600 илјади евра, можете да замислите за каков сооднос станува збор. Нас тоа навистина нè загрижува и ние постојано зборуваме за тоа. Но средствата сами по себе не се проблем, тие се резултат на една политика, на една стратегија на актуелната влада. Невозможно е. Доколку државата ја знае вредноста на културното наследство, тогаш ќе одвои и адекватна сума на средства, ќе обезбеди и позитивна законска регулатива која ќе оди ви прилог на заштитата на културното наследство. Очигледно дека постои стремеж она што се прави да биде повеќе декларативно, повеќе како некаква грижа којашто е повеќе вербална, отколку реална, за сметка на новите споменици кои ги гради и со коишто се препознава. Затоа што забележувате дека многу од овие објекти кои се изградени во последно време, веднаш се ставени во функција. Особено загрижувачки е феноменот, што веднаш по доаѓањето на власт на оваа влада, во буџетот за 2007, три години по ред се вметнуваа во секторот за заштита термини како што се „рекреација на културно наследство“, и изградба на голем дел од објекти кои припаѓаат на проектот Скопје 2014. Значи во ставката заштита беа вметнати, скриени, одредени активности поврзани со изградба на проектот Скопје 2014. Тука се говореше за реконструкција на куќата на Мајка Тереза, која што не постоеше, тоа припаѓа на групата на меморијални споменици и така и сега е именувана, како Спомен дом на Мајка Тереза, објекти како што се обновата на старо-новиот театар, одредени капитални објекти како возобновувањето, термин што во заштитата не постои, возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, она што сега се случува на Кале, значи сето тоа е во функција на рекреација на културното наследство. Се плашам дека сега и други тврдини во Македонија ќе го доживеат и овој процес. Тоа се веќе сериозни сигнали кои веќе 7-8 години како процес се случуваат во Македонија и не можеме да говориме дека одвојувањето на средства не резултира со некоја друга стратегија.

Што значи тоа? Дека во име на грижа за старото, она што земјава го има како културно наследство, создаваме нешто што потоа се злоупотребува за други цели?

Токму така, тоа е едниот аспект. Ние на терен оставаме да ни пропаѓаат навистина врвни објекти, не само кога говориме за сакралните, имаме и извонредни примероци на староградска архитектура која пропаѓа, имаме извонредни примероци на чаршии од периодот на османлиското владеење, кои исто така пропаѓаат. Еве земете ја за пример, тука ни е во близина скопската чаршија, видете ја како изгледа и што се презема и што сè не се случува таму за да се заштити. Се носат формално закони, кои потоа не се почитуваат. Државата се нафатила со еден многу чуден, многу контроверзен, многу спорен проект за создавање на ново културно наследство, за сметка на старото коешто веќе постои.

Кои се последиците на долгорочен план од приоритет којшто му се дава на Скопје 2014 во однос на заштитата на старото културно наследство кое го има Македонија?

Знаете што е најголемиот проблем со овој проект? Не дека е фалсификувано, туку тоа е имитација на нешто што не е карактеристично за нашата историја. Она што ние сега сакаме, односно што владата го прави со новите објекти е резултат на нешто што се случувало на Запад, во Западна Европа, затоа што сите тие стилови се карактеристични за Западна Европа, тие тука не поминале, едноставно не го допреле многу ова културно наследство. Образложението на некои личности дека нешто во нашата историја е празно, па треба да се пополни е страшно, затоа што не постои историја којашто е празна. Пропагаторите на овој проект можат да говорат само во Скопје и во Македонија за Скопје 2014. Би посакала да се појават на некој научен симпозиум и овие тези да ги бранат таму, значи тие се неодржливи, а уште пострашно е што ни го нагрдија градот, му ја сменија физономијата, но го направија тоа на начин кој што е многу евтин, иако многу скапо чини во пари, евтин е како краен производ. За разлика од тоа што го оставија да пропаѓа, а е навистина скапоценост која не може да се измери во пари.

Министерството за култура во последните неколку месеци, честопати излегуваше со став дека не се надлежни за неколку ситуации, меѓу која и за грабежот во Музејот на Македонија. Можете ли да ни опишете каква е состојбата во институциите кои треба да се грижат за заштита на културното наследство?

Морам да забележам дека, бидејќи е тоа една од најстарите музејски институции во Македонија, формиран е прво како Археолошки музеј во 20 години на минатиот век, до денес никогаш не била толку лоша ситуацијата. Она што нам ни се случува, кога станува збор за обезбедувањето и во какви услови функционираат и како се чуваат, колку се обезбедени експонатите во музеите, клучната работа е дека депоата се во ужасна состојба, тоа е едниот проблем. Другиот проблем е проблемот со кадарот, значи веќе не се работи на кадарот, тој не се обновува едноставно. Таму работат специјалисти познавачи на одредени области на кои треба да им бидат создадени услови професионално да си ја вршат работата. Од деведесеттите години, во последните осум години драстично е променета ситуацијата. Настапи одредена замена на стручниот кадар со партиски кадар. Институциите се предадени на партиите и секоја партија си одлучува кој ќе биде директор, тоа е договор на коалиционите партнери во Владата. Партизирани институции, приватизирани институции, кадар којшто не е професионален, кариера која што не се постигнува врз основа на личен и професионален ангажман и желба да се напредува во струката според одредени стандарди кои повеќе ги нема и ние имаме создадено услови за да се случат вакво тип на кражби. Ова за Музејот, не може да се говори за класична кражба, значи тука нема насилно обивање на врата, ниту на влезната, ниту на вратата од депото. Колку и да не сакам да говорам за тоа, затоа што треба да се почека истрагата, меѓутоа одредени елементи говорот дека ние веќе може да кажеме дека станува збор за одреден организиран криминал со луѓе кои се внатре во институцијата. И уште еден исто така многу интересен феномен, се уништува Музејот на Македонија, за сметка на Археолошкиот музеј, тука е веќе односот поинаков. Таму каде што имаме копии, таму каде што имаме восочни фигури, таму каде што се презентираат слики за нешто како треба да изгледа, каде има многу малку оригинали, значи тоа се протежира и тој музеј се фаворизира, за сметка на оној каде што беа сите оригинални артефакти.

Кога споменавте приватизација на институциите, на што точно мислите?


Приватизацијата е во однос на оној кој е именуван од партијата. Знаете кога Министерството за култура ќе објави конкурс и ќе си избере човек којшто треба да поседува одредени квалификации, меѓутоа кои се чисто формални, но треба пред сè да одговори на некои други прашања, тогаш тој не одговара пред вработените, не одговара пред јавноста, тој одговара пред партијата. Партијата буквално се приватизира, со тоа што сè партизира. Во таа смисла сметам дека институциите се партизирани и приватизирани во негативна смисла.

Проблемот со дивите копачи стана дел од институциите. Што е она што го загубивме со оваа појава?

Премногу е сериозна темата. Јас само ќе ви кажам едно, дека проблемот со диви копачи во Македонија се актуализира одвреме, навреме. Значи тој не е во континуитет и факт е дека тие се присутни на теренот и дека не можат да делуваат на теренот доколку немаат поддршка од внатре. Јас во еден период, кратко, година и половина бев в.д. директор на републичкиот Завод за заштита, тоа беше од 1999 до 2000, тогаш беше формиран одреден сектор за безбедност којшто требаше да ги контролира дивите копачи. Јас тогаш го укинав тој сектор, затоа што сметав дека тоа е работа на МВР, а експертите од нашата институција треба само нивното познавање да го отстапат кога ќе треба, како стручна помош на надлежните служби во МВР. Таа година и половина додека бев директор немаше диви копачи, значи дека е јасен сигнал дека без поддршка од внатре не може да се случува тоа и дека некои работи, мислам дека свесно се поттикнуваат. Тука би ја завршила мојата изјава за дивите копачи, меѓутоа не може да не знае Министерството за внатрешни работи, многу работи знаат, и јас мислам дека треба само да се почека да заврши судскиот процес со Фаланга 1 и Фаланга 2 и тука ќе се откријат многу работи.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG