Достапни линкови

Зачестија кражбите на храна и облека во битолската чаршија


Пазар во Битола
Пазар во Битола

Зачестија кражбите на пазарот и во чаршијата во Битола. Порано се ограбуваа златарници, а сега се случувало да се украдат по неколку килограми овошје и зеленчук или неколку пара облека, велат дуќанџиите.

Во последно време зачестија кражбите во старата битолска чаршија и градскиот пазар. Жртви се пазарџиите кои продаваат овошје и зеленчук, занаетчиите, но исто така и дуќанџиите кои заработуваат со продажба на текстил, козметика, играчки и друга стока. Во повеќето од кражбите биле отворени и оштетени катанците, а од дуќаните одземени дел од производите. Се случувало да се украде по неколку килограми овошје и зеленчук, неколку пара облека, па и алати на дограмаџии.

Пазарџиите се изненадени велат и порано се крадело, но на мета не биле магацините со свежа храна, па претпоставуваат дека можни се и кражби од лица за да се прехранат.

„Секое утро ќе слушнеме дека во некој дуќан провалиле, искршиле прозорци, ги отвориле катанците. Уплав човек да го фати. Но, ова се ситни кражби, ќе украдат портокали, некоја маица. Порано се крадеа покрупни работи. Златари крадеа, а сега стигнавме од ситни кражби да стравуваме“, вели дуќанџијата Антонио Поповски.

Понекогаш штетата од оштетениот влез или излог е поголема отколку вредноста на украдената стока.

Од битолската полиција велат дека при кражбите катанците биле отворани со помош на штрафцигер и калауз клучеви. Деновиве полицијата фатила 44-годишен крадец од битолското село Бистрица додека се обидувал да ограби магацин со овошје и зеленчук.

„Со намера да присвои туѓ подвижен предмет и за себе да оствари противправна имотна корист, пријавениот се упатил во магацин за овошје и зеленчук лоциран во старата градска чаршија и со употреба на физичка сила и штрафцигер делувал на двата катанци со кои била обезбедена главната врата. Но, бил спречен од страна на полициски службеници кои го затекнале на лице место“, вели Сања Стаматова, портпарол на битолската полиција.

Кај крадецот биле пронајдени девет клучеви со кои се обидувал да ги отклучи катанците и бравите од дуќаните. Онаму каде клучот не помагал на сила стапувал штрафцигерот.

„Од страна на полициски службеници, по претходно преземени мерки и активности, во периодот наназад пронајдени се и одземени штрафцигер, девет клучеви, мобилен телефон и рачна светилка. Истиот на службата и е познат како сторител на повеќе кривични дела во чаршијата и пазарот во Битола. Поднесувани се повеќе пати кривични пријави за исти или слични кривични дела. Во изготвување се и нови кривични пријави“, додава Стаматова.

Отсекот за превенција заедно со Крим-полиција при СВР Битола, на барање на Комората на занаетчии деновиве организираа средба со дуќанџиите и пазарџиите од чаршијата. На средбата на граѓаните им беше кажано дека полицијата е на терен каде во последниот период откри и фати повеќе сторители на кражби. До присутните беше упатен апел за зајакнување на соработката и довербата помеѓу полицијата и граѓаните зашто со заедничка координација и соработка, кривичните дела ќе се намалат. Исто така на средбата им беа соопштени совети за заштита од провални кражби, како и препораки за самозаштита.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG