Прилепчани се жалат дека во последните неколку месеци се изложени на кражби. Едни кои живеат во центарот на градот, во непосредна близина на полицијата се гневни, затоа што велат, туку речи пред очи на полицијата, за време на огнометот, вечерта спроти националниот празник 11 Октомври, им се украдени пари и накит од домот.
Други од населбата „Тризла“, пак, велат дека за неполни два месеци само таму се случиле повеќе од 20 кражби. Тврдат и дека ја знаат групата млади момчиња и една девојка, кои се добро организирани, влегувале во куќите за време на летото додека сопствениците се по нивите и одземале сѐ што за нив е вредно.
Станари во населбата „Точила“ се организираат и ставаат домофони и ги заклучуваат влезните врати во колективните станбени објекти за да се самозаштитат, исплашени за својата и безбедноста на домот.
Од полицијата во кус одговор демантираат дека расте бројот на кражбите и тврдат дека се интервенира редовно на терен, се врши увид по секоја пријава на кражбите и натаму продолжува истрагата.
Но, прилепската опозиција вината за ваквата состојба ја лоцира во, според нив, неадекватното кадровско решение за командир на Полициската станица. Бараат од Уставниот суд да се укине изборот и да се назначи лице кое има завршено факултет од сферата на безбедноста согласно Законот за полиција.
„Ваквиот избор е нелегитимен и ја нарушува безбедноста на прилепчани. Затоа нема поддршка од опозицијата. Го повикуваме Уставниот суд во најбрз рок да се произнесе за законитоста на решението за командир на Прилепската полиција. Професионалците мора да застанат на чело на прилепската полиција. Законите мора да важат подеднакво за сите. Правда мора да има и ќе има!“, порачува Миле Талески, советник од СДСМ во општинскиот Совет.
Претседателот на Советот, Никола Димески, уште при првите реакции на опозицијата, кога советничката група одби да го гласа Александар Стојаноски, како предлог на екс-министерот Митко Чавков за командир на полицијата во Прилеп, ги презентираше аргументите за ваквата одлука на Советот.
„Станува збор за професионалец кој повеќе од 20 години работи во Полициската станица во МВР. Се надеваме дека ќе имаме добра соработка и дека ПС ќе продолжи во своите рамки и надлежности успешно да се справува со сите предизвици коишто би следеле во наредниот период“, изјави Димески.
Прилепчани, особено оние граѓани кои претрпеа големи материјални штети, бараат полицијата итно да ги открие сторителите и да им ги одземе вредните предмети.
Додека опозицијата очекува итен одговор од Уставен суд, прилепчани бараат да им се врати мирот, и да не живеат во страв дека во секој момент можат да бидат мета на крадците.