Триесет и пет танчери учествуваат во претставата од пет слики „Фен Мо“ на Танцовата компанија на Пекиншката академија за танц, со која како прв настан од низата Танц фест Скопје ја отвора сезоната или, како што самите велат, ја почнува 2018 – Годината на танцот.
Предвидени се две изведби за македонската публика – вечерашната, на сцената на Народниот театар во Велес и онаа, в среда, на 24 јануари во 20 часот во Македонскиот народен театар во Скопје.
И во пресрет на ова случување посегањето по фактите го вели следново. „Фен Мо“ како претстава е инспирирана од поговорка забележана во книгата „Записи за сликарството од сите династии“ од Јан Јуан Занг од династијата Танг (618-907), која гласи: „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“.
Кореографот низ движењата на танчерите се обидува да ја оживее уникатната естетска форма на кинеското сликарство. Начинот на којшто мастилото се соединува со оризовата хартија, а воедно и неговото разградување во различни нијанси на светло и темно, мокро или суво, пригушено и интензивно, е ист со движењето на телото на танчерот: вдишувањето и издишувањето. Во движење или мирно, брзо или споро, качувајќи се или паѓајќи. Во кореографијата се користат традиционални елементи од кинескиот спиритуален свет во кои е содржана есенцијата на тамошната класичност како „здив“, „патерици“, „коса“, „ракави“, „меч“, „лепеза“, „чадор“ и „фустан“ за да се пренесат чувства на пријателство, тага, огорченост, навреденост, извонредност, опуштеност и конечно на љубов.
Со „Фен Мо“ најголемата кинеска академија за танц, патем за која е познато дека ја посетуваат преку две и пол илјади студенти, е на Голема европска турнеја зад која стои Министерство за култура на НР Кина, а во земјава тамошните уметници доаѓаат на покана на Културниот центар Интерарт од Скопје (организаторите на Танц фест Скопје), во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина.
„Многу возбудливо доживување ќе имаат можност да проследат нашите гледачи, љубителите на уметноста во земјава, а јас му се радувам затоа што со него сакаме да привлечеме што поголемо внимание на современиот танц и вака на сите ѕвона да кажеме дека со овој промотивен настан ја отвораме сезоната и ја почнуваме 2018 – Годината на танцот“, вели Рисима Рисимкин, уметнички директор на Културниот центар „Интерарт“.
Инаку, во 2018 – Годината на танцот, Танц фест Скопје планира бројни настани се со цел да го промовира современиот танц како една од примарните уметности на 21 век. Програмата ќе понуди голем број на гостувања на извонредни претстави од странство, на домашни продукции, тука се и работилниците за современ танц, како и дебатите и конференции.
Акцентот на случувањата, секако, повторно ќе биде во месец април, кога Фестивалот во период од цели 25 дена, во три градови од земјава – Скопје, Велес и Штип, ќе презентира претстави од Франција, Словенија, Швајцарија, Латвија, Литванија, Словачка, Полска, Унгарија, Австрија, Чешка, Хрватска и од Македонија.
Згора на тоа, а со идеја за промоција на 2018 - Годината на танцот, во повеќе градови од земјава ќе се одвиваат и редица други специјално подготвени содржини со кои ќе биде одбележана оваа, посебна година за современиот танц кај нас.
Знаејќи го ова не чуди што Рисимкин појаснува дека со прогласувањето на 2018 за Година на танцот тие си поставиле за задача да вклучат што повеќе субјекти во нејзиното одвивање и да ја опфатат територијата на целата држава. За таа цел планираат вклучување на повеќе студија за танц во славењето на оваа уметност, а како посебност ја издвојуваат програмата „Размена“ во чии рамки, а по прв пат во Македонија, ќе дојдат 120 млади танчери од цела Европа.
„Ќе имаме еден голем би кажала протек на танчери Од Европа, од девет академии со кои сме вмрежени, меѓутоа и нашиот пласман, присуството на Скопје танцов театар во светот е на многу високо ниво. Ние сега во февруари одиме на еден од најдобрите фестивали за танц во светот - Холанд денс фестивал, а во август го затвораме 37-то издание на Батери денс фестивал во Њујорк. Така што, мислам дека оваа 2018, или ако сакате Годината на танцот, од секој аспект ќе биде посебна година“, истакнува Рисима Рисимкин.