Достапни линкови

„Танц фест 2017“ со порака: Биди свој!


Со спектаклот „Пиксел“ на францускиот кореографот Мурад Мерзуки, вечерва, во Македонскиот народен театар, под мотото „Биди свој!“, започна 13-то издание на Фестивалот на современ танц „Танц фест“. До 25 април, на сцените во Скопје и во Велес, ќе бидат изведени повеќе претстави, со учество на балетски уметници од Швајцарија, Кина, Словенија, Летонија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Русија, Чешка и од Република Македонија.

Онака како и што му доликува на високото интернационално реноме, Скопје танцов театар, за почеток на 13-то издание на „Танц фест“, на своите верни следбеници и на сите оние кои вообичаено за манифестацијата бараат карта повеќе, им дари вистински спектакл. Во Македонскиот народен театар беше изведена претставата „Пиксел“ во кореографија на Мурат Мерзуки. Станува збор за продукција на Националниот кореографски центар во Кретел и Вал-де-Марне со која Франција ја отвора сезоната France Dance Orient Express на Балканот, за проект зад кој локално застана Францускиот институт од Скопје и парискиот Театроскоп, и за исклучително возбудлив „спој на современ танц, хип-хоп и врвна тенологија на сцена“.

И, по таквиот чин, од 5 до 25 април, во Скопје и во Велес, предвидено е да се обистинат уште дузина премиери, претстави, работилници и настани во кои овој пат учество ќе земат бројни современи балетски уметници од Швајцарија, Кина, Словенија, Летонија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Русија, Чешка и од Република Македонија. Сите тие творечки изблици годинава се обединети под мотото „Биди свој!“, кое разбирливо некако како да се надоврзува на минатогодишната боувиева порака - „Ајде да танцуваме! Биди различен!“.

Рисима Рисимкин, првата дама на Скопје танцов театар, во појаснувањето на годинешното мото вели дека во случајов се решиле да се фокусираат на човекот, на неговата интима, индивидуалноста и персонализацијата.

„Танцот е секогаш единствен и несподелив со другите. Дури и кога играш и танцуваш во група, ти танцуваш за себе. Сметаме дека во моментов е многу важно секој да ги задржи своите вредности и својата интима во смисла на еден мир и спокој, меѓутоа и она што може да го сподели со другите. Така што, некако од уметнички аспект, го извадивме тоа мото под кое оди оваа година целата програма: Танц фест 2017 – Биди свој“, вели таа.

Во овој контекст, по свеченото отварање во МНТ, случувањата се селат во Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“ во Велес, каде на 7 април, ќе започне Интернационалниот натпревар за млади кореографи „Танцлаб“.

Наредниот ден ќе се одржи гала-вечер на која ќе бидат претставени петте финалисти избрани од стручното жири, а наедно ќе биде изведена и најновата премиера на Скопје танцовиот театар - „Патот“ во кореографија на Антон Рудаков од Германија, добитник на „Златна пеперутка“ за најдобра кореографија на „Танцлаб“ во 2015 година.

На 10 април, пак, во МНТ е планирано да биде прикажана „Од Цирих со љубов!“ во продукција на Универзитетот за убави уметности, од Цирих, Швајцарија. Претставата се состои од повеќе кореографии чии автори се творци како Рено Вајсер, Емануел Сови и Барак Маршал - врвен кореограф од Израел, а меѓу ние е и онаа на Адријана Данчевска од Скопје танцов театар.

Данчевска (кореографка во „Погрешно“), заедно со Матеа Киселичка („Истиот извор“ - нејзиниот магистерски труд како танчерка и кореографка) и Рисима Рисимкин („Котел“ - кореографија работена на оригиналната музика на Тони Китановски), се потписнички на претставата насловена „Кожа“, чија премиерна изведба е закажана за 12 април повторно на сцената на нашата национална театарска установа.

„Се бавиме со човекот, со индивидуата. Посебно Андријана и јас, а Матеа прави едно истражување во однос на нинџитсуто како боречка вештина. Таа искуствата од ваквата потрага ги претопува во еден многу модерен израз и, морам да кажам, прави едно исклучително интересно дело“, вели Рисимкин.

Конечно, на 20 април во МНТ ќе биде изведена претставата „Р.Е.М. (Rapid Eye Movement) A dream section“ на Најн - современиот танцов театар од Пекинг, а завесата на 13-от „Танц фест“ е планирано да биде спуштена пет дена подоцна на сцената во велешкиот театар со копродукциската „Колевка“, претстава во која водени од имагинацијата и будното око на словенечкиот кореограф Грегор Лоштек учествуваат 14 балетски уметници од повеќе европски земји (меѓу нив и Анастасија Данчевска) и од далечна Кина. Проектот е плод на двегодишната соработка помеѓу земјите од Југоисточна и централна Европа и кинеската асоцијација, а по претставувањата во Скопје, Љубљана, Рига и Софија, ќе биде прикажан и во Пекинг.

Инаку, добитничка на годинешната награда за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“ е примабалерината, кореографка и педагог Јагода Сланева, која во децениите наназад со своето творештво остави неизбришлива трага во историјата на балетската уметност во Македонија.

Кон, ова само уште информацијата дека од 13 до 17 април, во рамки на програмата „Танцуваме со Виталија“, ќе биде реализиран и проектот „Инкубатор флоатинг“ во кој учествуваат деца танчари од осум до 12 години и во кој се вклучени студентите од Новиот танцов центар од Хаг, Холандија, а во чии рамки ќе бидат одржани неколку работилници за танц.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG