Достапни линкови

„СМС(Сите мои слики)“ на Рисимкин за отворање на Танц фест 2015


Со премиера на проектот „СМС (сите мои слики)“ во продукција на Скопје танцов театар, на 14 април, во 20 часот, во Македонскиот народен театар, ќе започне 11-то издание на фестивалот „Танц фест“. Претставата е во кореографија и режија на уметничката директорка на манифестацијата Рисима Рисимкин и со неа таа на најубавиот можен начин ќе ја одбележи 35-годишнината од својата творечка дејност.

„СМС (сите мои слики)“ е претстава којашто на некој начин се базира на емоции и чувства коишто јас со себе ги носам како кореограф и бидејќи годинава се совпадна да го сторам одбележувањето на моите 35 години уметничка дејност посакав да стокмам еден проект во кој ќе си отелотворам некои од своите слики што досега не сум успеала да ги ставам во други рамки, во други претстави.

Претставата всушност се бави повторно со човекот, со околината и најмногу со себе. Музиката на Дуке Бојаџиев навистина беше многу инспиративна за да може да се направи ова дело во оваа форма во која што ќе излезе.
Рисима Рисимкин, кореографка.

Ова се зборовите со кои Рисима Рисимкин ќе ја започне приказната за својот нов кореографски исчекор и за претставата „СМС(Сите мои слики)“ со која Скопје танцов театар ќе го отвори 11-то издание на Интернационалниот фестивал „Танц фест“.

Драгон кунг-фу.
Драгон кунг-фу.

„Претставата всушност се бави повторно со човекот, со околината и најмногу со себе. Музиката на Дуке Бојаџиев навистина беше многу инспиративна за да може да се направи ова дело во оваа форма во која што ќе излезе. Во претставата учествуваат танчери од Скопје танцов театар, Скопје танцовата академија, имаме и неколку гости од Холандија и еве за прв пат кај нас, на современата танцова сцена, ќе имаме еден проект со 15 играчи на сцена што мислам дека е сепак голема бројка“, вели Рисимкин.

Сметам дека ова што го видовме како еден израз и којшто е спој на кунгфу и современиот танц е навистина светски тренд. Тоа е компанија што е своевремено основана од славниот актер Џеки Чен и таа трупа минимум 11 месеци во годината е надвор од Кина.
Рисима Рисимкин, кореографка.

Кореографката дополнува дека е задоволна што успеале да создадат едно јадро за кое што смета дека ќе биде појдовна точка за понатамошен развој на современиот танц во земјава.

Инаку, од 14 до 16 април на сцената на Народниот театар Велес ќе се одржи Танцлаб - меѓународен натпревар на кореографи, на кој годинава ќе има учесници од Германија, Холандија, Израел, САД, Полска, Белгија, Турција, Велика Британија и од Македонија. Најдобрите, според одлука на меѓународно жири, ќе добијат Златна и Сребрена пеперутка. Покрај натпреварот, во Велешкиот театар ќе биде изведена премиерата „Амбивалентност“ на минатогодишниот победник на „Танцлаб“, Валентино Апостоловски.

На 18 април на малата сцена на Македонска опера и балет ќе настапат гостите од Холандија - Нов танцов центар од Хаг и Ново танцово студио од Амстердам со програмата„Отворена сцена”.

Од друга страна, од 20 до 26 април на сцената „Зебра“ ќе се одржува работилницата „Кунг фу и современ танц“ на „Кунг фу современата танцова компанија“ од Пекинг.

Во меѓувреме, пак, на 23 април, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде изведена претставата „Тивко оружје“ на „Дерида танцова компанија“ од Бугарија, два дена подоцна, на сцената „Зебра“ е „Бигун“ од Софија, а потем на истата сцена и „Битрикс танцова лига“ од Македонија.

Конечно, завесата на „Танц фест 2015“ ќе биде спуштена на 28 април во Велешкиот театар, со „Драгон кунгфу современа танцова компанија“ од Пекинг, на која ќе бидат претставени борачките вештини кои се традиционален спорт во Кина, но и мошне ценето културно наследство.

Говорејќи за делувањето на „Драгон кунгфу современа танцова компанија“, Рисимкин истакнува дека првата средба со нив ја имала на минатата година кога како уметнички директор и експерт во областа на современиот танц била поканета, заедно со други колеги од Европа, од кинеската влада за да разменат искуства за дострелите во областа на танцот.

„Сметам дека ова што го видовме како еден израз и којшто е спој на кунгфу и современиот танц е навистина светски тренд. Тоа е компанија што е своевремено основана од славниот актер Џеки Чен и таа трупа минимум 11 месеци во годината е надвор од Кина. Тие постојано се на пат и постојано освојуваат нови земји. Сега се на турнеја во Израел, минатата година беа и во Америка, така што слободно можам да кажам дека станува збор за светски тренд и едно респектабилно име во светот на танцот. Со оглед на тоа што „Танц фест“ има традиција да ги лови ваквите феномени, ова беше убава прилика годинава да претставиме едно вакво изненадување и сите оние кои што ќе успеат да дојдат во Велес навистина ќе уживаат во таа претстава“, вели Рисимкин.

Кон ова само уште информацијата дека балетската уметница и критичарка Емилија Џипунова е годинешната добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот, која ја доделуваат Културниот центар „Интер-арт“ и фестивалот „Танц фест“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG