Достапни линкови

„Интроденс“ за финалето на „Танц фест“


Со изведбата на „Суперѕвезди“ на една од најзначајните европски танцови компании „Интроденс“, завршува десеттото јубилејно издание на Танц фест Скопје, интернационалната манифестација која во изминатиов период менувајќи ги поимањата за оваа уметност на локално ниво се издигна во едно од најзначајните културни случувања во регионот. Мариет Шурман, амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија, е добитничка на специјалната награда „Менада“.

Десеттото јубилејно издание на Танц фест ќе финишира со перформанс на една од најзначајните европски танцови компании. Холандската „Интроденс“ со „Суперѕвезди“, на сцената на Македонскиот народен театар, ќе претстави пет кореографии на исто толку врвни светски кореографски имиња.
Ова е најдобар пример како соработката меѓу луѓето што живеат во различни земји може да придонесе да се создаде нешто прекрасно и единствено.
Мариет Схурман, амбасадорката на Кралството Холандија во Република Македонија.


На самиот почеток љубителите на современиот танц ќе имаат можност да го проследат „Полски парчиња“ на големиот Ханс Ван Манен, годинешниот добитник на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во светот на танцот.

Потем следуваат „Вечерни песни“ на култниот Јири Килиан, лиричната игра „Без танц“ на шведскиот кореограф Матс Ек, непредвидливиот хумористичен дует „Анафаза“ на Израелецот Охад Нахарин ( близок пријател и соработник на нашиот кореографски маг Градимир Панков), за да претставата кулминира со супериорната „Симфонија Индија“, кореографија на Начо Дуато инспирирана од ритуалните танци на мексиканските Индијанци и базирана на музиката на композиторот Карлос Чавез.
Интроданс.
Интроданс.

Во изминатите десет години на „Танц-фест“ имаше сто различни продукции, на различни локации и поминаа над илјада врвни уметници.
Рисима Рисимкин, кореограф.

Мариет Схурман, амбасадорка на Кралството Холандија во Република Македонија и добитничка на специјалната награда „Менада“ за поддршка на „Скопје танц фест“, вели дека овој настап на „Интроденс“ се совпаѓа со Националниот ден на нејзината земја и роденденот на кралот Вилем Александер и дека тој, во некоја рака, претставува симболичен гест на она што ги обединува луѓето што живеат во обете земји.

Таа дополнува дека всушност танцот, особено современиот танц, е она што им овозможува да се поврзат без разлика на кој јазик говорат или на која култура и припаѓаат и нагласува дека е горда на седумгодишната блиска соработка со македонските танчари, особено во подигањето на Скопје танцовата академија.
Кореографката Рисима Рисимкин и холандската амбасадорка во Македонија Мариет Схурман.
Кореографката Рисима Рисимкин и холандската амбасадорка во Македонија Мариет Схурман.

„Ова е најдобар пример како соработката меѓу луѓето што живеат во различни земји може да придонесе да се создаде нешто прекрасно и единствено. Наедно тоа е своевидно признание и за Рисима Рисимкин која благодарение на својата визија, со многу упорност и малку поддршка успеа да ја стави Македонија на светската танцова карта. Згора на тоа мислам дека ова е и извонреден пример како луѓето со визија и со многу упорност и напорна работа можат многу да постигнат и да го направат светот подобро место за живеење за сите нас.“

Од друга страна, Рисима Рисимкин, кореографката и движечката сила на Културниот центар „Интерарт“ и Скопје танцова академија, осврнувајќи се на годинешното јубилејно издание на „Танц фест“, промовираните новини како интернационалниот натпревар „Танц лаб“ и сопствената продукција и особено на првата деката од манифестацијата, забележува дека направен е значаен исчекор и дека во земјава „полека но сигурно е сменет вкусот за танцот“.

„Во изминатите десет години на „Танц-фест“ имаше сто различни продукции, на различни локации и поминаа над илјада врвни уметници. Во Македонија дојде врвот на европската танцова сцена, националните балети на повеќе земји кои со своите перформанси направија пресврти во сфаќањето на современиот танц овде, така што конечно добивме истенчен вкус за танцот“, вели Рисимкин.

Таа дополнува дека тие како организатори на Фестивалот сега се гордо исправени пред идните предизвици и нагласува дека, токму следејќи го холандскиот модел, од Скопје танцова академија ќе направат институција која налик на онаа во Ротердам ќе едуцира интернационални кадри кои овде во Македонија ќе ги уживаат слободата на имагинацијата и творење и можностите за докажување во глобални рамки.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG