Достапни линкови

Бах и рол – Проект на кореографката Бренер и Скопје танцов театар


Американската кореографка Џенис Бренер и Скопје танцов театар.
Американската кореографка Џенис Бренер и Скопје танцов театар.

Славната американска кореографка Џенис Бренер, веќе трета недела, со младите танчари на Скопје танцов театар го подготвува проектот насловен како „Бах и рол“, што во рамките на новата премиера „Импулс“, ќе биде изведен на отворањето на јубилејното 10 издание на „Танц фест“ што ќе се случи на 7 април во Македонскиот народен театар.

Јас не дојдов во Македонија со однапред подготвена кореографија за проектот бидејќи не ги познавав танчарите. Впрочем и немав намера да се појавам овде со нешто што е подготвено и да им го претставам, туку сакав заедно да влеземе во еден процес на истражување и експериментирање. Сакав да осознаам кои се овие млади луѓе и на кој начин ние можеме да соработуваме. Потем започнавме со работа и некои од резултатите од таквиот чин, од таа наша заедничка импровизација во овие 15 дена, се вметнати во кореографијата на делото што ќе го презентираме. Затоа и проектот впрочем е наша заедничка кореографија.
Парчето го насловивме како „Бах и рол“ затоа што се отвора со музиката на славниот композитор и со една моја формална кореографија, па потоа се прелева во рокенролот.
Џенис Бренер, кореографка.

Американската кореографка Џенис Бренер.
Американската кореографка Џенис Бренер.
Ова ќе го забележи славната американска кореографка Џенис Бренер, која на покана на Рисима Рисимкин, веќе трета недела со танчарите на Скопје танцов театар го подготвува проектот насловен како „Бах и рол“, што во рамките на новата премиера „Импулс“, ќе биде изведен на отворањето на јубилејното 10 издание на „Танц фест“ што ќе се случи на 7 април во Македонскиот народен театар.
За мене беше привилегија што ја имав можноста да дојдам во земја што малкумина Американци ја откриле. Неверојатно е колку овде луѓето се пријателски расположени.
Џенис Бренер, кореографка.

„Парчето го насловивме како „Бах и рол“ затоа што се отвора со музиката на славниот композитор и со една моја формална кореографија, па потоа се прелева во рокенролот при што е користена музиката на Бјорк и ВАЈТ СТРАЈПС. Во еден момент наново му се враќаме на Бах, за да потем посегнеме по една прекрасна песна на РЕЈДИОХЕД и една изведба на Боб Дилан на блуз тема на Мади Вотерс, за да конечно заокружиме со звукот на германскиот класик. Сето тоа изгледа како да е случајно направено, но нам намерата ни беше токму тоа. Сакавме да истражиме како музиката влијае на танчарите. Затоа, ако внимателно нè следите, ќе забележите дека ние и на Бах и на Дилан ја играме истата кореографија, но сето тоа е направено со поинакво чувство и со поинаква емоција“, вели Бренер.

Џенис Бренер е кореографка, танчерка, професор и уметнички директор на танцова компанија од Њујорк. Во текот на својата долга и плодна кариера има добиено значајни признанија меѓу кои најзначајни се наградата „Беси“ за извонредни достигнувања во танцот во 1997 година за нејзиното соло на делото на големата уметница Мередит Монк - „Политиката на тишината“, „Лестер Хортон“ - награда за извонредни достигнувања во областа на кореографијата и други.

Повеќе од 25 години работи како уметнички директор на својата компанија и професорка е по кореографија на престижната Уметничка академија Џулијард во Њујорк. Таа има настапувано во повеќе од 33 земји, насекаде низ светот, а воедно, држи работилници за кореографија и мастер класови на педагози за танц. Нејзините кореографии се изведуваат во повеќе од 45 компании во Германија, Шведска, Франција, Тајван, Индонезија, Сингапур, Русија, како и низ САД.

Од 1990 до 2005 Џенис Бренер со голем успех настапувала со култната Мередит Монк и нејзиниот Вокален ансамбл, а нејзиниот опус како кореограф и изведувач е навистина голем и светски признат.

Згора на тоа г-ѓа Бренер танцувала на кореографиите на извонредната Мери Вигман, Исидора Данкан, како солист на танцовата компанија на Мури Луис, работела со легендарните Рудолф Нуреев, Пласидо Доминго, квартетот на легендарниот џез музичар Дејв Брубек, Џозеф Пап, „Батшива танцовата компанија“, Елвин Николај и др. Дел од нејзиното уметничко творештво е претставен во „Американските ремек-дела“, во програмата за 2011 година.

Кореографката на Балканот досега неколку пати настапувала (најнапред дошла во Дубровник, во Хрватска во 1986 година), а ова е нејзина прва посета на Република Македонија. Затоа таа знае да каже дека иако немала многу време да ги запознае Скопје и воопшто државата, сепак во САД ќе се врати збогатена со едно навистина богато искуство и со топлината на обичните луѓе со кои овде се сретнувала.

„За мене беше привилегија што ја имав можноста да дојдам во земја што малкумина Американци ја откриле. Неверојатно е колку овде луѓето се пријателски расположени. Уживав во секој момент од мојот престој во Скопје, а морам да го нагласам и тоа дека духот на овие млади танчари со коишто катадневно соработував беше вистинско освежување за мене како кореографка и како уметница“, вели таа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG