Достапни линкови

Скопје во април ќе живее со „Вкусот на танцот“


Под мотото „Вкусот на танцот“, од 7 до 29 април, ќе се одржи 10-то јубилејно издание на „Танц фест“, манифестацијата која го етаблира Скопје како еден од балканските центри во кој современиот танц го крепи кревкиот дух на урбаното живеење. Организаторот, културниот центар „Интерарт“ деновиве со пет промотивни видео клипа ја започнува и регионалната кампања, а меѓу новитетите во програмата особено е значаен првиот Интернационален натпревар по танц.

Она што навидум за некого своевремено беше „невозможна мисија“, полека станува горделива реалност. По цела една декада кореографката Рисима Рисимкин и нејзините сомисленици од културниот центар „Интерарт“ можат да се пофалат дека го етаблирале Скопје како регионален центар на современиот танц, а Република Македонија како место во кое виреат културните проблесоци.
Имаме прв Интернационален натпревар за танц кој што ќе се одржи во Македонија и кој што ќе претставува круна на десетте години на Фестивалот, меѓутоа и започнување на една нова страница.
Рисима Рисимкин, кореограф.

Впрочем ваквата за некого „прехрабра“ констатација на најречовит начин може да биде поткрепена со фактот дека и овој април, во случајов од 7 до 29, под мотото „Вкусот на танцот“, ќе видиме продукции од кои застанува здивот и танчари од Холандија, Франција и од Македонија кои на неколку локации ќе ја чествуваат оваа уметност. Со доаѓањето на Националниот балет од Марсеј по прв пат, пак, ќе имаме можност да проследиме претстава на една голема и
престижна балетска куќа од таа земја, а не смее да се заборави дека трите нови домашни перформанси на виделина ќе донесат млади кореографски имиња кои ја чинат иднината на танцот во земјава.

Ќе имаме голема можност да креираме, да твориме, да создаваме пред сè, а и да се натпреваруваме со други млади уметници од светот.
Матеја Киселички, кореограф.
И, токму во името на таквиот пожелуван след на настаните, за одбележувањето на првата декада од постоењето, „Танц фест“ се зафати со организација на првиот Интернационален натпревар за танц, кој годинава ќе се случува во Македонија.

„Имаме прв Интернационален натпревар за танц кој што ќе се одржи во Македонија и кој што ќе претставува круна на десетте години на Фестивалот, меѓутоа и започнување на една нова
страница со која што манифестацијата ќе добие на тежина уште повеќе и ќе биде интересно место на кое што очекуваме да се слеваат млади, не само од регионот и од Македонија, туку и од цела Европа, а се разбира ние секогаш целиме и пошироко“, истакнува Рисимкин.
Полека, но сигурно Македонија се етаблираше како регионален центар за современ танц, но и земја со современа танцова култура со високи квалитативни параметри.
Елизабета Канчевска -Милевска, министерка за култура.

Младата танчарка и кореографка Матеја Киселички вели дека со овој Интернационален натпревар за танц нашата земја ќе се издигне на едно навистина високо европско и светско ниво. Таа дополнува дека благодарение на нивните партнери „Холанд денс фестивал“, кој што го имаат најголемиот и најзначајниот европски фестивал за танц, фондацијата „Америкен денс аброуд“ од Њујорк, врвната компанија „Скапино балет“ од Ротердам и Саемот за танц „Данц месе“, ќе се создадат услови да се востанови една
мрежа на млади танчари и кореографи за во иднина тие полесно да соработуваат меѓу себе.

„Ќе имаме голема можност да креираме, да твориме, да создаваме пред сè, а и да се натпреваруваме со други млади уметници од светот. Така се надевам дека ќе излеземе од постојните рамки на делување.“

Годинешната манифестација ќе започне со Недела на танцови филмови ( партнер „Синедејс“ од Амстердам), потем следуваат претставите и премиерните изведби, тука е и веќе етаблираната Парада на танцот со над 1000 учесници, а за регионална промоција на претстојниот 10-ти „Танц-фест“, подготвени се пет кратки видеа од урбаниот живот на Скопје во продукција на Универзитетот ЕСРА, за кои музиката ја компонираше Виктор Апостоловски.

„Нашата цел е април да дише, да живее и да се движи во ритамот на танцот. Затоа и овие промотивни кратки видеа очекуваме што почесто да се вртат на националните телевизии за да луѓето на некој начин ги подготвиме за сè она што интензивно ќе се случува во Скопје на повеќе сцени, како што е сцената на новиот театар – на МНТ, Македонската опера и балет, МКЦ и се разбира нашата матична сцена Зебра“, дополнува Рисимкин.

Инаку, долгогодишен поддржувач на „Танц фест“ и на делувањето на „Интерарт“ е Министерството за култура на Република Македонија, а министерката Елизабета Канчевска -Милевска знае да забележи дека Фестивалот несомнено го донесе „најдоброто од современата сцена кај нас“.

„Полека, но сигурно Македонија се етаблираше како регионален центар за современ танц, но и земја со современа танцова култура со високи квалитативни параметри.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG