Достапни линкови

„Импулс“ за десет години Танц фест


Со претставата „Импулс“ на Скопје танцов театар, на 12 април, во 20 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар, ќе започне јубилејното десето издание на Танц фест, манифестацијата која во изминатиот период се етаблира во едно од најзначајните интернационални културни случувања во земјава и која овојпат се одржува под мотото „Вкусот на танцот“.

Урбана Македонија, посебно вистинските љубители на уметноста, во перидот од 12 па се до 25 април, наново ќе ги чествуваат дострелите на современиот танц. По 10-ти, јубилејен пат, ќе ни се случи СКОПЈЕ ТАНЦ ФЕСТ, манифестацијата која од сон и заумна идеја на една докажана кореографка се издигна во препознатлив интернационален настан кој го анимира вниманието на балканската, европската, та и на светската танцова сцена. Од таму, Рисима Рисимкин и културниот центар „Интерарт“, неслучајно одбележувањето на својата прва декада го почнуваат со сопствен проект - „Импулс“ на Скопје танцов театар.
После десет години од формирањето на фестивалот ние успеавме да ја создадеме таа комплетна инфраструктура за современ танц - Академијатата и Танц театарот.
Рисима Рисимкин.


„После десет години од формирањето на фестивалот ние успеавме да ја создадеме таа комплетна инфраструктура за современ танц - Академијатата и Танц театарот, за кој што знаете дека има подршка од Министерството за култура, и решивме оваа година да и дадеме предност на Македонската современа танцова сцена“, ќе рече Рисимкин во пресрет на официјалниот почеток на Фестивалот кој овојпат ќе се одвива под мотото „Вкусот на танцот“.


Таа дополнува дека на големата сцена на МНТ ќе се претстават пет кореографи, тројца скоро дипломирани студенти од Академијата – Дора Кокољ, Валентино Апостоловски и Андријана Данчевска, потоа Матеа Киселичка која минатата година дебитираше со своја кореографија и доби одлични критики, за да потем претставата финишира со делот насловен како „Бах енд рол“ што славната Американка Џенис Бренар го работеше со домашните танчери.
Размислувавме каде треба да се движи Фестивалот после 10 години и сметавме дека треба да се направи нешто со кое што ќе се одбележи јубилејот, но воедно ќе ги даде и новите хоризонти за понатаму.
Рисима Рисимкин.


Фестивалот продолжува наредниот ден во Младинскиот културен центар со хип-хоп претставата „Издигнување“ на БЕАТРИКС КРУ, а во понеделник, на 14 април, ќе биде промовиран уште еден новитет – дводневниот Меѓународен натпревар за млади кореографи насловен како „Танцлаб“.
„Размислувавме каде треба да се движи Фестивалот после 10 години и сметавме дека треба да се направи нешто со кое што ќе се одбележи јубилејот, но воедно ќе ги даде и новите хоризонти за понатаму.
Американската кореографка Џенис Бренер и Скопје танцов театар.
Американската кореографка Џенис Бренер и Скопје танцов театар.


Создавањето и формирањето на еден ваков натпревар за млади кореографи има свое значење бидејќи ние веќе во првата година имаме кореографи кои што се пријавија од Европа и тоа ќе им овозможи на тие што ќе дојдат во Македонија, меѓутоа и на нашите кадри да можат да се натпреваруваат и едноставно да проверат до каде се со сето она се случува во оваа област во светот. Најпросто речено да си ги измерат силите“, истакнува Рисима Рисимкин, директорка на Танц фест Скопје.

„Танцлаб“ ќе го следи и оценува интернационалнотот жири на чие чело е Самоил Вуерсон – директор на Холанденс фестивал, а тука се и Каролин Дадики од Њујорк, претставник на фондацијата „Америкен денс аброуд“, Михаела Виеру – уредничка и сопственичка на магазинот „Денс фор ју“ кое излегува на германски и англиски јазик, Мехмед Балкан – главен кореограф на сите шест турски национални балети и Снежана Абрановиќ – Милковиќ која што го претставува регионот и е уметничка директорка на Интернационалниот фестивал за танц и невербален театар од Хрватска. Тие ќе треба да одберат пет кореографи кои во големото финале ќе се борат за награди.

Љубителите на танцот на 16 април во МНТ ќе имаат ретка можност да го проследат перформансот на Ротердам танцовата академија именуван како „Таленти во движење“, по паузата за Велигденските празници Фестивалот продолжува во Битола каде ќе бидат прикажани „Импулс“ и „Градина на душите“ на Косово балет, за да конечно пожелуваното финале се случи на 25 април на големата сцена на нашата националната театарска куќа кога е предвидено танчерите на холандскиот Интроденс да го окупираат нашето внимание со изведбата на програмата „Суперѕвезди“.

Инаку, не треба да се заборави дека во претпрограмата на Танц фест Скопје 2014, во деновите од изминатиот викенд, со идја за едукација се одржаат проекции на експериментални танц-филмови (нешто што се чини допрва треба да израсне во практика), а во меѓувреме беше обелоденето дека годинава добитник на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцот е прочуениот холански кореограф Ханс ван Манен, кој во својата исклучително плодна кариера има добиено бројни интернационални наради и креирано кореографии за над 120 танцови проекти.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG