„Образец Б16“ е анимиран филм во режија на Иван Ивановски кој говори за човек кој секогаш го добива најмалото парче од колачот. Заглавен во бирократскиот лавиринт, тој се соочува со низа апсурдни ситуации и следејќи ги веќе воспоставените и предодредени чекори, сепак успева да стаса на почетокот.
„Идејата беше да направам еден дистописки бирократски филм за, ајде да кажам, мнозинството од луѓето – некаде 99 отсто од нив, за оние што се идентификуваат со човекот што секогаш го добива најмалото парче од колачот“, вели Иван Ивановски.
Тој дополнува дека сега зад него е еден подолг процес на креирање на филмот во кој основната идеја била подложна на благи анимациски промени, но истакнува дека тоа е добро бидејќи „како творец едноставно имаш доста време да рефлектираш на она што го работиш“.
„Филмот го работев две години. Се разбира не ефективно целото тоа време, бидејќи во истиот тој период си оставив простор и за другите нешта – за сликарството, скулптурата и за разни проекти кои во меѓувреме ми излегоа, но нему постојано му се навраќав. Ова ми беше како некоја константа. Едноставно морав да се „вратам“, да снимам, да монтирам...Мислам дека е многу интересно кога се работат повеќе работи одеднаш во еден подолг временски период. Таквиот приод ти овозможува кога ќе му се вратиш на она што претходно си го правел едноставно да го видиш поинаку. Тоа е убаво, бидејќи имаш некаква дистанца. Многу е лесно да бидеш пресубјективен, го гледаш само она што сакаш да го видиш, и кога едноставно ќе се тргнеш малку настрана, кога ќе направиш пауза многу лесно се забележуваат грешките“, вели Ивановски.
„Образец Б16“ е работен во колажна техника стоп-анимација и е четврто остварување на Ивановски кој досега со кратките анимирани филмови „Конзо“, „Народен фронт“ и „Внатре“ има учествувано на десетици меѓународни фестивали и освоено повеќе награди. Сличен ќе биде и „патот“ на ова дело со кое е аплицирано на неколку меѓународни манифестации, а на премиерното прикажување во кино „Фросина“, во МКЦ, авторот како по традиција на својата публика ќе и ги понуди и претходните анимирани дела.
„Почнувајќи од 2007 година јас работам анимиран филм стоп-моушн анимација и гледајќи ги филмовиве можам да видам како јас сум растел како автор и како, да речеме, сум ја совладал техниката, зошто веројатно како и другите што работат анимација во Македонија сите сме онака самоуки и пробуваш да видиш како ќе излезе, наоѓаш некој метод којшто ќе функционира и едноставно продолжуваш да работиш“, појаснува Ивановски.
Уметникот за себе смета дека доста често го менува стилот на анимацијата и на техниката. Потсетува дека првите филмови му биле „глина- слоумоушн“, па потем дошол „Кукли“ во кој применил „мешана техника на кукли и колажи“, за да сега во „Образец Б16“ му се препушти само на колажот. Вели дека „како што ја совладува техниката, така ја совладува и техниката на анимација, па и самата структура што треба да ја има овој тип на анимиран филм.
„Јас мислам дека едно време во иднина ќе останам кај тоа да ја користам оваа техника зошто видов дека е многу интересен и заразен за работење овој тип на колажи. Имам во план да развивам некакви кратки епизоди што ќе бидат поврзани со стилот и темата на „Образец Б16“, вели Ивановски.
Кон ова само уште информацијата дека на „Образец Б16“ Иван Ивановски се потпишува уште и како сценарист, аниматор и дизајнер на звук, извршен продуцент е Елена Станишева, а монтажата и специјалните ефекти на Доријан Миловановиќ. Продуциран е од Веда Филм во соработка со Флип Бук продукција, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.