Достапни линкови

Кочани по 53 ширум ги отвора портите за драмскиот аматеризам


Дисфункција, театарска претстава во Интимен театар – Битола
Дисфункција, театарска претстава во Интимен театар – Битола

Тринаесет претстави, од кои четири за деца и за младинци, се најдоа во конкуренција за награди на 53 Драмски аматерски фестивал на Македонија (ДАФ), што од 29 мај до 3 јуни, ќе се одржи во Кочани. Во рамките на манифестацијата е планирано да се одржат и три промоции на книги, а во чест на наградените со ликовен перформанс ќе се претстави македонскиот уметник Сергеј Андреевски.

На Кочани, градот кој поодамна ширум ги отвори портите за драмскиот аматеризам и низ годиниве наназад стана вистинско сврталиште на сите оние коишто со неизмерно многу љубов и со невиден ентузијазам ѝ се обраќаат на оваа уметност, од 29 мај до 3 јуни, ќе му се случи уште едно издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија. И, тоа 53-то по ред откако е промовирана идејата за ваквиот чин на празнување на вербата и преданоста кон „штиците што значат живот“.

А, на него, овој пат е планирано да бидат прикажани 13 претстави на аматерите од Република Македонија и од соседна Србија, од кои дури четири наменети на децата и на младите. Фестивалските случувања ќе започнат в понеделник, во 20 часот, на сцената „Бели мугри, во Центарот за култура, со изведбата на мрожековата „На морската шир“ во адаптација и режија на Бојан Милорадовиќ и во продукција на Велики театар Јагодина.

Во наредните денови публиката ќе има можност да ги види проектите на учениците од основните училишта „Климент Охридски“ и „Добре Јовановски“ од Прилеп и ЦОУ „Лирија“ од Житоше, „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски во режија на Стоје Додевски на Аматерската група „Куманово“, „Илустрации за тоа како идејата го запрепастува човекот кој не е спремен за тоа“ на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов и во продукција на Младински образовен форум – Скопје и Театар Kunstwerkstatt, „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Карол што со учениците од велешкото село Иванковци ја работела Наташа Брезовска – Богоевска, „Вечера на будалите“ во режија , сценографија, адаптација и избор на музика на Александер Бако и изведба на Драмското студио при КУД „Бранко Радичевиќ“ од Стара Пазова, Србија, „Бомбите од салонот Бумс“ на Томислав Османли на Кире Ѓорѓиев и со видување на учениците од СОУ „Никола Карев“ од Струмица, „Сонувачот, купувачот и уште нешто“ од Сузана Ѓорѓиевска во драматизација и режија на Игор Трпчески, а во продукција на НУЦК „Марко Цепенков“, Театар „Војдан Чернодрински“ и Театарска работилница – Прилеп, „Не се клади на Англичани“ од Владимир Ѓурѓевиќ на Драмско студио од Крива Паланка и на Глигор Цветковски и шекспировата „Ричард Трети“ на Ана Варелова и Емилија Величкова од Гимназија „Јосип Броз Тито“ - Скопје. Тука се и „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски во режија на Михајло Петревски и изведба на Аматерски театар од Кичево, „Буре барут“ од Дејан Дуковски што во охридски „Аматер“ ја постави Јован Цветковски и конечно „Дисфункција“ од Ана Жежовска што на Младинска сцена во Интимен театар – Битола ја стокми Димитар Шутевски.

„Некако сосема случајно се случи годинава ДАФ да биде во знакот на комедијата. Од пријавените 37 претстави на отворениот конкурс, поголемиот дел или над 90 проценти беа од тој жанр и така ние во крајниот одбир и не можевме многу да се двоумиме. Веројатно комедијата ѝ дава простор за оддишка на публиката и сигурен сум дека таа ќе го наполни салонот во Центарот за култура“, вели Дарко Спасов, селектор на ДАФ.

За наградите, пак, ќе одлучува тричлено жири во чиј состав се м-р Димче Николовски, режисер, Андреја Голуб, драмски уметник и Венцо Димитровски, сценограф, а водител на тематските разговори ќе биде охридската драмска уметница Јасмина Билаловиќ.

Од друга страна, особено е важно тоа што во рамките на 53-то издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија е планирано да се случат и три промоции на книги - „Македонскиот рис“ од Славе Ѓорго Димоски, претставување на првиот превод на Шекспировиот „Венецијански трговец“ од Тодор Лазаров и „Историска хронологија“ на Мите Грозданов со која ќе бидат одбележани половина век професионална дејност на актерот и 60-те години негов драмски аматеризам. Во чест на наградените ќе бидат организирани и два перформанси – својата нескротлива творечка енергија низ играта со четките и боите ќе ја претстави ликовниот уметник Сергеј Андреевски, а за звуковноста ќе се погрижат авторите на проектот насловен како „Ние (запирка Другарите)“.

Инаку, во пресрет на годинешното издание на Драмскиот аматерски фестивал беше промовирана и книгата „Вертикали“ на доајенот на македонската театарска критика Иван Ивановски. Во неа се поместени текстовите што тој, во изминативе пет децении, ги пишувал за случувањата на манифестацијата и со тоа ја документирал нејзината потреба за опстојба во времево на искривоколчени вредности и негрижа за сè она што во основа е направено од ентузијазам, со ништо не условена љубов кон театарската уметност и љубопитство да се нурне во себе и таму да се бара примарната потреба за плодотворност на творечки план.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG