Достапни линкови

Деветтиот БОШ од Скопје праќа Глас


Бош фестивал 2017, постер
Бош фестивал 2017, постер

Со идеја за нагласена присутност во јавноста, перформанси на гостите Џани Друид, САЈКЛИСТ КОНСПИРАСИ и ЛЕНХАРТ ТЕЈПС и промоција на едицијата „Ремек дела“, на 3 март, во 21 часот, во кино „Фросина“ во Младински културен центар – Скопје, ќе започне деветтото издание на мултимедијалниот арт-фестивал „Бош“ зад кој стои Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Арт Еквилибриум“ од Гевгелија.

Иако создаден во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет Бошко Бозаџиевски и организациски потпишан од неговите пријатели - Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Арт Еквилибриум“ од Гевгелија, фестивалот „Бош“ од поодамна ја има аурата на еден вид слободарско движење, каде културата и уметноста го добиваат својот искрен пристап. Движење кое, од своја страна, е доволна провокација и мотивација за многу млади луѓе јасно и гласно да ги претстават своите концепти, своите видувања на светот што ги опкружува.

Од таму, нималку не чуди што, безмалку половина година пред епицентралното обистинување, од „Бош“ се решија наново, по деветти пат, да пратат глас. И, токму „Глас“ е именуван настанот планиран за овој петок, на 3 март, што е предвидено да се одржи во киното „Фросина“ во Младински културен центар во Скопје. Со него, впрочем, е планирана да започне и серијата на вакви случувања кои ќе имаат функција да го сторат воведот пред годинешниот субкултурен собир во матичната средина – во Гевгелија.

„Бош фестивал ви праќа глас е најава на деветтото издание на овој интернационален субкултурен фестивал. Во Скопје се одржува со цел да се слушне гласот на манифестацијата која во изминативе осум години стана бележит дел на (суб)културната карта на Република Македонија, а безмалку за целото тоа време речиси и да нема никаква помош од институциите во државава“, вели во пресрет на случувањето Марија Стојанова од „Арт Еквилибриум“.

Таа дополнува дека на првата своја станица фестивалот „Бош“ ќе ги претстави перформансите на гостите од соседна Србија - Џани Друид, САЈКЛИСТ КОНСПИРАСИ и ЛЕНХАРТ ТЕЈПС.

За Џани Друид се вели дека е „алхемичар во дон-кихотската борба за кршење на музичките табуа на Балканот“. И згора на тоа „со техника на Тројански коњ, тој го внесува Аца Лукас во драмендбејс матрицата, Халид Муслимовиќ во џез варијанта, ги спојува АЈРОН МЕИДЕН со звукот на романските цигани, а од песните на Лепа Брена прави краутрок... Во тој процес понекогаш врши минимални измени, играјќи си намерно со тежината на товарот, која е врежана во колективната свест од неброени повторувања на песните по медиуми, а понекогаш ги мутира своите оксиморонски миксови до потполно непрепознавање, додавајќи во живо свои отсвирени инструменти, ономатопеи, повици и пеење на српски и ромски јазик“.

Од друга страна, за САЈКЛИСТ КОНСПИРАСИ е познато дека е своевремено зачнат како неформален проект во рамките на, сега веќе непостоечкото Друштво за развој на алхемичарски студии „Васко Попа“, а денес состав од десетина машки и женски музички души. Иако во себе спојува музичко влијание од најразлични делови на светот, оркестарот се труди да избегне површен, модерен електицизам и целата своја креативна енергија ја насочува кон синтеза на претпоставени елементи. Било да се во прашање Византиското царство или тајните номадски пустински патишта; зачадената крчма преполна со „манги“ и раскалашени жени или степата со небо само за шамани, психоделичниот и турскиот рок... Патувањата на кои циклистите одат, никако не претставуваат потрага по светлоста на овој свет. Тие патувања понекогаш укажуваат на симболична потрага по Константинопол, срцето на Византија, или поточно по вистинската светлост на срцето – Агапе.

И, конечно за ЛЕНХАРТ ТЕЈПС се вели дека е доказ оти аудио касетите сеуште не заминале во историјата. Владимир Ленхарт (некогашниот басист и гитарист на групите КЛОКПА ЗА ПИОНИРА, ПАМБА и ПЕТРОЛ), долги години наназад, со само нему својствена пасија, создава музика која потекнува од нивно време, но и ја изведува користејќи ги токму аудио касетите како податлив медиум. Може да се каже дека Lenhart Tapes е проект кој креира музичка помија, користејќи аудио касети и 4 вокмени на кои авторот микса модерни, традиционални, авангардни и треш состојки и ги рециклира во незастанувачка спирала од лупови и транс.

Она што, пак, е особено важно е тоа што со претстојниот „Бош фестивал ви праќа глас“ ќе биде најавена и новоиницираната едиција на манифестацијата „Ремек дела“. Акцијата подразбира издавање на независни цртачи на сито штампа, во различни формати и произлезена е од постојната соработка со белградскиот фестивал „Ново доба“. Прв во оваа едиција ќе биде претставен Кирчо Арсовски (Брат Улизица) кој е автор на цртежот кој се најде на плакатот за БОШ 9 - Глас, а за кој дизајнот е дело на Џоана Марчаде Мот.

Арсовски истакнува дека пред неколку години учествувал на фестивалот „Бош“, но дека сега му е посебно драго што на претстојното издание ќе понуди дел од ликовното творештво (плакатот и 20 цртежи кои ќе можат и да се купат од посетителите) со кое минатиот октомври успешно се претстави токму во Галеријата на МКЦ во Скопје. Тој дополнува дека во секое општество постои и треба да постои алтернатива. Дека тоа било практика и во советскиот комунизам, во 50-те и 60-те години од минатиот век кога изложби се одржувале во приватни станови, подруми, та дури и во поранешна Југославија и дека таму биле сите оние кои не можеле да изложуваат во институционалните галериски простори.

„Тој алтернативен начин на размислување и на делување, на акција, секогаш си наоѓал простор за да се изрази. На кој било начин. Проблемот на „Бош“ и на другите слични фестивали е што во принцип живеат од ентузијазмот. Кога би нашле некој спонзор повеќе дури би можеле да станат малку погламурозни и поблиски до пошироката публика. Гламурот генерално воопшто не е лоша работа“, истакнува Арсовски.

А, кога сме веќе кај него, интересно е и тоа дека на почетокот на април „Темплум“ ќе ја објави книгата во која, преку 200 негови цртежи, илустрации и слики, ќе биде претставено неговото досегашно ликовно творештво.

Кон ова само уште и информацијата дека партнер на настанот „Бош фестивал ви праќа глас“ е Јадро – асоцијација на независната културна сцена, а донатор Гете Институт – Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG