Достапни линкови

Шестиот „Бош“ – Фестивал на слободата


Со учество на уметнички колективи, музички групи и артисти, во Гевгелија, од 22 до 24 август, ќе се одржи шестото издание на „БОШ ФЕСТИВАЛ“, манифестацијата зачната како посвета на починатиот актер Бошко Бозаџиски од неколку негови пријатели која през годините се обидува и успева да го редефинира јавниот простор преку урбаните уметности.

Колектив „Кула“ со инсталација од рециклиран отпад како критика и реакција на моменталната социјална и културна состојба во Македонија, КОСМИК/ГЛИЧ од Словенија – групата уметници чии дела се вкоренети во т.н „индастријал суб-култура“ а чија порака е дека човекот е грешка на еволуцијата, домашните ФАЈТИНГ ВИЛДМИЛС со својот еклектичен звук забележан дури на три албумски остварувања, триото ГРИНФАЗ со енергија пресликана од панкот во неговата примална верзија од крајот на 1970-те и двеминутни поп форми.

Шестото издание на БОШ ФЕСТИВАЛ не се разликува многу од претходните по својата идеја. Можеби во одредени нијанси и сегменти сака да ја пренесе пораката дека тоа е фестивал на слободата.
Ѓорѓи Калински, АРТ Еквилибриум.

Театарско рандеву со Милош Андоновски, Автономен културно-социјален центар (АКСЦ) со панел дискусија „Културно-социјалните центри – нови жаришта на слободата“, Перо Кованцалиев со поставката „Да или не?“ и автопортретно експресивно фабрикување на индивидуата низ внатрешниот емотивен набој на Ван Гог, преку серијалот на Ворхол, сè до популарното селфи, БОШ РИЧАРЏАБЛ на локалните „Сифулајски острови“, Моку Тераока од Јапонија, Три плус мајнус и ЛЕНХАРТ ТЕЈП од Србија... се само некои од содржините што е планирано да се обистинат на претстојното шесто издание на „БОШ ФЕСТИВАЛ“, кое со идеја наново да го редефинира јавниот простор преку урбаните уметности, ќе се одржи од 22 до 24 август на неколку локации во Гевгелија.

Секундарна или терцијална идеја на БОШ ФЕСТИВАЛ е да се преминат границите со соседот. Ние сепак мора да комуницираме после сè друго. Да соработуваме на дневна основа, на културна, на секаква друга.
Ѓорѓи Калински, АРТ Еквилибриум.

„Шестото издание на БОШ ФЕСТИВАЛ не се разликува многу од претходните по својата идеја. Можеби во одредени нијанси и сегменти сака да ја пренесе пораката дека тоа е фестивал на слободата, а слободата која што ја дава онаа вредност на човековото битисување каде што луѓето се сплотуваат наместо да се делат по разни основи. Всушност слободата која што е основниот предуслов за човек максимално да го реализира својот креативен потенцијал“, истакнува Ѓорѓи Калински од АРТ Еквилибриум, организаторите на ова случување.

Тој дополнува дека, под неофицијалното мото „ Подземно нурнување во Гевгелија“, БОШ ФЕСТИВАЛ годинава се обидува да го одржи континуитетот на она што значи вонинституционално, та дури и на некој начин неискорумпирано постоење на културата и уметноста. Појаснува и дека, во некоја рака, за нив особено важно е присуство на МЕКАНИМАЛ од соседна Грција кои ги интегрираат техно музиката, поезијата и говорењето и чиј основач Јанис Папаиоану е пионер на тамошната андеграунд и електронска сцена.

„Секундарна или терцијална идеја на БОШ ФЕСТИВАЛ е да се преминат границите со соседот. Ние сепак мора да комуницираме после сè друго. Да соработуваме на дневна основа, на културна, на секаква друга“, вели Калински.

Конечно, во текот на трите фестивалски дена, планирано е да се случат и други бројни оф-меинстрим содржини, како театарски претстави, перформанси, поетски читања, презентации на филмови и видео арт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања.

Посетата на сите е слободна и безусловна, а генерален покровител на „БОШ ФЕСТИВАЛ“ е Општина Гевгелија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG