Достапни линкови

Демократско или блокирано Собрание?


Илустрација - пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за избор на владата предводена од Зоран Заев, Скопје,31.05.2017
Илустрација - пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за избор на владата предводена од Зоран Заев, Скопје,31.05.2017

Формирањето на десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ е деловничко право, но според упатените, судејќи според досегашниот однос, ова може да биде најава за блокада на парламентот.

Десет часа пауза во текот на денот може да побараат десетте координатори од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, може да бараат прекини на седницата за да им се достават стенографски белешки, да бараат прекин на пленарната седница за да се одржи седница на комисијата, а кога ќе се гласа за буџетот може да зборуваат сите вкупно пет часа. Ова се дел од работите што може да ги прават координаторите на пратеничките групи, а се предвидени во Деловникот на Собранието.

Вљора Речица од Институтот за демократија, кој со години ја набљудува работа на парламентот, вели дека идејата за поголемо учество на опозицијата е демократска. Но тоа, додава таа, може да се оствари со измени во деловникот со што би се продолжило времето на дискусија и можноста почесто еден пратеник да може да добие збор за време на една расправата.

„Судејќи според претходното искуство, формирањето на пратеничките групи кое постои како деловничка можност најверојатно е во насока на блокирање на работата на Собранието, особено во периодот кога треба да се спроведат претходно декларираните заложби и планови за итни реформи во многу области“, вели Речица.

Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, во ваквиот потег препознава злоупотреба на деловникот и на, како што вели, демократските права што тој ги дава. Ова ќе се одрази лошо врз демократијата, смета тој.

„И на координации кога ќе се договараат претставниците на пратеничките групи би било невозможна мисија да се договори расправа за одреден предлог закон. Мислам дека ќе трае многу долго, ефикасноста ќе биде на најниско можно ниво. До комплетна блокада мислам дека не може да дојде, но ќе се забави до таа мера работата на парламентот што речиси ќе биде блокирано“, вели Гаџовски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за телевизијата Алсат М рече дека нема механизми да го спречи ова парламентарното право од Деловникот, а ако тие имале цел да ја попречуваат работата на Собранието, тогаш, како што рече, го нашле начинот.

Координаторот на едната од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, пак, во интервју за Канал 5 уверуваше дека нивната цел е позитивна, да овозможат дебата во Собрание. Според него, динамиката за работа на пратеничките групи најмногу ќе влијае од тоа како СДСМ се однесува.

Претседателот на неговата партија Никола Груевски, минатата недела, по пресот на Специјалното јавно обвинителство, најави дека завршува конструктивноста, која некои ја нарекувaле, како што рече, попустливост во нивното делување. Дел аналитичари тогаш посочија дека меѓу другото најавениот крај на конструктивноста може да се одрази врз работата на парламентот преку делувањето на 51 пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG