Достапни линкови

Јавен обвинител со интегритет, а не послушник на власта


Основно јавно обвинителство во Скопје.
Основно јавно обвинителство во Скопје.

Предлогот за разрешување на досегашниот јавен обвинител Марко Зврлевски е на дневен ред на собраниската седница. Упатените сугерираат дека новиот обвинител кој ќе го замени мора да биде личност со интегритет, но и да има силна контрола од независни институции.

Речиси и да не постои јавен обвинител во независна Македонија кој не е перцепиран во јавноста како послушник на владејачките елити, се согласуваат упатените во правосудството, но причините за тоа ги лоцираат на различни места. Според адвокатот Александар Наков, малкумина досега работеле совесно и коректно, а другите, како што додава, биле добри послушници на власта. Фактички тие се под голем притисок на власта, тврди Наков.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев, пак, вели дека е тешко да се одговори колку тие биле користени за пресметки со политичките неистомисленици.

„Полесно е да се одговори, тие им се нуделе на политичките гарнитури кои ги избираа за јавни обвинители и во таа смисла вршеа работа која беше од интерес за самата гарнитура или врвот на гарнитурата, а резултатите од нивната работа никој не ги бараше на увид во јавноста“, вели Илиев.

Актуелниот обвинител Марко Зврлевски не е првиот кој се соочува со критики дека работел за власта што го поставила на функцијата и поради тоа новата владејачка гарнитура бара негово разрешување.

По само еден месец откога првпат дојде на власт во 2006 година, владата на премиерот Никола Груевски поведе постапка пред Собранието за разрешување на тогашниот обвинител Александар Прчевски.

Критиките од тогашните пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ беа дека тој има големи пропусти во работата и дека бил партиски војник на СДСМ и заложник на криминалот кој го правела власта.

Истото се случуваше и во 2002 година, кога власта од ВМРО-ДПМНЕ ја презема СДСМ. Тогашниот јавен обвинител Ставре Џиков беше разрешен и се соочи со исти критики од владата на тогашниот премиер Бранко Црвенковски, дека функцијата ја извршувал нестручно и несовесно, а пратениците го обвинуваа дека работел по налог на власта.

За да си ја врши совесно работата, јавниот обвинител мора да биде личност со силен карактер, да биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата, одговара Наков на прашањето што треба да се направи за земјава да добие јавен обвинител кој ќе биде професионален.

„Тоа треба да биде и личност која ужива авторитет, интегритет во средината во која живее и работи и што помалку да допира со своето делување во политиката“, вели Наков.

Според Илиев, пак, треба да се направат и законски измени оти како што вели јавниот обвинител е самостоен, но не и независен. Смета дека треба да има слични механизми за контрола на неговата работа како во Соединетите Американски Држави.

„Во тој правец потребни се реформи, да постојат некои јавни мешани комитети кои ќе вршат испитување на луѓето кои ќе бидат именувани за јавни обвинители, а потоа и секоја година ќе бидат подложени на извештаи и на прашања за нивната работа и така да се дојде до состојба во која никогаш нема да има спој меѓу политиката и јавното обвинителство“, вели Илиев.

Дека ќе дојде до смена на Зврлевски кога ќе се смени власта се знаеше неколку години. Уште пролетта 2015 година во екот на опозициските бомби Заев побара оставка од него, наведувајќи дека сите докази ќе ги предале на новиот јавен обвинител, македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, или како што рече оние коишто расчистија со криминалот во Италија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG