„Kонструктивноста, која некои ја нарекуваа попустливост во нашето делување, завршува денес, oва нема така да помине“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Неколку часа по ваквата објава, пред Основниот суд Скопје 1 во кој се одлучува за барањата на СЈО за притвор и мерки за претпазливост за високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, се собраа луѓе. Извикуваа „Нема да ви помине“.
Според Никола Дујовски, декан на универзитетот Свети Климент Охридски, од терминот неконструктивност, кој Груевски не го објасни, може да се очекува опозициската партија да организира вакви протести или, пак, нејзините пратеници да го напуштат Собранието.
Но тој смета дека нема да може да дојде до поголеми инциденти, меѓу другото и поради тоа што сега институциите не ги раководат луѓе од истата партија.
„Но и ВМРО-ДПМНЕ како партија нема капацитет да предизвикува што било посериозно. Немаат капацитет да соберат многу народ, да ги повикуваат вработените во администрацијата да излезат на протести, така што мислам дека е намалена моќта на ВМРО-ДПМНЕ во моментов“, вели Дујовски.
Ваквата најава за неконструктивност следува и три дена откако Груевски на средбата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан му ветил, како што наведоа во партиското соопштение, дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи сите реформи за кои ќе цени дека се од интерес за граѓаните“.
И Хан во интервјуто за Радио Слободна Европа што во целост ќе се емитува в недела, вели дека тоа го дознал од средбата со опозицијата. На прашањето дали е задоволен од тоа што го предлага владата на Заев како европска агенда, тој одговора дека тоа е вистинскиот пат напред.
„Сега навистина е крајно време и дознав дека и опозицијата е посветена на тоа, да биде фокусирана на политичките прашања, на реформите кои е јасно дека се во интерес на земјата“, вели Хан.
Дујовски, пак, во политиката на ВМРО-ДПМНЕ во последниве две години вели дека не препознава постојаност, туку дека тие реагирале на дневните настани.
„Очекувам дека ваквите однос ќе продолжи и понатаму дневните реакции на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжат сè додека е ваква состојбава“, вели Дујовски.
Инаку поранешниот премиер покрај најавата дека прекинуваат со конструктивноста, оцени и дека одлуките на СЈО биле без никакви правни докази, а нивниот грев, како што нагласи, е што цели 11 години партијата била на браникот на одбраната државните и националните интереси и што одолеале на притисоци и закани поврзани со името и или спроведување на платформи на туѓи држави. Покрај извиците „нема да ви помине“, насобраните пред Судот синоќа извикува и „Македонија, Македонија“.
Ова не е првпат Груевски да упати некаква порака, а веднаш потоа да има реакција на улиците. На 26 февруари тој рече дека е загрозена унитарноста на државата, а дека кога државата е нападната само народот, е тој кој што може да ја одбрани. На 27 февруари граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ почна со секојдневните протести за како што велеа одбрана на унитарноста.