Достапни линкови

Посетата на Заев на Софија – главна тема во неделниот печат


Прес-конференција на премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија
Прес-конференција на премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов во Софија

Неделникот Фокус пишува дека по посетата на премиерот Зоран Заев на Софија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара увид во неговиот оптимизам, Република дека Заев ги распродава националните интереси, а Капитал дека ова е отворање ново поглавје во македонско-бугарските односи.

Фокус - Груевци бараат УВИД во оптимизмот на Заев!?

„Груевци бараат УВИД во оптимизмот на Заев!?“ – со чудење прашува авторката на колумната во Фокус, па цинично додава дека дава поддршка на „ДПМНЕ-Обвинета“ што бара „УВИД во тоа што Заев договорил во Софија“. Ама, вели, ме јаде јанѕа дали Трајко Вељаноски, во улога на гласноговорник на апелов, има УВИД што шлапатарат во „бомбите“ за преговорите со Атина? Има ли УВИД во шемите според кои станаа најбогата партија во Европа? За на крај да поентира: „Но, сè што не даваа на УВИД, а мегафоните го покриваа со ’скандали‘ на опозицијата, сега ни го дава на УВИД новата власт“, пишува Фокус.

Република - СДСМ ги распродава националните интереси каде што ќе стигне

Дури четири текстови во Република се занимаваат со наводното предавство на Заев на националните интереси. Насловите се движат од: „Тирана, Атина, Софија... СДСМ ги распродава националните интереси каде што ќе стигне“, па преку: „Три недели – триста скандали – Заев почна да ги плаќа испорачаните фактури“, до: „Дипломатија базирана на лажен оптимизам – Колкава цена ќе платиме за НАТО и за ЕУ?“, за на насловната, под фотографијата на Заев како става цвеќе на споменикот на Цар Самуил во Софија, да напише: „Предавникот го трча почесниот круг – Заев за уши донесен на поклонение пред царот“. А во написот пишува дека Бугарите го добиле македонскиот идентитет на тацна и дека на денот на Свети Илија, симболот на македонскиот непокор, цитирам, „на Заев му е организирано да ги предаде македонскиот јазик, македонската историја, да се откаже од македонското наследство, од македонскиот народ и во Македонија и во соседството“. И дека 2 август, место национална гордост ќе бил чивија во ѓонот, која ќе бодела на секој обид за исправање на „кичмата“.

Капитал - Бугарија со отворена поддршка на Македонија на патот до ЕУ и НАТО

За Капитал, средбата на премиерот Заев со бугарскиот премиер Борисов е историска. Неделникот насловува: „Бугарија со отворена поддршка на Македонија на патот до ЕУ и НАТО“, а во текстот цитира наслови од некои бугарски весници: „Добар почеток за првите соседи“, „Скопје и Софија најпосле се разбраа“, „Нова страница во односите меѓу Македонија и Бугарија“, „Историјата да нè зближува, а не да нè оддалечува“... За да додаде дека овие наслови во бугарските медиуми по повод посетата на премиерот Зоран Заев со македонската делегација во Софија, „навестуваат историски исчекор и отворање на ново поглавје во македонско – бугарските односи“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG