Достапни линкови

„Експеримент“ - претстава за злосторствата „во име“ на системот


Експеримент, театарска претстава
Експеримент, театарска претстава

По премиерата во рамките на годинaшното издание на фестивалот „Здраво млади!“, на 18 и 19 јуни, во 20 часот, во кино „Фросина“ во Младински културен центар – Скопје, уште две нови изведби на претставата „Експеримент“ на режисерот Јане Спасиќ. Станува збор за драма која се бави со начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијаат на дехуманизација и деиндивидуализација на индивидуата и за нов проект во продукција на здружението АРТОПИЈА, потписниците и на провокативната - „Да го поздравиш и да ми го бациш“.

Група на фантазмагорични суштества, буфони, ги поседуваат сите искуства и мемории на човештвото. Нивна единствена цел е да го набљудуваат човекот, да бидат негово „критичко огледало“ и еднаш годишно да „мигрираат“ во реалниот свет за да му укажат на грешките. Доаѓа денот од годината кога треба да се „мигрираат“ во реалниот свет и повторно да огласат пред луѓето, но по кратко согледување на ситуацијата буфоните констатираат дека човекот постојано ги повторува истите грешки и нема капацитет да согледа дека тоа го води кон самоуништување. Решаваат да го откажат доаѓањето во реалниот свет, бидејќи им се чини бесцелно, но сепак, еден од буфоните не сака да се откаже од човекот, наоѓа уникатен мемориум и успева да ги убеди дека можеби треба да се огласат за последен пат...

Ова ќе биде запишано во поканата за претставата „Експеримент“ работена по текст и во режија на Јане Спасиќ, а во продукција на здружението АРТОПИЈА. Премиерната изведба се случи неодамна во рамките на годинашното издание на фестивалот „Здраво млади!“, а првите две репризи е планирано да се одржат на 18 и 19 јуни, во 20 часот, во кино „Фросина“ во Младински културен центар – Скопје.

Говорејќи за проектот, Спасиќ истакнува дека главната инспирација за претставата е книгата „The Lucifer Effect“ на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот. Тој дополнува дека притоа интересно било тоа што Зимбардо таму изведува неколку социјални и индивидуални психолошки појави кои постепено ги издвојува и анализира преку согледување на конкретни историски настани и експерименти многу важни за социјалната психологија, притоа понекогаш користејќи антрополошки истражувања. Вели дека било навистина страшно да се разбере дека сето тоа било научно и експериментално поткрепено, а познато е дека секој еден експеримент е валиден доколку при секое негово повторување покажува слични резултати. Дека е страшен и фактот што мнозинството граѓани се подложни на овие социјални динамики и влијанија.

„Со тоа се бави и претставата. Таа сака да укаже на овие појави и да ги постави прашањата во врска со нив и секако да реферира на случувањата во Македонија во изминативе декади којшто се многу битни и главна инспирација за мене лично. Некако сметам дека со многу труд и, слободно ќе кажам, на мускули истеравме до крај еден експериментален и ризичен процес од многу аспекти и дека дури по премиерата сфативме оти имаме претстава со која успеавме да ја пренесеме болката која ја носат овие појави и овие ситуации и да поставиме прашања во врска со темите кои ги сметаме за навистина важни“, вели режисерот.

Тој дополнува дека во претставата, покрај професионалните актери Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Мартин Јорданоски, Симона Спировска Костовска и Матеја Јанковска, играат и две деца - Марија Јанчевска и Михаел Стојановски. Дека зад нив е еден навистина повеќе од интересен процес на работа.

„Се работеше постапно. Носев по неколку верзии од текстот кои подоцна преку разговори и забелешки со актерите креираа нови варијанти, така што безмалку целата екипа беше креатор на финалниот текст“, веил тој.

Инаку, „Експеримент“ како следбеник на провокативната „Да го поздравиш и да ми го бациш“ за која редовно се бараше карта повеќе, е вториот проект на здружението АРТОПИЈА, чија заложба е да го задржи континуитетот на критика на негативните општествени појави и цели и да го збогати диверзитетот во театарскиот израз на независната театарска сцена во Република Македонија.

„Идејата при формирање на здружението АРТОПИЈА беше создавање на организирана форма на дејствување во секторот независна култура, со посебен акцент на независниот театар. Секоја чест на поединците и групите кои низ годините имаа обиди да го етаблираат македонскиот независен театар и имаа обиди да продуцираат проекти кои беа повеќе или помалку значајни за прогресот на театарската уметност, но сметавме дека стихијноста и пред се неконтинуираниот програмски режим на независните театри, не ги исполнува очекувањата на публиката која е „гладна“ за претстави кои ќе ја воодушевуваат и возбудуваат во континуитет. Поради овој факт се одлучивме да формираме професионална група која во континуитет ќе ја гради и надградува својата програмска политика и ќе се труди да биде коректор на сите негативни општествени појави, преку единствениот медиум, со кој ни е дозволено „да си играме“ и јавно да ги искажеме нашите ставови – сцената“, ќе рече Филип Николовски, кој заедно со Наташа Петровиќ и Радослав Гогушевски се продуценти на претставата.

Кон ова само уште информациите дека сценографијата за „Експеримент“ е дело на Кирил Василев, за костимите се погрижила Бранкица Јорданоска, монтажата на видео материјалите ја потпишува Горјан Атанасов, технички координатор е Кирил Мечалов, а зад дизајнот на плакатот стои Кристина Гороска (БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА).

И, уште нешто. Во тек се преговорите за уште неколку репризни изведби на „Експеримент“ во МКЦ во текот на летото, не е исклучено претставата да биде прикажана и во некои од градовите во земјава, а повеќе од сигурно е дека наесен таа наново ќе осамне на сцената на кино „Фросина“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG