Достапни линкови

Сонување во сино со четвртиот фестивал „Сонот на облачето“


Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“.
Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“.

Со учество на уметници од Грузија, Шпанија, Грција и Македонија, од 21 до 23 ноември, во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе се одржи четвртото издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“, зад кој како организатор сите овие години стои домашниот колектив СЕНКИ И ОБЛАЦИ.

Една благородна, едукативна и уметничка сторија продолжува успешно да се развива. Додуша многу повеќе на мускули и со настојчивост за опстојба на основната идеја отколку со некаква бележита институционална поткрепа, но сепак исчекорот е повеќе од бележит. За ова сведочат многу повеќе детските насмевки и нагласената љубопитност отколку зборовите на потписниците на манифестацијата, но битно е што нештата, на радост на мнозина здраворазумци, продолжуваат да се тркалаат.

А, годинава, според воведните напомени од ентузијастите од театарскиот колектив СЕНКИ И ОБЛАЦИ, ќе се сонува во сино. Ова подразбира дека „Сонот на облачето“ веќе чука на портите на МКЦ и со нетрпение очекува да летнат конфетите и светкавата прашина, да се крене завесата и да започне четвртата дружба на вљубениците во традицијата на театарот на сенки и воопшто на уметничките искричења. На отсонувањето на соништата на најмладите и сите оние милуваат да го негуваат детето во себе.

Разложувањето на грижливо подготвената програма ќе започне во понеделник, на 21 ноември, во 19.30 часот, на сцената „Фросина“. Грузискиот колектив БУДРУГАНА ГАГРА ќе ја одигра претставата „Четири годишни времиња“, уметнички чин во кој 10-члената екипа игра само со своите дланки, нешто што досега немало на Фестивалот, по што следува и изложбата на инсталации и лампи.

Наредниот ден, од 17 до 19 часот, ќе стартуваат и работилниците што ќе ги водат шпанските и македонските уметници ( ТЕАТАР НА СЕНКИ И ОБЛАЦИ), за да во денот посветен на мудроста и филозофијата на животот раскажана под маските на разни животни од басните на Езоп, во востановениот термин за претстави, грчкиот театар ја одигра сопствената продукција „Сенките на Езоп“.

И, конечно на 23 ноември, според редот на возба на Фестивалот, најнапред работилницата, па во 19 часот „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ на домашниот НАШ МАЛ ТЕАТАР и половина час подоцна „Бубачки“ - претставата произлезена од дводневната едукативна дружба со гостите од Шпанија – ТЕАТРЕС ДЕ ЛА ЛУМ. Во неа не мало учество ќе имаат и 20-те дечиња кои во двата дена го голтале богатото искуство на искусните театарџии и по прв пат, како новина на манифестацијата, ќе играат за своите врсници и сите добронамерници.

„Се трудиме како и досега да се види колку различни можат да бидат театрите на сенки. Дека не се само некакви црни сенки во некаква светла позадина како што можеме да си играме и дома на нашите ѕидови, каде што и дечињата тоа сакаат да го прават, туку дека може да се надгради и да се направи поинаку. Да има колоритни фигури коишто се дводимензионални нели затоа што се за сенки меѓутоа нивното богатство во изразот и во формата ќе дојдат во фокусот и тоа ќе го видат учесниците и посетителите“, вели Круме Стефановски, актер и прв човек на театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ, организаторите на Фестивалот.

Тој дополнува дека конечно вродиле со плод и нивните долгогодишни обиди да го промовираат театарот на сенки, па така овојпат на нивно огромно задоволство се појавува уште една дружина од Македонија којашто го негува овој жанр. Станува збор за НАШ МАЛ ТЕАТАР кои исправаат на сцена една своја убаво сработена визија - претстава „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“.

руме Стефановски, актер и прв човек на театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ.
руме Стефановски, актер и прв човек на театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ.

„Особено ми е драго што некако излегува дека сме успеале да иницираме нешто да се раздвижи. Да повлечеме нога, што се вели по нашки, нешто дополнително да се случи со овој израз, со овој вид на театар кај нас. И навистина ќе ни биде уште помило и натаму да се развива овој тренд и во иднина да се вклучат театри на сенки од Македонија коишто можат да бидат гости на Фестивалот. Нашите врати се за сите ширум отворени.“

Од друга страна, иако го живеат актуелниот момент на обистинување на четвртото издание на манифестацијата, од СЕНКИ И ОБЛАЦИ знаат да кажат дека со мислите се веќе во наредното јубилејно случување. Дека во тој контекст била и нивното неодамнешно успешно гостување во Бразил каде имале можност не само да видат повеќе вакви претстави туку и да разменат концепти и програми со своите глобални сомисленици.

„Сме во комуникација со неколку театри од различни делови на светот коишто играат убав и интересен театар на сенки и коишто би сакале да бидат дел од нашиот Фестивал. Веќе почнавме и одредени преговори со нив. Би сакале за следната година, како за јубилејно петто издание „Сонот на облачето“ да биде уште побогато и полно со содржини, со уште повеќе театри коишто ќе гостуваат, така што мислам дека нашиот сон што си го живееме ќе се отсонува, ќе заживее во полн сјај и идниот ноември“, потенцира Стефановски.

XS
SM
MD
LG