Осум селектирани претстави во шесте фестивалски вечери, од 27 октомври до 1 ноември, ќе бидат прикажани во рамките на деветтото издание на Меѓународниот театарски „Скупи фестивал“, манифестација која втора година по ред ќе се одвива во Младинскиот културен центар во Скопје.
Оваа година мотото на фестивалот е „Подобар поглед“. Не во смисла на тоа дека ќе им понудиме на луѓето розови очила за да го гледаат светот подобар отколку што тој навистина е, туку затоа што сметаме дека театарот ним им дава подобар поглед за тоа како тие навистина се чувствуваат.Сенко Велинов, селектор на програмата на Скупи фестивал.
Случувањата ќе започнат со „Шопинг & факинг“ на Националниот театар на Косово и Урбан театар од Приштина. Станува збор за дело на врвниот бритaнски автор Марк Ревенхил, текстот што често е опишуван како шокантен наратив за моралот во неморални времиња, всушност уникатен сценски портрет за дехуманизирана генерација на младите, распаднати поради социјалната и економска злоупотреба што го режираше Фатос Бериша. Кон ова само уште дека ова е прво поставување на „Шопинг & факинг“ на албански јазик и дека претставата со голем успех е прикажувана во регионот.
Истата вечер, само два часа подоцна, во Дансинг салата на МКЦ, ќе биде прикажана „Крај на љубовта“ на Мини театар и Местно гледалиште Птуј од Словенија. Во неа, посегајќи по драмата на Паскал Ламберт, преку играта на фантастичните актери Пиа Земљиќ и Марко Мандиќ, режисерот Ивица Буљан се прашува „што се случува кога залуденоста ќе избледи и љубовта ќе исчезне и што може да се направи кога двајца повеќе не припаѓаат заедно“.
Во среда, пак, на 28 октомври, во кино „Фросина“, од 20 часот, публиката ќе има можност да го види „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“ - новиот заеднички проект на нашите Дејан Дуковски и Александар Поповски, кој неодамна осамна на сцената на Српско народно позориште од Нови Сад и ги собра симпатиите на тамошната критика. Во оваа утописка мелодрама, како што наведуваат авторите, „создаден е лик кој со хамлетова енергија се движи низ корумпираниот систем и наместо да размислува, тој делува. Во својот ирационален поход наоружан е со хипнотичката моќ на убедување, а неговиот метод е убивање. Крваво гази преку сè и секого кој ќе му се најде на патот, одејќи како носорог по својата патека на правдата, патот на слободата. Кој е тој? Херој? Убиец? Обичен човек доведен до елементарна опструкција на здравиот разум? Дух со секира или виор на револуцијата кој ја кине главата на режимот... Можеби само идеја која многумина обезправедни ја имаат денес.“
Следува мистичната „Паночка“ на Нина Садур и режисерот Сергеј Федотов, претстава базирана на романот „Виј“ од Николај Васиљевич Гогољ и, како што се смета, „визит картата“ на театарот „У моста“ од Перм во Руската федерација. Жанрот на проектот е апсолутно уникатен и соединува хорор, комедија и филозофска алегорија. Публиката е или потресена од хомеровски смев, или парализирана од терор и преплашена, но покрај сите шеги, без разлика дали се смешни или застрашувачки, постои длабока филозофска смисла која нуди одговори на многу од прашањата кои најмногу нè засегаат.
На 30 октомври ќе биде прикажана „Сауна“ на Соиле Макела и театарот „Метаморфози“ од Хелсинки, Финска (нема приказна на маски и предмети придружувана од несекојдневен дизајн на светло и над сè од оригинална и силна музика), а следниот ден и „Радар“ на авторот Себастијан Улбрих и режисерот Имануел Бартз, копродукција на три германски театри од Диселдорф, Триер и Келн.
Звукот, движењето и поезијата, искомбинирани на уникатен начин во оваа претстава, креираат интимна атмосфера во која освен лицата на сцената и публиката е вклучена во самиот перформанс.
Веднаш потоа, на прекршувањето на октомври со ноември, во Дансинг салата на МКЦ следува уште еден фантастичен театарски чин – интерактивната „1945“ на Николоз Сабашвили и Професионалниот државен младински театар „Нодар Думбадзе“ од Тбилиси, Грузија. Во ова уникатно дело во кое е раскажана сторијата за едно германско момче и неговиот пат од детството кон зрелоста, понудена е „несекојдневна комбинација на движење, музика, фантастични реквизити, различни костими и театарски изненадувања за кои се вели дека недвојбено ќе ја допрат душата на гледачите“.
И, конечно, за спуштање на завесата на „Скупи фестивал 2015“, на 1 ноември е предвидено прикажувањето на „Куќата на гневот“ што Диана Добрева ја постави во театарот „Взраждање“ од Софија, посегајќи по „Куќата на Бернарда Алба“, стихови на Федерико Гарсија Лорка, како и поеми на Рафаел Алберти и Мигел Ернандес. Проектот ја соочува човековата природа со непробивните ѕидови на забрани и табуа кои само човекот може да ги создаде. Љубовта како копнеж и привидение зазема централно место во целата претстава, но истовремено претставува и забрането овошје поради кои се уништуваат животи.
Сенко Велинов, селекторот на програмата за фестивалот, во пресрет на годинашното издание, знае да каже дека тие како организатори и овој пат на публиката и на критиката и носат разновидни типови на театар, колективи и трупи кои досега ги немаат видено и програма што и натаму ги прави поразлични од другите. Дека сè уште се држат до концептот да не робуваат на концепти.
„Оваа година мотото на фестивалот е „Подобар поглед“. Не во смисла на тоа дека ќе им понудиме на луѓето розови очила за да го гледаат светот подобар отколку што тој навистина е, туку затоа што сметаме дека театарот ним им дава подобар поглед за тоа како тие навистина се чувствуваат. Ако театарот е огледало на нашите души, ако театарот е репрезент на стварноста во која што живееме, односно поизострено ја дава стварноста, тогаш тој навистина го заслужува епитетот дека и дава подобар поглед на стварноста во која што живееме“, вели тој.
Конечно, и годинава ќе биде доделена единствената награда на Фестивалот за најдобра претстава, а за тоа ќе одлучува жирито во состав Тодор Кузманов, Сулејман Рушити и Рози Костани.