Достапни линкови

„Нулта точка“ на Скопје танцов театар премиерно во МКЦ


„Нулта точка“, претстава на Скопје танцов театар, постер
„Нулта точка“, претстава на Скопје танцов театар, постер

„Нулта точка“ е насловена претставата на Скопје танцов театар чија премиерна изведба треба да се одржи в среда, на 31 мај, во 20 часот, во Младинскиот културен центар. Станува збор за проект на новата генерација на танчери и млади кореографи од Академијата составен од три дела - „Азбука“ на Јакуб Мунко, „Еден“ на Александра Петрушевска и „Јас и вие“ на Дејан Битровски.

„Нулта точка“, како последна премиера во сезоната 2016/2017 година, на виделина ја вади идејата за претставување на новата генерација на танчери, млади кореографи и специјализанти на Скопје танцова академија и Скопје танцов театар. Претставата се состои од три дела - „Азбука“ во кореографија на Јакуб Мунко, кој заедно со Игор Ниемијски е и автор на музиката, „Еден“ на Александра Петрушевска за чија звучност се погрижил Александар Гроздановски и „Јас и вие“ на кореографот Дејан Битровски, кој патем сам го сторил и музичкиот избор. Покрај авторите во проектот настапуваат и танчерите Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса, Јована Зајкова и Сара Цветковска,

Јакуб Мунко за својата „Азбука“ знае да каже дека често мислиме на танцот како на невербален начин на комуникација и лично изразување.

„Но што ако го погледнеме од другата страна ? Ќе видиме ли само затворен систем составен од само 31 движење. Замислете свет во кој сите луѓе се движат на ист начин. Дали тогаш би можеле да разбереме што тие сакаат да изиграат“, вели тој.

Александра Петрушевска, пак, за делото „Еден“ смета дека е краток, слоевит перформанс. Физичката нарација на танчерите, како база, кој отвора нов еластичен простор.

„Освен акцент на индивидуалецот, играме со времето, со спротивностите, просторот. Елементи кои заедно градат една еклектична композиција. Групната енергија и заедничко дејствување не се исклучени, но појдовната точка секогаш е индивидуалецот“, пишува Петрушевска.

Дејан Битровски за својата кореографија „Јас и вие“ вели дека инспирацијата ја нашол во творештвото и размислите на американскиот писател Чарлс Буковски, посебно во стиховите на неговата поема „Life Dance“. Тој дополнува дека посегнал по она што Буковски го говори за општествените прилики од своето време за да претстави дел од она што нам сега ни се случува и што ја засега и не само неговата генерација.

„Претежно се работи за размислување од еден социјален аспект. Која е целта, фокусот, што е она што треба да го постигне еден млад човек. Каде сака да оди? Каде де стигне? Како го прави тоа? Зошто се враќа на самиот почеток? Зошто се врти во круг? Според мене работи коишто се дел од секојдневието што не опкружува во еден ваков турбулентен период и заклучувам дека е дојден редот на младите да се издигнат и да се обидат да се фокусираат кон она што сакаат да го направат во својот живот“, вели тој.

Инаку, со „Нулта точка“, Скопје танцовиот театар, под уметничко водство на Рисима Рисимкин, ја продолжува својата мисија на создавање на нова естетика на македонската современа танцова сцена, со цел да овозможи развој на млади кореографи и танчери и нивната работа да ја презентира кај нас и во светот. Од таму не чуди кога Рисимкин ќе рече дека тие како прва официјална современа танцова компанија во Македонија, која своите кадри ги црпи од Скопје танцовата академија, секогаш одат во чекор со времето и дека „во своите лаборатории произведуваат експерименти на млади уметници, кои имаат потреба да се изразат на свој начин и со свои конкретни дела“. За новиот проект на своите студенти и специјализанти таа вели дека е сочинет од различни делови кои на некој начин ја претставуваат нивната интимна размисла и дека секое на свој начин зборува за светот во којшто тие се наоѓаат.

„Некој од авторите се бави со отуѓеноста, некој со ритамот, а некој со чисто физичките движења итн, но она што нив ги обединува е една прекрасна танцова естетика којашто мислам дека станува својствена за Скопје танцов театар“, вели таа.

Кон ова само уште информацијата дека Скопје танцов театар досега со успех се има претставено на повеќе значајни меѓународни фестивали како Фестивалот за танц и невербален театар во Санвинченот, Хрватска (2011); Саемот за танц во Дизелдорф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивал во Амстердам, Холандија (2103), „Средба во Пекинг“ во 2015 година; „Отворена програма“ во Ротердам и Хаг, Холандија (2015), „Шер“ фестивалот во Братислава...

Од друга страна во декември годинава Скопје танцов театар ќе настапи на Културната сезона која Кина ја организира за земјите од централна и југоисточна Европа. Потем следува и нивниот перформанс на најзначајниот европски фестивал за танц „Холанд денс фестивал“ кој ќе се одржи во фебруари 2018, како и гостување на еден од најстарите фестивали за танц во Њујорк, во САД.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG