Трета среќа. Оваа народна поговорка, почитувани слушатели, ќе можеше да ја употребиме во случајот со обидите да се организираат предвремени парламентарни избори во Македонија во текот на 2016 година, доколку во третиот обид тие поминеа мазно, без забелешки, или како што претставниците на меѓународната заедница милуваат да кажат, кредибилно. Вака, ако употребиме атлетски речник, третиот и последен обид сè уште не може да се оквалификува како успешен, затоа што летвичката сè уште се ниша.
Годината заврши со третиот обид. А започна со подготовки за првиот. Имено, уште во средината на јануари, согласно со договорот од Пржино, премиерот Никола Груевски поднесе оставка на функцијата, на 100 дена пред закажаниот термин за избори, 24 април. Беше избрана преодна влада на чело со Емил Димитриев, чија задача беше да подготви терен за одржување предвремени избори. Иако власта убедуваше дека сè е подготвено, сепак, опозицијата тврдеше дека услови за фер избори нема.
„Преговорите пропаднаа. Ако изборите се одржат на 24 април, СДСМ нема да учествува бидејќи нема време да се создадат услови за фер изборен натпревар. Нема време да биде прочистен Избирачкиот список и нема време да биде регулирана состојбата во медиумите. Ние ќе продолжиме да се бориме за демократијата во Македонија“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев по една од средбите под покровителство на еврокомесарот Јоханес Хан.
Во тој тон течеа првите два месеца, а на 21 февруари меѓународниот фактор пресече:
„Нотираме дека резултатите од работата на Државната изборна комисија (ДИК) во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Исто така сè уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Исто така сме загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица. Сето ова е многу загрижувачко“, рече американскиот амбасадор Џес Бејли, читајќи го заедничкото соопштение на ЕУ и САД.
Неколку дена потоа, Собранието не се распушти, како што беше предвидено, туку донесе одлука вториот обид за избори да биде на 5 јуни. Наредните неколку месеци атмосферата беше слична како и пред првиот обид. ДИК ангажираше тим експерти кои ги вкрстуваа податоците од институциите и проценуваа проблематични ситуации, со цел прочистување на избирачкиот список. Потоа следуваше теренска проверка по што требаше да се добие список со целосна доверба. Странците се трудеа да помогнат во приближувањето на ставовите на закараните македонски партии. Во првата половина на март во Македонија престојуваше американскиот висок дипломат Хојт Ји, кој порача дека одблиску ги следат подготовките за изборите, состојбата во медиумите, одвојувањето на партијата од државата, работата на Специјалното обвинителство. Тој рече дека сите одговорни за кризата треба да бидат повикани на одговорност. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кон крајот на март дури и ја започна мисијата за набљудување на изборниот процес, а првиот нејзин човек, Норвежанецот Јан Петерсен одржа прес-конференција на која го претстави својот тим. На 6 април парламентот се самораспушти, а СДСМ соопшти дека нема да учествува на тие „лажни“ избори, затоа што, како што изјави Заев, избирачкиот список не се прочистува, не се носат реформи во медиумите и не прекинуваат притисоците. ВМРО-ДПМНЕ отиде дотаму што на 16 мај ја започна предизборната кампања, но наместо митинзи и собири, најавија поголемо присуство на терен и лични контакти со граѓаните. Политичката криза ја доживуваше кулминацијата, а тензиите дополнително растеа затоа што во меѓувреме имаше секојдневни протести и контра-протести, на што ќе се навратиме подоцна. Поради сериозноста на ситуацијата Германија назначи специјален пратеник- Јоханес Хајндл се приклучи кон напорите за решавање на кризата. На 18 мај Собранието ја поништи одлуката за одржување избори.
„Петти јуни избори нема да има затоа што нема услови за фер, регуларни и демократски избори. Толку е јасно. Толку е гласно и експлицитно“, рече на собраниска седница Томислав Тунтев од СДСМ.
Следуваше тензичен и напнат период, се разбира и интензивирани активности на странските претставници. Во Скопје во јули престојуваше Германецот Хајндл, а потоа и американската дипломатка Викторија Нуланд.
Се чини тоа донесе резултат, па на 20 јули американскиот амбасадор Бејли по еден од многуте состаноци, објави дека е постигнат договор за излез од политичката криза. Беше даден рок до крајот на август да бидат исполнети сите услови за фер избори. На 31 август беше одржана лидерска средба, на која беше констатирано дека има услови за одржување избори на 11 декември.
„Се изборивме граѓаните на Македонија на 11 декември да може слободно да гласаат. Времето на изборно насилство и фалсификување на слободната волја на граѓаните заврши. Со тоа заврши и времето на режимот на Никола Груевски“, рече тогаш Заев.
„Направивме многу чекори со цел да ги доведеме во ситуација да не можат повеќе да ги одложуваат изборите, да нема каде да бегаат, да мора да се соочат со народот и да му овозможат на народот да излезе на гласање и да си го каже својот збор“, рече Груевски.По тој состанок повторно следуваше период „тргни-застани“, додуша повеќе „застани“ отколку „тргни“, но сепак некако се истурка периодот до почетокот на предизборната кампања, која, според повеќето процени, мина во релативно мирна атмосфера. И денот на изборите, помалку или повеќе, се одвиваше во прифатлив амбиент, или, како што констатираа странските набљудувачи, гласањето било уредно и без поголеми инциденти. Но, како никогаш досега, резултатите од изборите беа речиси изедначени, а уште истата вечер и Заев и Груевски прогласија дека нивните коалиции се победници.
„Почитувани граѓани радувајте се, славете го животот, падна режим, падна режим. Навистина се историски моменти, покажавме со многу трпение, со многу посветеност, му покажавме на цел свет, но најважно ставивме печат во оваа наша мултиетничка Македонија, дека Македонија ќе биде напредна, ќе биде слободна, единствена, сплотена земја“, рече Заев вечерта по изборите.
„Денес победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но победи и Република Македонија. Ова го кажувавме и пред, а сакам да го кажеме и по избори, дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и секогаш ќе остане на линијата на државните и национални интереси на Република Македонија и во корист на народот, на граѓаните на Република Македонија“, рече веднаш потоа Груевски.
И како што можеше да се претпостави, поглавјето „Избори“ со тоа не беше затворено. Следуваа приговори до ДИК, нејзина седница во мачна атмосфера, проследена со протести на приврзаници и членови на ВМРО-ДПМНЕ, жалби до Управен суд, прегласување. Силно одекна и прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, прочитан од Груевски пред насобраните кај ДИК. Тој порача дека ДИК донела незаконски одлуки. Го повика судот да не ги прифати, а порача и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласување на изборите и нема да му дозволи на Заев да формира влада. Особено остар беше делот со пораката до некои странски амбасадори:
„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи натамошно мешање на амбасадори во внатрешно-политичките прашања во земјата и бараме да останат во рамки на своите мандати и овластувања како дипломати. ВМРО-ДПМНЕ го напушта формат на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави, а на кои се преговара или се носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот“, рече Груевски пред ДИК.
Политички помилувања и Шарена револуција
Како што претходно спомнавме, речиси целата година беше прошарана со протести и контра-протести. Прво помасовно собирање имаше на крајот од февруари пред Уставниот суд, каде што демонстрантите бараа оставки од петте уставни судии кои ја изгласаа иницијативата со која се разгледува можноста за зголемување на ингеренциите на претседателот со кои ќе може да помилува осуденици за изборен криминал.
И покрај револтот и протестите, во средината на март судот ја донесе оваа одлука. Иако тврдеше дека нема да ја злоупотребува можноста која му се отвори со таа одлука, претседателот Ѓорге Иванов на 12 април потпиша одлука која стапува во сила веднаш, со која се прекинуваат сите кривични постапки против политичарите кои се поврзани со политичката криза и аферата за прислушување. Како што рече, со оваа одлука се става крај на политичката криза.
„Не се водев од позиција кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државни и национални интереси. Меѓу опфатените има и многу мои политички поддржувачи и многу мои политички противници. Но не поаѓам од моите лични позиции, туку од државните интереси“, рече тогаш Иванов.
Но, спротивно од очекувањата на Иванов, одлуката не само што не стави крај на кризата, туку и дополнително ја разгоре. Уште истата вечер се собраа граѓани кои протестираа против одлуката на претседателот, а цел на нивниот револт беше и неговата канцеларија во центарот на Скопје. По првиот, следуваа уште многу протести, кои подоцна беа препознатливи по називот „Шарена револуција“, поради тоа што беа фрлани балони полни со боја најчесто врз објекти од контроверзниот проект Скопје 2014.
Паралелно со овие протести беа одржувани и протести во организација на провладиното движење ГДОМ, чие барање беше да се укине аболицијата за лидерот на СДСМ Заев и за поранешниот директор на ДБК Зоран Верушевски. Во почетокот на јуни беше објавено дека секојдневните протести на Шарената револуција престануваат, а оти борбата продолжува со нови форми, како што беа блокади на крстосници во центарот на Скопје.
„Притисокот што го прави Шарената револуција и движењето Протестирам е многу повеќе од очигледен. Новите форми се само продолжување на нешто, зашто ние сè уште не сме победиле. Ги охрабруваме и различните форми на протест. Се бориме против криминалот и нашите форми се ненасилни. Сè додека тие услови се почитуваат секој може да биде Протестирам“, рече тогаш активистот Александар Донев од движењето Протестирам.
Речиси сите протести на Шарената револуција почнуваа пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во знак на поддршка на оваа институција, која беше цел на разно-разни политички притисоци, опструкции, медиумски напади. Ваквите напади почнаа уште во јануари, кога во Собранието се носеше буџетот на СЈО.
„За жал, морам да констатирам дека од самиот почеток на работењето на Специјалното обвинителство, госпоѓата Јанева и нејзиниот тим ја следат контроверзи и недоречености. На самиот почеток, самото Обвинителство почна да си ја опструира работата. Показател за тоа е отпуштањето на двајца обвинители од нејзиниот тим. Знае ли некој кои и какви материјали прими Јанева како доказен материјал?“
Ова обраќање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски беше едно од многуте со сличен тон. Сепак, буџетот беше донесен, а обвинителството веќе во февруари излезе со првиот случај, наречен „Титаник“, кој се однесуваше на изборни манипулации од страна на владини претставници.
„Јавно кажувам дека никој нема да ме обесхрабри, ниту може да влијае врз исполнувањето на оваа задача што вие граѓаните ми ја дадовте. Основно прашање кое мора да го одговори ова обвинителство е кој, на кој начин, со кои средства и на крај, со какви мотиви, вршел незаконско прислушување во Република Македонија.“
На ваков начин обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи ја продолжуваа својата работа, од која произлегоа 9 отворени истраги, сите со имиња на буквата Т, две обвиненија, десетици осомничени лица, 21 обвинет. Во октомври, на собраниска седница, ВМРО-ДПМНЕ не поддржа продолжување на мандатот на СЈО и Законот за заштитени сведоци. Властите обвинуваа дека СЈО е продолжена рака на СДСМ, додека опозицијата тврдеше оти власта се плаши од истрагите за криминал.
„Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ од специјалниот јавен обвинител е бидејќи тие имаат што да сокријат. „Држете го крадецот“ е синтагма со која низа години функционира ВМРО-ДПМНЕ. Ако се чисти и стојат на зборот кој го дале, зошто не гласаа за овие предложени закони“, рече Петре Шилегов од СДСМ, а Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави:
„Тоа што овие две барања доаѓаат од СДСМ јасно говори дека практично СДСМ и СЈО се синоним. Тоа е исто и нема разлика помеѓу СДСМ и СЈО. Тоа што СЈО го работи е кампања на СДСМ и тоа што СДСМ го работи ѝ помага на СЈО да ја тера кампањата на СДСМ во овој предизборен период“, рече Димовски.
Извештајот на Европската комисија во втор план
Некако во сенка на сите овие настани мина објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство. А и онака се претпоставуваше врз што ќе биде акцентот на документот. Македонија доби уште една условена препорака за членство во Унијата. Овој пат со целосна примена на договорот од Пржино, со спроведување на фер и демократски избори и фокусирање врз клучните реформски приоритети. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан потенцира дека изборите се исклучително важни за Македонија, бидејќи во изминатите години земјата го изгубила политичкиот кредит.
„Морам да кажам дека не се само изборите важни. Тие се пресвртница, но веднаш потоа избраната влада треба да се фокусира врз приоритетните реформи“, рече Хан.
Поплава и земјотрес во скопско
Покрај политичките потреси, Македонија, а особено главниот град беше потресен и од серија земјотреси, а најсилниот беше на 11 септември, со интензитет од 5,3 степени според Рихтер.
„Страотно беше. Јас и сопругата бевме дома. Тоа беше нешто страшно, не може да се опише со зборови. Јас 1963 земјотресот како дете го доживеав, ама ова беше нешто катастрофално. Вакво тресење, такво дрмање, јас не сум доживеал. Во паника избегавме надвор.“
„Тоа е. Човек мора да се исплаши. Не очекувавме дека ова ќе ни се случи.“
„Синоќа околу 10 саат се прибравме. Кај ќе одиш? Во стрес цела ноќ, без спиење, до 4 часот седев“.
Ова беа реакциите на скопјани. Билансот беше неколку повредени лица и мала материјална штета. Многу поголеми, може да се каже и катастрофални последици предизвика поплавата од 6 август, која најмногу погоди неколку скопски села. Повеќе од 20 загинати, поплавени куќи, улици.
„Беше министерот тука на сред село и вели десет пумпи имаме, па му велам - малку се министре десет пумпи, па 1.000 куќи има во Стајковци. Требаат повеќе пумпи. Еве тука на цела улица има две пумпи, а има 15 куќи, а во еден подрум можеби има и повеќе од 20 кубика вода. Не се живее внатре во куќите од смрдеа.“
„Погодени сме сите. Штетата е ненадоместива. Тргнав на погреб, но за жал не стигнав. Детето што го пронајдоа, Иван, учеше со син ми. И само таа слика ми е пред очи, сето друго е ништо, ќе се снајдеме, ќе преживееме како-така, меѓутоа човечките жртви се ненадоместиви“, велеа жители на Стајковци, кое беше едно од најпогодените од поплавата.
На крајот, почитувани слушатели, во името на Радио Слободна Европа на македонски јазик, искрена желба во новата 2017 година да ни се случат многу поубави работи од оние што ни ги донесе 2016-та.