Достапни линкови

Груевски и Заев рекоа, па порекоа


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборен митинг, комбинирана фотографија
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборен митинг, комбинирана фотографија

Двете најголеми партии ретерираа од своите првични ставови. ВМРО-ДПМНЕ славеше и покрај ставот дека нема да учествува и нема да ги признае резултатите од прегласувањето. За СДСМ веќе не се битни бројот на мандати, туку вкупниот број гласови што ги освоиле сите опозициски партии.

ВМРО-ДПМНЕ изгуби во Теарце, но славеше за потврдениот број мандати со прегласувањето, а СДСМ остана на тврдењето дека иако имаат два пратеника помалку од партијата на Груевски тие се победници и ќе формираат влада.

Дел аналитичари во ваквите ставови на двете најголеми партии гледаат ретерирање и оставање простор за поинаков развој на настаните.

ВМРО-ДПМНЕ во прогласот кој една недела пред прегласувањето го прочита лично Груевски пред Државната изборна комисија, наведе дека ако Управниот суд ги потврди „незаконските одлуки“ на ДИК и со тоа се одзеде победата ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување.

Партијата не агитираше за гласање, но не упати ниту повик да не се гласа за нив, па тие добија 149 гласа во Теарце. Во партиските штабови, по трет пат од 11 декември досега, се славеше за изборната победа.

„ВМРО ДПМНЕ играше многу ниско - ако изгубиме нема да ги признаеме резултатите што ќе значеше враќање на тоа што го правеше СДСМ, односно враќање кусур, вие вака ја произведовте кризата сега и ние вака ќе ви ја произведеме кризата“, вели аналитичарот Алајдин Демири.

Според него ниту СДСМ во ситуацијата нема јасна слика за тоа што ќе се случува. Демири вели дека не препознава кај опозицијата идеја за тоа како ќе ја состави владата и кои ќе бидат партнерите, иако нивниот претседател Зоран Заев во секоја изјава тврди дека тие ќе ја формираат.

„ВМРО-ДПМНЕ си дозволи јавно да и се заканува на ДИК, па дури и на Управниот суд. Од друга страна, СДСМ кој може да се смета за морален победник нема со кого да прави влада“, вели Демири.

Ако ВМРО-ДПМНЕ останеше на ставот дека не ги интересира прегласувањето во Теарце требаа да бидат пасивни и да не реагираат какви и да се резултатите, вели професорот на Правниот факултет на ФОН Темелко Ристески.

„Што се однесува до СДСМ околностите се менуваат и тие наметнуваат и промена на ставови. Тоа што СДСМ сега го поставува како нова цел е всушност ретерирање во однос на претходната цел, бројот на мандати да биде 50-50“, вели Ристески.

По гласањето во Теарце, Заев на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук, наведе дека победата на мнозинството граѓани во земјава кои гласаа за промени се потврдила и во мултиетничко Теарце. Тие остануваат на ставот дека над 600.000 граѓани, без разлика на својата етничка припадност побарале демократска иднина за Македонија, a тоа покажувало, како што велат, дека волјата на мнозинството граѓани на последните избори била за промени.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG