Тешка и грда изборна кампања која ќе се фокусира на оцрнување на политичкиот противник, а помалку на ветувања за граѓаните, очекуваат аналитичарите на четири дена пред официјалниот почеток. Од понеделник, кога и стартува кампањата, според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, несомнено е дека тоа ќе се случува.
„Земајќи предвид и дека досегашните изборни циклуси изобилуваа со црна кампања, а притоа немаше некои поголеми афери, сигурно е дека на овие избори ќе преовладува црната кампања“, вели Гаџовски.
Ветувањата на партиите, според него, ќе бидат насочени кон одредена група граѓани за кои тие ќе утврдат дека не е определена, но таквата група, како што вели, за овие избори е доста мала. Кризата трае долго и повеќето од гласачите се веќе запознаени што нудат партиите, па мал е процентот на неопределени, смета Гаџовски.
И аналитичарот Алајдин Демири смета дека за овие избори ќе избие условно кажано „политичкото подземје“ на сцена, па граѓаните ќе можат да видат многу оцрнувања на партиските претставници. Минатото е црно така што сите ќе се обидат да играат на тој терен, вели тој. Демири, анализирајќи го соочувања на лидерите на четирите партии, односно на претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, во четвртата изборна единица и на првите луѓе на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, во шестата, вели дека за сите од нив може да се направи негативна кампања.
„Тоа значи дека сите лидери се на еден или на друг начин „обвинети“. Од една страна се зборува за Заев и неговата аболиција, а од друга страна е Груевски и неговите афери од прислушуваните разговори. Во однос на лидерите на партии на Албанците, за Али Ахмети може да се зборува за неговото шурување и за судскиот процес за Маџар телеком во САД, а за Тачи може да се зборува како соработник на Мијалков“, вели Демири.
Ваквата позиција на овие две партии на Албанците им остава простор на новите партии од тој блок да напаѓаат за тоа што досега не е сработено. Но, упатените проценуваат дека црната кампања има цел пред се да ги убеди граѓаните да останат дома, односно да ги предомисли да гласаат за нивниот политичкиот опонент. Сепак, Гаџовски смета дека за овие избори поради кризата која трае речиси две години, помал е бројот на оние кои се уште не знаат за кого ќе гласаат.
Инаку официјално изборната кампања почнува на 21 ноември од кога ќе почнат и митинзите, средбите со граѓаните, промоцијата на партиските програми и кандидати и платеното политичко рекламирање. Кампањата ќе трае до деветти декември на полноќ односно 24 часа пред изборите кои ќе се одржат на 11 декември.