Достапни линкови

Бегство од пораз маскирано во модел „очи во очи“


Груевски бега од единицата и тоа го затскрива зад објаснувањето дека сака директно соочување со Заев, велат дел аналитичари. Тие објаснуват дека позицијата на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е слаба, па затоа оди во четвртата изборна единица, каде, според нив, се уште има поддржувачи.

Изборот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да ја предводи четвртата, наместо очекуваната прва изборна единица, експертите го толкуваат како реална политика која партиите си ја креираат како што ним им одговара.

Професор Никола Дујовски е убеден дека Груевски намерно „бега“ од единицата и воопшто не се согласува со објаснувањето дека ќе оди таму каде што е Заев, за директно да се соочи со него.

„Тој вели дека Заев избегнал од соочување во единицата, што не е така, зошто Заев освен на минатите избори, секогаш бил носител на четвртата изборна единица. Овојпат Груевски намерно ја избегнува единицата затоа што тука ќе доживеат голем пораз. Општина Центар, повеќето скопски општини и други делови од единицата, нема поддршка ВМРО-ДПМНЕ. И самиот Никола Груевски е свесен дека во таа изборна единица мора некој нов човек, токму затоа го кандидираа Никола Попоски којшто можеби нема минато и оставштина какви што има Груевски“, изјави Дујовски.

Професорот Башким Селмани, пак, вели дека секогаш е добро да кога има директно соочување, но, сѐ помалку е убеден дека тоа може да му донесе поени на Груевски.

„Мислам дека тоа не игра посебно влијание врз гласачите. Груевски го користи сега моделот „очи во очи“ и тоа можеби делува психолошки врз неговите симпатизери, но не сметам дека тоа е повеќе политичка логика отколку реална,“ изјави Селмани.

Дујовски вели дека Груевски нема што да им понуди на гласачите во првата изборна единица и многу подобро ќе помине во Прилеп и Кавадарци отколку во општина Центар.

„Тој своите активности ќе ги насочи кон Прилеп, кон Кавадарци, Неготино и други општини. Сигурно нема толку ниту во Струмица да се задржува. Сигурно полесно ќе помине таму, отколку да се појави пред гласачите во Центар. Се е тоа смислено поради изборната кампања“, вели Дујовски.

Селмани пак додава дека преминувањето од една во друга изборна единица дополнително ги збунува гласачите кои очекуваат за нив да се бори човек кој е запознаен со конкретните проблеми и прашања во општините кои влегуваат во одредена изборна единица.

„Тоа е голем проблем. Еве дел од граѓаните велат - Зошто јас да излезам да гласам за тој кандидат кој воопшто не ги познава проблемите што ги има во таа избора единица?Тоа е реален проблем кој во Македонија го иницираат самите лидери на партиите. Тоа не е ни фер ни етичко однесување кон гласачите“, констатира Селмани.

По објавувањето на кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски на својот фејсбук профил напиша дека се одлучил да ја предводи изборната единица четири поради тоа што сака да се соочи со Заев и како што вели, директно да го победи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG